Филип Дракалски, студент по медицина и поет
Филип Дракалски (22) е студент на Медицинскиот факултет во Скопје, но и оратор, водител и автор на четири книги. Неодамна беше издадена неговата прва поетска збирка со наслов „Его“. Издавачот на ова дело, здружението за книжевен развој „Нов Вавилон“ од Битола, му го додели на Филип признанието за афирмација на македонскиот јазик и литература. Дракалски има и свој блог, чија цел не е само себепромоција туку вклучување и други млади креативци. Првата книга ја објавува на 12 години, а потоа ги објавува „Запеј Срце“ (2014 г.) и „Патот до Лондон“ (2015 г.), која може да се прочита онлајн.
Колку ве има вас, вашите лични размислувања, одлуки и дилеми, во вашата нова книга?
– Далеку од тоа дека книгата е автобиографска, но секој стих си има своја приказна. Кога говорам за приказна, мислам на онаа вистинската. А што е вистина низ стиховите, останува секој да открие сам. Често пријателите ми викаат дека оставам простор за секој да мисли дека му пишувам токму нему, за неговиот живот, па ако секој успее да си го најде „своето место под сонцето“ во моите стихови, значи дека сум направил добра работа. Поезијата ги следи приказните од секојдневието, преточени во стихови со силни метафори, што оставаат впечаток дека константно се води борба помеѓу сонот и јавето, вистината и лагата, победата и поразот.
Како е претставено егото на страниците на „Его“?
– Егото е место каде што се раѓаат и создаваат нашите стравови, борби, одлучности. Нашето второ јас. Место каде што сме и каде што ќе бидеме. Гласот во нас што секојпат (не)себично одлучува за многу работи без ние да забележиме. Егото во моите стихови раскажува многу повеќе. Од општество до љубов, до ѕвезди до галаксии, само треба некој подлабоко да се нурне и ќе го најде она што го бара. И токму поради тоа книгата несебично му остава на читателот да креира своја визија, да си го претстави секој стих на свој начин. Иако навидум стиховите се напишани во прво лице еднина и изгледаат како да се говори за некоја љубов, треба да се нурне подлабоко за да се пронајде вистината.
Присутен сте на повеќе места, од конгреси по медицина до ораторски вечери, културни настани, а наоѓате време и за одржување на физичката форма. Како успевате да најдете баланс меѓу сите тие активности?
-Медицината е мојата прва љубов и така и ќе остане. Што се однесува до пишувањето, тоа е само хоби, филтер за да се избега од секојдневието и да се каже она што сакаме да го премолчиме. Медицината и пишувањето се допираат – двете се однесуваат на човекот, но медицината е лек за телото, а пишувањето лек за емоциите. Балансот доаѓа сам по себе, ништо не треба да се форсира, сѐ во свое време.
Што повеќе ве повредува лажните пријатели или неправдата?
– И едното и другото. Не постои човек што може да остане имун, да биде отпорен на неправда и на лажни пријатели. И двете знаат да нѐ научат да бидеме уште поупорни во остварувањето на својата цел, оти без пречки животот не е живот. Константно се случува да ме извадат од такт непочитувањето, неправдите, лошите луѓе. Често се прашувам што се случува со општеството и никако не успевам да си дадам одговор. Ме мачи дилемата зошто наместо да гледаме во сопствениот двор почесто го гледаме туѓиот. Чинам дека некако сме ги изгубиле вистинските вредности и сме се заборавиле себеси.