Последните истражувања на ЕБРД, која го следи развојот на земјите во транзиција, покажуваат дека претпријатијата во државна сопственост во просек сѐ уште вработуваат половина од вкупниот број вработени
Истражување на ЕБРД за пазарот на трудот:
Државните претпријатија осигуруваат релативно стабилен извор на вработување во време на економска криза. Додека фирмите од приватниот сектор беа соочени со намалени приходи, како последица на економската криза предизвикана од пандемијата, како и со намалување на бројот на вработените, националните влади во земјите од регионот не се одлучија да воведат рестрикции во јавниот сектор, со намалување на вработените лица, кои учествуваат со голем процент од вкупната вработеност во одредена земја. Економистите предупредуваат дека ваквата деловна политика на долг рок е неодржлива, поради неекономичното и непродуктивно работење на државните компании.
Последните истражувања на ЕБРД, која го следи развојот на земјите во транзиција од падот на социјализмот, покажуваат дека претпријатијата во државна сопственост сѐ уште вработуваат половина од вкупниот број вработени.
Најлошо котираат земјите што биле во рамките на поранешен СССР. Но и земјите како што е Хрватска сѐ уште се далеку од развиените земји, според бројот на вработени во државните претпријатија, како што се на пример Италија и Германија. Во хрватскиот јавен сектор работат четвртина од вработените лица, а околу десет отсто се во државните претпријатија.
Јавниот сектор со децении е најслабата алка во економскиот развој на земјата и приближувањето на Хрватска кон другите членки на ЕУ. Една од мерките што Хрватска треба да ги исполни со преминувањето на еврото е подобрување на корпоративното управување во државните претпријатија. Рокот за приспособување на овој услов е до првиот квартал од 2022 година, а Хрватска би требало во државните претпријатија да ги спроведе правилата на ОЕЦД, кои важат за успешно корпоративно управување.
Последното истражување за бројот на вработените во јавниот сектор, кое е спроведено од Институтот за јавни финансии во 2010 година, покажува дека Хрватска нема преобемен јавен сектор, што не е случај и со бројот на вработените во државните претпријатија. Главно, државните компании се концентрирани во секторите енергетика, комуникации и сообраќај.
– Во многу земји овие претпријатија служат како автоматски стабилизатор и овозможуваат релативно стабилни извори на вработување во време на економска криза – се наведува во најновиот извештај на ЕБРД.
Истражувањата за домаќинствата, кои биле спроведени во првите месеци по ширењето на корона-кризата, покажува дека вработените во државните претпријатија биле повеќе заштитени од неизвесноста од економската криза, како што се губење на работното место и намалените приходи. Но како заклучок се наведува и тоа дека националните влади ќе имаат тешкотии со управувањето на државните компании, доколку продолжи пандемијата.
Јавниот сектор и државните претпријатија во Србија и натаму претставуваат сериозен ризик за фискалната стабилност и за целокупното стопанство. На краток и среден рок не се очекува приватизација на јавните претпријатија што извршуваат дејност од јавен интерес и затоа е потребно да се насочат на подобрување на нивното работење и на зголемување на транспарентноста и одговорноста – вели Душко Васиљевиќ од Светската банка.
– Имаме состојба кога јавните претпријатија повторно генерираат загуби по неколку години успешно работење и тоа е циклус што редовно се одвива. Во некои од државните претпријатија се почнати некои реформи, како на пример во Железницата и во други големи форми како Електростопанството на Србија и „Србијагас“. Но неодамнешната анализа на ММФ за 20 земји од Средна и Источна Европа, покажува дека во сите, без исклучок, работењето на јавното претпријатие подразбира ниска продуктивност и поголеми трошоци и фискални ризици за економијата. Србија е на 15-то место по квалитетот на корпоративното управување во јавните претпријатија. Ова значи дека има многу простор за напредување – вели Васиљевиќ.
Професорот на Економскиот факултет во Белград, Милорад Филиповиќ, смета дека некои државни претпријатија заслужуваат да одат во приватизација, некои да бараат приватни инвестиции, а некои се заглавени во неефикасното дејствување поради преголемите апетити на државата. За Петар Ѓукиќ, професорот на Технолошко-металуршкиот факултет, делумната приватизација на претпријатијата би довела до некаков ред во овој сектор, но нагласува дека е потребна претпазливост за да не се наруши јавниот интерес.
– Јавниот сектор го влече огромниот дел од економијата во ниска продуктивност, недоволни инвестиции и отсуство на модернизација, а многу компании во светот се приватизираат за да се зголеми нивната продуктивност – вели Ѓукиќ.
Македонскиот премиер Зоран Заев минатата недела објави дека државата планира дел од буџетските потреби за следната година да ги покрие со приватизација на државни компании, а ги спомена „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“. Сепак, ќе се нудат на продажба и „Попова Шапка“, „Ливадиште“, ТЕЦ „Неготино“ и слични ресурси.
– Очекуваме да се зголемат перформансите на нивното работење со влез на приватен капитал, тоа може да биде до 100 отсто откупување, може да биде јавно-приватно партнерство, државата да задржи еден дел, а под концесија да се даде друг дел и слично. Станува збор за неефикасни ресурси во рацете на државата и тие треба се стават во функција на нови приливи во буџетот. За „Македонски пошти“ веќе има заинтересираност од повеќе европски земји – рече премиерот Заев.