Паралелно со лидерската средба во Клубот на пратениците во Скопје, во Собранието на РМ треба да се најдат на седница пред пратениците измените на Изборниот законик, а веднаш потоа ќе следува изборот на нови членови на Државната изборна комисија
Почетокот на оваа седмица, во екот на летните одмори, започнува со интензивна работна динамика на политички план во Македонија. Во понеделничкото утро, уште во 9 часот, ќе биде отворено со продолжение на лидерската средба во состав: Зоран Заев (СДСМ), Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ), Али Ахмети (ДУИ) и Билал Касами (Беса). Очекувањата од третата лидерска средба, која се случува во период од пет дена, се очекува да биде постигнат договор за формирање ДИК, но и за поддршка од опозицијата за спроведување на референдумот за позитивно граѓанско изјаснување за спогодбата од Мала Преспа. Според одредени информации, другата страна, односно опозицијата очекува да бидат исполнети нејзините барања за т.н. пржинска влада (техничка влада сто дена пред избори), договор за законот за финансирање на партиите, но и измени на Кривичниот законик.
Пред одржувањето на понеделничката лидерска средба, во повеќе изјави од владејачката СДСМ бараат од опозицијата да се заложи за иднината на земјата.
– Во интерес на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ треба да се заложи за иднината на Македонија, а не за амнестија на криминалите направени од врвот на нивната партија – велат од СДСМ.
Од опозицијата возвраќаат дека не отстапуваат од веќе утврдените ставови.
– ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот дека условите што еднаш важеле за избори треба да важат и сега. Бараме почитување на пржинскиот концепт на техничка влада пред избори и на концептот за финансирање на политичките партии што веќе беше договорен – е ставот на најголемата опозициска партија.
Во меѓувреме се чини дека зад сцената на јавните политички изјави се одвиваат интензивни меѓупартиски пазарења, за кои се појавуваат неофицијални информации во јавноста, често и контрадикторни. Од таквите неофицијални информации излегуваат шпекулации дека дел од лидерскиот пакет на договарање ќе биде и прашањето на широката влада, откако од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека токму таква понуда добиле од премиерот. Иако од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја одбиле таквата понуда, велат дека предложената широка влада би имала мандат до членството на Македонија во НАТО и би работела и на реформите за ЕУ. Во однос на Кривичниот законик, од СДСМ велат дека тие немаат ништо против подобрување на законот, но тврдат дека јасно кажале дека измените не смее да навлегуваат во случаите на СЈО. Откај Мицкоски тврдат дека такво нешто не ни бараат, туку инсистираат на измени што би ги заштитиле партиите. Во целиот пакет на очекувања од лидерската средба, датумот за распишување референдум, на кој сега типуваат поддржувачите на таа идеја, е поместен на 30 јули.
Паралелно со лидерската средба, во Собранието на РМ треба да се најдат на седница пред пратениците измените на Изборниот законик, а веднаш потоа ќе следува изборот на нови членови на Државната изборна комисија.
Измените на Изборниот законик доцна во минатиот петок поминаа на Комисијата за европски прашања, во тензична атмосфера, со жестоки кавги и меѓусебни обвинувања на пратениците. За динамиката и високите политички температури во претстојнава седмица, секако може да придонесе и најавата на спикерот на македонското собрание, Талат Џафери, кој вели дека очекува договор за ДИК, но и порача дека законот за ратификација на договорот со Грција и законот за употреба на јазиците, ќе бидат испратени на објавување во „Службен весник“ пред распишување на референдумот за името.