На 14 ноември 1944 година, нашиот весник, „Нова Македонија“, на своите страници го објавува прогласот на Градскиот народноослободителен одбор во кој било истакнато дека „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено. Крвавиот германски фашистички окупатор е истеран од нашиот град“. Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември, штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“
На денешен ден пред 76 години
Да се биде слободен, значи до последен здив да се бориш за таа слобода што сакаш да ја живееш. Да се живее во слободен град, значи да бидеш подготвен да умреш за таа цел. Се чини дека постојано се бориме за слобода. Денес можеби малку поинаква слобода од онаа што на 13 ноември 1944 година, пред 76 години, ја извојуваа нашите предци, развиорувајќи ги знамињата низ слободните улици на Скопје. Поинакви се борбите со кои се бореле тие тогаш и ние сега. Ослободителите се бореле против германските, бугарските, албанските фашистички окупатори… Денес агресијата е со различна форма, но сепак со иста подјармувачка и асимилаторска тенденција, каде што се настојува да се деноминираат македонскиот народ, јазик и историја. Понатаму, уште еден отворен фронт е пред нас, а тоа е една глобална војна против злокобна болест што се заканува да биде чума на 21 век. Сепак, истрајноста, желбата за победа и посветеноста, исти како оние што ги манифестираа борците за слободно Скопје, се она што нѐ мотивира да истраеме и во овие битки и да излеземе посилни, помудри и, се разбира, како победници.
ЗНАМЕТО НА СЛОБОДНО СКОПЈЕ РАЗВЕАНО НА ВРВОТ НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ
Во своите спомени објавени во 1968 година, директниот учесник во борбите за ослободувањето на Скопје, Ангеле Михајловски-Ѓаче, истакнува дека подготовките за ослободувањето на градот биле завршени со големо нетрпение. Според неговото сведоштво, ослободителите нетрпеливо ја очекувале наредбата за напад на германските сили, кои сакале да го запалат и уништат Скопје.
Студеното есенско време не ги спречило ослободителите да се изборат за слободата. Борбата почнала со нападот на 3-та и 12-та Македонска бригада врз надворешниот периметар на окупаторските сили на Скопје, Кисела Вода, Лисиче и Гребенот на Каршијак (врвот на Водно). На 12 ноември 1944 година, борбите продолжуваат по улиците на Скопје, а во борбите учествувале 8-та бригада од 42-та и 50-та дивизија. Борбите продолжиле по улиците на Скопје и на 13 ноември, а 16-та бригада од Кумановската дивизија била упатена од Скопска Црна Гора кон Скопје. Таа ги нападнала окупаторските сили во реонот на скопските касарни. Во текот на уличните борби, македонската војска добила помош од ударните младински групи организирани од КПМ.
По дводневните улични борби, единиците на 42-та и 50-та дивизија, како и на 16-та Македонска бригада го ослободуваат Скопје. Германските воени сили имале поставено мини во сите јавни објекти, вклучувајќи и на Камени мост, меѓутоа партизанските единици, со помош на населението го спречуваат нивното уништување. Во текот на борбите, железничката станица била освоена без да биде уништена, притоа биле запленети неколку локомотиви и вагони натоварени со топови, кои Германците не успеале да ги спасат.
Дека Скопје е конечно ослободено можело да се увиди од развеаното македонско знаме на врвот на Офицерскиот дом.
Радосни за дочеканата слобода во градот, жените излегувале на улиците да прослават и да ги пречекаат борците. Со цвеќе во рацете, а и со леб и сол ги пречекувале ослободителите.
ПРОГЛАСОТ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОБЈАВЕН ВО „НОВА МАКЕДОНИЈА“
На 14 ноември 1944 година, нашиот весник, „Нова Македонија“, на своите страници го објавува прогласот на Градскиот народноослободителен одбор во кој било истакнато дека „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено. Крвавиот германски фашистички окупатор е истеран од нашиот град“. Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември, штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“.
На 15 ноември, во 12 часот, сите бригади биле построени на плоштадот. Командантот на Главниот штаб на НОВ на Македонија, генерал-лајтнант Михаил Апостолски извршил смотра на построените борци. По извршената смотра, Апостолски одржал говор и им оддал признание и благодарност што учествувале во борбите за ослободување на Македонија и на Скопје.
Одбележувањето на празникот во согласност со здравствените протоколи
Поради пандемијата на коронавирусот, сите настани по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, се одвиваат во согласност со заштитните здравствени протоколи.
Делегации на Град Скопје, градските јавни претпријатија и културни институции, како и претставници на скопските општини, ќе положат цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, како и пред вечното почивалиште на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужни граѓани на гробиштата во Бутел.
Цвеќе ќе биде положено и пред Споменикот на ослободителите на Скопје.