Завршија годинaшните истражувања во Голема Пешт
Археолошкиот музеј на Македонија ги заврши годинaшните палеолитски истражувања на пештерата Голема Пешт кај селото Здуње. Оваа пештера, која припаѓа на типот едноставни и суви пештери, се истражува од 1999 година, а местоположбата ѝ овозможува добра прегледност кон околината и вештачкото езеро Козјак. Во неа има само една сала долга 31 метар, широка 18,5 метри и мало плато.
Од музејот информираат дека ископувањата се вршени во предниот нејзин дел со две сонди и во задниот дел со уште две сонди. Лани е отворена петтата сонда, а годинава се продолжи со ископувања во затскриениот дел од влезот во неа.
– Причина за истражувањата токму во овој простор се поголемата или намалената населеност, намаленото влијание на водата, на влагата, на ветровите, на ерозиите и др., но и потрагата по прецизни датирања, кои досега покажуваа радијација во отворените предни зони од пештерата. Интердисциплинарно се вклучени физичко-хемиските методи ЕСР, ОСЛ, ДНА -посочија од музејот.
Бројот на наодите е богат и со кварцни артефакти и со фосилни животински коски.
– Типолошки и технолошки литичкиот материјал е типичен за мустериен, фазата левалоа-мустериен со отсуство на горно палеолитски показатели (кои беа откриени во претходните сонди).Токму оваа левалоашка техника,која доминира во сондата пет, како и огништата на повеќе нивоа ќе бидат одличен извор за лабораториските испитувања, кои се работат во Лајпциг и во Њујорк – додаваат од Археолошкиот музеј.
Оттаму напоменуваат дека несомнено материјалот припаѓа на неандерталскиот род и дека последниот егзактен датум од еленски заб е датиран со електроспин-резонансата – ЕСР 85.000 години пр. н.е. Меѓу многубројните примероци oд оваа сезона, како куриозитет се смета откриената групација од четири еленски заби со вилица, кварцни, животински фосилни артефакти и јагленчиња околу нив.
Раководителка на проектот е Љиљана Шаламанов-Коробар, кустос-советничка за палеолит, а екипата ја сочинуваат археолозите Благоја Китановски, Перо Синадиновски и Сашко Василевски, архитектката Марта Пејоска, како и техничките лица Јован Ханџиски и Христо Ежовски. Проектот досега се реализира со континуирана финансиска поддршка од Министерството за култура.