Австралиските истражувачи велат дека откривањето на череп стар два милиона години во Јужна Африка дава повеќе информации за човечката еволуција. Черепот е остаток од машки „парантропус робустус“, своевиден „роднина“ на „хомо еректус“ кој се смета за директен предок на современиот човек. Двата вида живееле приближно исто време, но порано исчезнал „парантропус робустус“, пренесува Би-би си.
Истражувачкиот тим откритието го оценило како возбудливо, а им биле потребни повеќе од 300 часа да го состават черепот.
– Повеќето остатоци од фосили се поврзани со забите, затоа нешто вакво е многу ретко и затоа сме многу среќни – изјавила докторката Анџелин Лис.
Истражувачите од универзитетот „Ла Труб“ во Мелбурн пронашле делови од черепот во 2018 година на археолошкиот локалитет Дримолен северно од Јоханесбург, Јужна Африка. Черепот бил откриен на само неколку метри од местото каде што бил пронајден и череп со приближно слична старост, во 2015 година.
Археолозите го составиле и анализирале фосилот во изминатите неколку години. Нивните откритија се објавени во списанието „Природа, екологија и еволуција“.
Истражувачот Џеси Мартин изјавил дека работата со фосилни остатоци е како да држите влажен картон, додавајќи дека користел пластични сламки за да ги извади последните траги од нечистотија од нив.
Се верува дека во Јужна Африка истовремено живееле три вида суштества „хоминис“ слични на човекот. Откривањето на черепот е редок пример за „микроеволуција“ кај човечкиот вид, рекол Мартин.
„Парантропус робустус“ има големи заби и мал мозок, за разлика од „хомо еректус“ кој има голем мозок и мали заби. Се верува дека исхраната на првиот човек значела дека тој јадел претежно цврсти растенија, како што се корења и кора.
– Со текот на времето, „парантропус робустус“ веројатно еволуирал така што можел да генерира и да издржи поголема сила при гризење и џвакање, но било тешко или механички предизвик да се процесира со вилиците и забите – објаснила Лис.
Научниците велат дека влажното опкружување предизвикано од климатските промени можеби било причина за намалување на количеството храна што им била достапна.
Во меѓувреме „хомо еректус“, со помали заби, веројатно јадел и растенија и месо.