Фото: Игор Бансколиев

Зошто СПЦ и БПЦ сакаат да ја присвојат Охридската архиепископија како свој корен

Писмената комуникација меѓу СПЦ и БПЦ ги потврдува тенденцијата и аспирациите на двете наши соседни цркви (СПЦ и БПЦ) дека тие недвосмислено тежнеат кон присвојување на МПЦ, а со тоа и на ОА, но со различни појдовни основи и различен влог во таа игра, а секако со нивна иста крајна цел…

Битката за превласт врз Македонската православна црква-Охридска архиепископија всушност е потврда за исконската вредност, тежина и духовна сила што во себе ја има и ја носи нашата национална црква. Таа има изворен историски континуитет во лицето на Охридската архиепископија и во нејзините духовни корени на овие простори. Ете тој факт на еден многу интересен начин се потврдува и во последно време. Имено, зголемените апетити на соседните цркви за земање под закрила на нашата црква, како и грабањето за нашата ОА, фрлаат дополнително светло на одговорот на прашањето зошто МПЦ-ОА е „најслаткиот залак што сите би сакале да го лапнат со сласт“.

Токму во тој контекст е последното писмо што српскиот патријарх Иринеј во април годинава му го испратил на бугарскиот патријарх Неофит, наменето баш за црковниот проблем во Македонија, односно на предизвикот Бугарската православна црква да биде промотор на идејата поведена од МПЦ-ОА за признавање на нејзината автокефалност, а за возврат БПЦ да го добие статусот на нејзина мајка црква.
Анализата на познавачите на верските состојби кога ја коментираа писмената комуникација меѓу СПЦ и БПЦ недвојбено вели дека таа оди во насока на потврдување на тоа дека и двете соседни цркви СПЦ и БПЦ тежнеат кон присвојување на МПЦ, но со различни тенденции и планови.

– МПЦ е нераскинливо поврзана со Охридската архиепископија, зашто и денешната МПЦ е основана како возобновител на самата ОА. Историскиот континуитет на нашата црква ѝ дава легитимитет во православниот свет. Со самото присвојување на МПЦ-ОА, црквите како СПЦ и БПЦ ќе покажат различна генеза на постоење, односно ќе го покажат коренот во православието -нагласуваат аналитичарите.
Црковниот историчар Драган Зајковски од Институтот за национална историја вели дека тенденцијата на присвојување на МПЦ-ОА е посебно видлива кај СПЦ, која не прифаќа да се откаже од духовната власт врз епархиите во Македонија.
– Доказ за односот на СПЦ кон МПЦ-ОА во основа се докажува и преку писмото и речникот на патријархот Иринеј. Во прашање е српскиот национализам видлив и кај челниците на Српската црква. Тие сѐ уште нѐ гледаат како класичен српски југ. Во голема мера тука имаат влијание и релациите на тврдокорните српски владици со
тврдокорните грчки владици -додава Зајковски.

Фото: Игор Бансколиев

ОСТРО ПИСМО

Српскиот патријарх Иринеј отворено му се заканува на бугарскиот патријарх Неофит дека преземените чекори на БПЦ можат да се одразат негативно на нивните заемни односи.
– Ние бевме не помалку изненадени од одлуката на вашиот свет синод дека бугарскиот патријарх е „потполно свесен за својата света должност“, бидејќи „Македонската православна црква ја признава Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија за своја мајка црква“. Не се сомневаме во искреноста на вашата изјава дека „Бугарската патријаршија никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската православна црква“, туку на сличен начин, следејќи ја нашата сопствена совест за пасторска грижа и должност кон црквата божја, ние треба да ви напоменеме дека сте избрале неканонски начин за лекување на страшната рана на телото Христово со мешање во внатрешните работи на една сестринска помесна црква – Српската православна црква, и со нарушување на сеправославниот консензус во врска со скопската шизма, а консензус со кој и вие сте согласни повеќе од половина век. Замислете како би се чувствувале вие и како би реагирале доколку некоја помесна православна црква, меѓу кои и Српската православна црква, во време на голема криза поради шизма во вашата црква, одлучи, без да ја праша вашата црква и без да ја почитува вашата канонска јурисдикција, да изјави дека се чувствува повикана да им помогне на бугарските шизматици да добијат, без покајание и без никакво преиспитување на нивното шизматичко „кредо“, на нивниот нормален канонски статус, и дека има право да „посредува“ врз основа на фактот дека шизматската организација е подготвена да признае една од православните цркви – на пример Српската православна црква, за своја мајка црква (како мајките да можат да се избираат!) – стои во писмото потпишано од српскиот патријарх.

ОХРАБРУВАЧКИ ПОДВИГ НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА

Вселенската патријаршија на крајот од мај годинава презеде одговорност за решавање на канонскиот статус на црквата во Македонија, прифаќајќи го писменото барање во кое името на МПЦ-ОА би било Охридска архиепископија и истото тоа би било заведено во диптихот на православните цркви. Според верските аналитичари во земјава, ваквата постапка на вселенскиот патријарх Вартоломеј е за поздравување, особено зашто Вселенската патријаршија е вистинската адреса за решавање на македонското црковно прашање. Тие очекуваат вселенскиот патријарх да ги земе предвид канонскиот поредок и фактот дека до 1922 година епархиите на територијата на денешна Република Македонија биле под јурисдикција на Вселенската патријаршија, а потоа ѝ биле отстапени на Српската црква.

„Нова Македонија“ уште пред неколку месеци напиша дека вистинската адреса за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА е Вселенската патријаршија, и тоа токму во периодот кога таа активно се ангажира и за надминување на украинското црковно прашање. Но, како и многупати досега, во функција на спречување на конечното решавање на црковниот проблем, а и во поширок контекст и поврзано со политичките притисоци и ирационалниот и наметнат спор за името, сѐ повеќе се гласни оние што ги игнорираат постоењето и засебноста на македонскиот народ, држава и црква, како и негирањето на МПЦ-ОА.


Доказ за печатот на автокефалност

МПЦ-ОА е темел и вековен чувар на македонскиот идентитет, јазик и традиција. Доказ за тоа е што половина век од историската 1967 година, МПЦ е црква со развиено монаштво, цркви и манастири, кои јасно сведочат за нејзиниот континуитет, самостојност и посебност. Нема поголема гаранција за интегралноста на националното ткиво, за идентитетот на македонскиот супстрат и за македонскиот народ, како и држава, од печатот на автокефална Македонска црква, зашто сите доминантно православни држави имаат и своја матична национална црква.