Авторка: Џеки Вотлс

Си-ен-ен

Ричард Бренсон, авантуристичкиот британски милијардер кој ја основа „Вирџин галактик“ во 2004 година вети дека прв ќе развие приватно вселенско летало што ќе им овозможи на стотици луѓе да станат астронаути без да имаат обуки од НАСА. Ако летот со брзина од над 4.000 километри на час до вселената звучи одбивно, Бренсон исто така вети дека сам ќе го испроба патувањето пред да дозволи комерцијални летови. Тој е единствениот меѓу таканаречената група на „вселенски барони“, односно групата на милијардери љубители на вселената, во која спаѓаат и Илон Маск и Џеф Безос, што јавно соопшти дека во блиска иднина ќе отпатува во вселената со летало кое тој го спонзорирал. Компанијата на Безос, „Блу ориџин“, работи на конкуретна суборбитална ракета за вселенски туризам. „Спејс екс“ на Маск се фокусира на транспорт на астронаути и можеби еден ден ќе започне со туристички патувања на повеќедневни мисии во орбитата на Земјата.

Бренсон оствари десетици медиумски појавувања во текот на изминатите десет години и споменуваше разни рокови за неговото вселенско патување кои не се остварија, делумно затоа што градењето на вселенско летало трае подолго од очекуваното и затоа што развојот на „Спејсшип ту“ беше спречен од две трагични несреќи и неодамна со пандемијата. Речиси секоја година почнувајќи од 2004 година, компанијата тврдеше дека од следната година ќе започне со комерцијални летови. Минатиот четврток, „Вирџин галактик“ даде уште еден рок за летот на Бренсон, поточно дека ќе се оствари некаде меѓу јануари и март идната година.

Треба да се нагласи дека изјавата не потекнува од Бренсон. Овој пат тоа го соопшти Мајкл Колглазиер кој неодамна беше поставен за извршен директор на „Вирџин галактик“, чија цел е да ја води компанијата која прераснува од инженерски проект во пустината во Калифорнија во мултимилијардерски бизнис за вселенски туризам. Колглазиер не зборуваше пред новинарите, туку пред инвеститорите во „Вирџин галактик“, кои ја поддржаа визијата на Бренсон откако компанијата дебитираше на берзата на крајот од 2019 година. (Вредноста на компанијата достигна 4,5 милијарди долари, иако сè уште месечно троши над 20 милиони долари, затоа што се труди да влезе во завршните фази од тестирањето и процесот на одобрување на „Спејсшип ту“). Но пораката на Колглазиер во четвртокот јасно покажа дека Бренсон, кој годинава наполни 70 години, сè уште планира да биде се залага за напорите на „Вирџин галактик“ дека речиси секој може безбедно да патува во вселената.

Поборниците за комерцијални летови во вселената одамна тврдеа дека опасноста, па дури и трагедијата, не треба да го спречи апетитот на човештвото за патување во вселената. „Вирџин галактик“ се соочи со првата трагедија во 2007 година, кога три лица загинаа, а неколку беа сериозно повредени за време на тестирањето на ракетниот мотор што го спроведоа вработените од „Скејлд композитс“, инженерскиот и производствен партнер на „Вирџин Галактик“. Тоа ги поттикна критиките од експертите за вселенска безбедност и доведе до покренување на истрага од страна на федералните власти, но компанијата продолжи со работа.

Најмалку осум други вработени во „Вирџин галактик“ ќе летаат со „Спејсшип ту“ пред Бренсон. Компанијата порача дека планира да спроведе нов тест само со двајца пилоти есенва, а во другото патување планирано за почетокот на идната година ќе бидат вклучени двајца пилоти и четири патници. Сето тоа треба да добие дозвола од Федералната администрација за воздухопловство која треба да даде зелено светло за комерцијални летови со „Спејсшип ту“. Бренсон ќе биде дел од вториот лет. Останува нејасно дали бизнис моделот на „Вирџин галактик“ или кој било друг бизнис со вселенски туризам, може да забележи успех и да стане одржлива и профитабилна фирма. Извршните директори на „Вирџин галактик“ со години велеа дека успехот или неуспехот ќе зависи од тоа дали компанијата ќе ја убеди јавноста дека патувањето не само што ќе биде безбедно, туку и ќе вреди за високата цена.

Превод: Билјана Здравковска