Право на надоместок за помош и нега од друго лице имаат лица со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лица со потешка и најтешка телесна попреченост, целосно слепи лица, како и лица со трајни промени во здравствената состојба на кои им се неопходни помош и нега од друго лице, поради тоа што не можат сами да ги вршат основните активности во секојдневниот живот
Право на надоместок за помош и нега од друго лице
Не им е лесно на семејствата што имаат член од семејството со интелектуална попреченост, со потешка телесна попреченост, слепо лице или свој близок со трајни промени во здравствената состојба. Овие лица поради својата здравствена состојба, секако, не може да се грижат за себе и да ги извршуваат секојдневните активности, па поради тоа за нив секојдневно се грижат членовите од семејството. Ваквите домаќинства се соочуваат со низа тешкотии во секојдневното функционирање, бидејќи работоспособни членови мораат да работат и да заработуваат. Но поради грижата за блискиот, некои од нив мораат да отсуствуваат од работа, да работат со скратено работно време или, пак, ако можностите им дозволуваат да ангажираат лице однадвор, за што повторно ќе мораат да издвојат од домашниот буџет.
Лицата со ваков вид здравствени проблеми имаат право на парична помош од државата што ја добиваат откако некој од нивните блиски ќе приложи и соодветна медицинска документација за нив. Понекогаш за членовите од семејствата со вакви лица патот е тежок, бидејќи за нив треба да се направат одредени медицински прегледи, да се обезбеди и одредена медицинска и друга документација.
Право на надоместок за помош и нега од друго лице имаат лица со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лица со потешка и најтешка телесна попреченост, целосно слепи лица, како и лица со трајни промени во здравствената состојба на кои им се неопходни помош и нега од друго лице, поради тоа што не можат сами да ги вршат основните активности во секојдневниот живот, доколку ова право не може да го остварат врз основа на други прописи. Блиските на ваквите лица за да обезбедат право на надоместок за помош и нега од друго лице најнапред мора да поднесат барање во меснонадлежниот центар за социјална работа. Поради пандемијата на ковид-19, сега преку „Мој термин“ полесно се закажуваат прегледите за овие лица, па на тој начин и пократок е патот до бараната помош. Според евиденцијата на Секторот за финансии при Министерството за труд и социјална политика, во земјава има 45.932 лица, корисници на правото на надоместок за помош и нега од друго лице.
– Потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија. Откако странката ќе поднесе барање до меснонадлежниот центар за социјална работа, кон барањето треба да приложи важечка лична карта, дозвола за постојан престој ако е странец, важечка лична карта за лице барател на право на азил, лице со статус на признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството. Исто така, потребно е мислење од матичен лекар за потребата од помош и нега од друго лице со Бартелов индекс, отпусно писмо со специјалистички извештај или друга медицинска документација кон која на увид се доставува и трансакциска сметка.
Исто така, подносителот на барање преку матичниот лекар на „Мој термин“ закажува термин во некоја од првостепените комисии, за што при поднесување на барањето го известува Центарот за социјална работа. Во Македонија се формирани 15 лекарски комисии од кои само во Скопје има пет комисии – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице.