„Безбожното експлоатирање на тоа (македонското) прашање го очајало Македонецот и затоа ние го гледаме со меч во рака да ја пцуе Бугарија и бугарскиот кнез и бугарската влада и егзархот и сѐ што се почитува од сите Бугари“, пишуваше бугарскиот весник „Народни права“ во април 1905 година
Историски сведоштва за тоа како великобугарската идеологија ги попречи
Македонците да создадат сопствена држава во почетокот на 20 век
Врховизмот се затскриваше зад лозунгот „Македонија за Македонците“ и потајно работеше за Санстефанска Бугарија и присоединување на Македонија кон бугарската држава. Бугарската шовинистичка идеологија подмолно се инфилтрира во редовите на македонското движење преку бугарските генерали Данаил Николаев и Иван Цончев, зад кои конците ги влечеа бугарскиот кнез Фердинанд и неговиот дворец. Затоа Јане Сандански најголемиот дел од својата револуционерна дејност помина во борбата против врховистите и нивното влијание во Македонија.
Во почетокот на април 1905 година врховистите, предводени од капетанот Јордан Стојанов, започнуваат поход во Мелничко, притоа бугарскиот капетан изјавува: „Или главата на Јане Сандански ќе падне, или мојата.“ Во ноќта помеѓу 6 и 7 април, врховистите заминуваат од селото Кашина и се упатуваат кон селото Ковачево, но пред полноќ наидуваат на неочекувана заседа, која е организирана од македонскиот великан Јане Сандански.
Во заседата учествувале четите на Сандански, Таската Серски, Атанс Тешовалија, сѐ на сѐ околу седумдесет комити. Борбата се одликувала со необична жестина и во престрелката загинале седум врховисти, а шест биле ранети. Меѓу загинатите врховисти биле војводите Давитко, Партениев, потпоручникот Јанков и др., а капетанот Јордан Стојанов бил ранет и одвај се спасил, оставајќи околу четириесет врховисти во заробеништво. Другите се предале и биле разоружени.
Следниот ден, шестмина од заробените врховисти биле изведени пред револуционерниот суд поради своите злосторства. Од нив, четворица биле осудени на смрт и на 8 април била извршена пресудата, а другите двајца биле ослободени. По погубувањето, Јане одржал говор пред преостанатите врховисти истакнувајќи дека тие биле поддржувани и плаќани од бугарската влада и кнез, дека нивната цел е да ја освојат татковината на Македонците, дека „немаат потреба од бугарски пушки, бугарска помош, од егзархијата, пцуел (ругал) сѐ бугарско“ итн., како што пренесува бугарскиот весник „Народни права“.
Таската Серски и Андон Ќосето биле задолжени да ги спроведат заробените врховисти до бугарската граница, а Сандански пред заминувањето им препорачал: „Уште со своето доаѓање вие го нарушивте статутот на Организацијата (ВМРО, б.н.). Кој сака да се бори за слободата на Македонија, треба да се потчини на револуционерните закони! Запомнете добро, нема да ви дозволиме да правите лична политика со нашето свето дело!“
По кашинскиот настан, бугарскиот весникот „Народни права“ напишал: „Искрените дејци на таа Организација (ВМРО, б.н.), длабоко ги презираат сите оние што си подигруваат со ослободителната кауза, безбожно ја експлоатираат за лични користи, амбиции, или ја употребуваат како кос во политиката на балканските државички. Тој говор (говорот на Сандански, б.н.), тоа дело, внушува по неволја почит кон македонските борци и ги гони државните мажи да се подзамислат и еднаш засекогаш да го определат своето држење кон тоа општонародно дело. Безбожното експлоатирање на тоа (македонското, б.н.) прашање го очајало Македонецот и затоа ние го гледаме со меч во рака да ја пцуе Бугарија и бугарскиот кнез и бугарската влада и егзархот и сѐ што се почитува од сите Бугари.“
Не треба да нѐ зачудува острата реакција на Јане Сандански, затоа што врховистичката великобугарска идеологија беше најголемото зло поради кое Македонците не создадоа сопствена држава во почетокот на 20 век. Сандански не е основач на македонската револуционерна идеологија – запазување на внатрешниот карактер на борбата, самостојност, државна обособеност на Македонија, демократски развој на Балканот, балканска федерација, отпор против завојувачката политика на Балканот итн. Но тој се пројави како „најфанатичен приврзаник“ на македонската самостојност.
Од денешна перспектива, некој може да тврди дека Јане Сандански ги „нарушувал“ односите помеѓу Бугарија и Македонија, но вината не е во Сандански, туку во однесувањето на бугарската држава и нејзините националшовинистички манифестации. На македонскиот великан не му преостанало ништо друго освен да ја предводи борбата против сите посегања врз Македонија и македонскиот народ. Сандански до крајот на својот живот останал доследен на македонските принципи и строго го казнувал секој што ја загрозувал македонската кауза.
Да го оставиме настрана кашинскиот настан за момент и да им оставиме на историчарите уште повеќе да го осветлат и да ѝ го претстават на македонската, но и пошироката јавност, бидејќи тој го заслужува тоа.
Сега и овде, потсетувајќи се на тој настан, да ги разгледаме денешните македонско-бугарски односи. Во изминативе денови имавме можност да слушнеме обвинувања дека „длабоката држава“ (новинари, професорски структури, разни структури во Владата, структури во државната безбедност итн.) ги нарушува односите помеѓу Македонија и Бугарија. Исто така можевме да слушнеме дека споменатите „структури“ секогаш кога ќе се подобреле односите помеѓу Бугарија и Македонија се обидувале да ги нарушат. Притоа се добива впечаток дека овие т.н. структури се „туѓо тело“, како да не се дел од македонскиот народ, а самиот македонски народ како да не ги споделува нивните погледи. Ако внимателно се анализира, обвинувањата се однесуваат на македонската интелигенција што ги штити интересите на македонската нација и држава.
Меѓутоа не може да се говори за подобрување на односите помеѓу Бугарија и Македонија, туку за нивно влошување. Од осамостојувањето на Македонија до денес, македонско-бугарските односи никогаш не биле полоши. Главен виновник за оваа состојба е бугарската политичко-општествена елита, која ги негира македонскиот народ и неговите особености (јазик, култура, историја итн.), а не „длабоката држава“.
Македонската интелигенција што произлегува од македонскиот народ само ги брани неговите интересите. Всушност, досега нашата политичко-општествена елита беше во дефанзива, а не во офанзива, но со последната декларација на политичката партија Левица како да се менува плимата. Затоа не треба да се зачудиме доколку бидеме сведоци на интелектуални „заседи“ што Македонците ќе ги постават на новите врховистички походи што пристигнуваат од бугарската држава, како што прaвеше Јане Сандански во минатото.