Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Македонија нема податоци дали некоја институција или надлежен орган вршат контроли на средствата за дезинфекција, кои се задолжително поставени на влезот во продавници, кафулиња, ресторани или здравствени и образовни институции… Веројатно поради тоа не се регистрирани случаи во кои надлежни институции утврдиле неисправност на средствата за дезинфекција. Но граѓани сѐ почесто се јавуваат во редакцијата со забелешка дека регистрираат средства за дезинфекција што имаат рачно напишани етикети на шишињата, како и такви што немаат никакви етикети на шишето од кое прскаат на рацете…

Речиси и да нема јавен простор, како продавници, кафулиња, ресторани или здравствени и образовни институции каде што на влезот нема поставено средства за дезинфекција на рацете на граѓаните. Повеќето од луѓето ја прскаат оваа течност на своите раце без да размислат што всушност има во шишето, мислејќи дека на овој начин направиле соодветна заштита и дезинфекција. Но мора и да се забележи дека ретко на кое средство за дезинфекција поставено на различни места има истакнато декларација.
За таа цел разговаравме и со сопственици на неколку кафулиња и продавници, кои посочуваат дека, според препораките, тие мораат на влезот во објектите, или, пак, на секоја маса во кафулињата да постават средства за дезинфекција, кои главно содржат голем процент на алкохол.
– Голем дел од гостите кога ќе седнат на маса ги дезинфицираат рацете, но има и такви што воопшто не го ни погледнуваат средството. Санитарните инспекции кога доаѓаат во контрола, единствено им е важно да видат дека на определените места има поставено вакви шишиња со дезифициенс. За тоа што содржат внатре тие, никој не побарал да се испита – посочуваат вработените во кафулињата.

Целиот овој период од почетокот на пандемијата на коронавирусот, здравствените власти укажуваат дека секој поединец треба да се грижи за сопствената заштита, односно да ги почитува основните мерки за заштита од вирусот, како миење и дезинфекција на рацете, одржување физичка дистанца и носење маска.
Токму затоа во јавноста сѐ почесто се наметнува прашањето за квалитетот на средствата што може да се најдат на нашиот пазар. Се поставува прашањето дали сите тие течности што се ставаат на рацете навистина штитат од коронавирусот, како и дали некој ги контролира сите тие дезинфекциски средства што може да се купат на пазарот.
Граѓаните најмногу се сомневаат во средства за дезинфекција што имаат рачно напишани етикети на шишињата, како и во оние што немаат никакви етикети на шишето од кое прскаат на рацете, но и во оние кај кои рачно има напишано нешто. Велат дека ретко кое средство што стои на влезот на одредена институција има декларација, зашто во најголем број случаи станува збор за рефус-пакување.

Дали таа течност воопшто ги штити граѓаните од коронавирусот?
Сепак, докторите препорачуваат дека за да бидат ефективни, средствата за дезинфекција мора да содржат најмалку 70 проценти алкохол, бидејќи во спротивно не ѝ служат на целта, односно не го уништуваат коронавирусот.
Но најдобро, според нив, е граѓаните да ги мијат рацете со сапун и вода.
Граѓаните, пак, имаат различни искуства. Велат дека некои од средствата се многу силни, па ги прават нивните раце суви. Кај некои од прекумерна употреба на средства за дезинфекција се појавиле пукнатини на кожата на рацете.
Д-р Сузана Николовска, в.д. директорка на Клиниката за дерматовенерологија во Скопје, вели дека токму во овој период кога препораките се често миење на рацете, но и примена на средства за дезинфекција што содржат алкохол, можат да се случат промени на кожата на рацете кај луѓето, како црвенило, чешање, или, пак, испукана кожа на рацете, но тоа не треба да биде оправдување да не се почитуваат овие мерки.
– Сите тие состојби и промени на кожата лесно се лекуваат, но како превенција од тоа, по секое миење на рацете или, дезинфекција со алкохол, кои можат да ја исушат кожата и да го уништат бариерниот слој на кожата на рацете, треба да се користат креми за нега на кожата – посочува докторката.

Според неа, Клиниката за дерматологија направила истражување за тоа колку здравствените работници што не работат во ковид-центрите ги мијат рацете и колку од нив ги користат кремите за нега на кожата.
– Биле испитани 274 здравствени работници, а резултатите се дека 80 отсто од нив мијат раце повеќе од десет пати дневно. Но исто така заклучокот е дека само 30 отсто ги користат кремите за нега на кожата што го обновуваат заштитниот слој на кожата. Тој процент е многу низок – посочува в.д. директорката Николовска.
Во Македонија нема случаи во кои надлежни институции утврдиле неисправност на средствата за дезинфекција, а нема ниту податоци дали некој врши контроли на овие средства.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека тоа какви средства се поставени пред влезовите на услужните продажни места и пред институциите и каков е нивниот квалитет не е во нивна надлежност. Посочуваат дека за тоа е одговорен тој што дава увоз за тие производи во нашата држава.


Анализи во Хрватска покажале неефикасност на средствата

Водени од слични мотиви, хрватски новинари направиле сопствено истражување на составот на средствата за дезинфекција.
Од неколку различни места каде што имала поставено средства за дезинфекција зеле примероци и ги испитале во хрватскиот институт за јавно здравје. Анализите што го добиле покажале поразителни резултати. Само еден од анализираните примероци покажал дека има доволно својства за заштита од ковид-19.

[email protected]