Карлос Акоста, познатиот кубански балетан, вели дека е „одлично чувство“ да се вратите на сцената и да настапите пред публиката сега кога салите во Велика Британија, кои беа затворени со месеци поради пандемијата, повторно ги отворија вратите, пренесува Би-би-си.
– Одлично е затоа што веќе долго време сме во карантин, а доколку танчер пропушта да тренира само една недела, веќе ја плаќа цената – рече Акоста, кој неодамна беше назначен за директор на Кралскиот балет во Бирмингем.
– И покрај тоа што имаме проби на „Зум“, тоа не е доволен предизвик за телото, бидејќи не можете да скокате во четири sида и да се движите како во студио – додава тој.
Акоста со лондонскиот Кралскиот балет Бирмингем неодамна имаа настап за публиката со ограничен број места за публика во салата.
Акоста отиде чекор понатаму, па воведе специјални костими за физичко дистанцирање, кои имаат широки балетски здолништа. Во овие костими, балерините и балетаните ќе изведат нов спектакл наречен „Небо во боја на лазули“. Ова е прва балетска претстава од еден чин, со која Акоста ќе се претстави пред публиката откако на почетокот на оваа година стана директор на Кралскиот театар во Бирмингем.
– Кога почнавме со проби, сакавме да нема никаков физички контакт помеѓу играчите, кои ќе носат големи, долги костими што ќе ни овозможат да создадеме разни форми со движење на ткаенината и со тоа да ја разбудиме фантазијата на публиката – објаснува Акоста.
Додека работеле, тие успеале да најдат нов начин да се заштитат од вирусот и истовремено да овозможат контакт помеѓу играчите со новите костуми што го рефлектираат животот во времето на пандемијата.
– Не само што се покажаа одлични во естетска смисла, туку ги одразуваат времињата во кои живееме – додава Акоста.
Сценографијата и костумите за „Небо во боја на лазули“ Акоста ги направи со дизајнерот Самуел Вејер и наградуваниот кореограф Вил Такет.
За дизајнот на костумите им биле инспирација кринолините што ги носеле жените во 19 век како заштита од сипаници, колера и несакани машки допири, како и француските дворски фустани за време на владеењето на Луј XIV, голем љубител на балетот, познат под прекарот Крал на Сонцето.
– На дворот на Луј XIV се носеле т.н. „туту здолништа“, кои отсекогаш биле такви што овозможуваат физичко растојание: круто здолниште од околу половина метар околу телото. Ние, всушност, само го продолживме малку повеќе – објаснил кореографот Такет.
Костимите ги диктираат движењата на танчерите, кои досега беа многу прилагодливи. Нив ги носат женски и машки изведувачи.
Од масивни фустани на модните писти, до подуени здолништа во модните списанија, се чини дека физичкото дистанцирање не само што успеа да влезе во модните трендови, туку и лансира нова линија на танцувачки костуми.
Додека холандскиот национален балет шие костуми „со туту здолништа“ направени од тексас за фармерки, Таке дизајнираше здолништа со двометарски шлеп, кои исто така се дел од сценографијата, имајќи предвид дека сценографските манипулации за време на изведбата се невозможни, бидејќи тоа би ги изложило реквизитите на ризик од коронавирус.
– Балетските здолништа ќе бидат и филмско платно, а со изведувачите на сцената се добива хипнотичка сцена од цвеќиња и едра кои ќе ја исполнуваат целата сцена – објаснува Такет.
Приказната за природата е јадрото на претставата „Небо во боја на лазули“, што всушност значи „чисто, сино небо“ и ни кажува за добрите страни на пандемијата, како што се чистото небо и песната на птиците.
За Акоста, ова име има и симболично значење, бидејќи тој го помина карантинот со своето семејство во „прекрасниот“ Сомерсет во Англија.
– Тоа е неверојатно, немаше авиони, загадувањето се намали и имав можност да ја видам убавината на тој момент – вели Акоста.
Започнување нова работа во Бирмингем не беше лесно за Акоста, тој се откажал од дел од својата плата за да ги задржи сите 60 члена на балетската група, а исто така смисли нов начин на работа во помали групи. Уметникот истакнува дека секоја жртва има смисла доколку се создадат услови танчерите да ја допрат сцената.
– Неприродно е човечките суштества да не се допираат, го имаме тој племенски аспект на комуникација, и покрај тоа, танцот отсекогаш бил физичка интеракција. Ако ни го одземете тоа, не сум сигурен како, на пример, тие ќе ја претставиме Заспаната убавица без физички контакт. Ние ќе носиме маски на сцената, танчерите и музичарите се многу дисциплинирани и ја сфаќаат безбедноста многу сериозно – објаснува Акоста.
Покрај тоа што Акоста смета дека фондот на британската влада за помагање на уметност од 284 милиони евра е „од голема помош“, негово мислење е дека танцот е занемарен. Тој се надева дека ќе се има повеќе слух и поддршка за танчерите, особено сега кога картите за „Небото во боја на лазули“ се продале за само неколку часа.
Во моментов Акоста подготвува лондонски перформанс на „Оревокршачка“ за Божиќ и се надева дека ќе може да организира пролетна турнеја со „Пепелашка“.
Познатиот балетски уметник не го потресе фактот што по изведбата на балетска претстава на рускиот Маринскиот театар пред публиката, повеќе од 30 танчери станаа позитивни на ковид-19.
– Секој ја знае мојата приказна и колку ми помогна балетот (за време на моето тежок живот во Куба), и сега сакам тој ентузијазам да допре до сите, да ги разбијам предрасудите и да сторам се што можам за да ја натерам публиката од разни општествени слоеви да дојдат во салите – вели Акоста.
Кога станува збор за ризиците што ги носи вирусот корона, Акоста се надева дека новите мерки што неодамна ги воведе Велика Британија нема да траат долго.
– Се молам ова да не продолжи, бидејќи можеме да се прилагодиме на ситуацијата само до одреден степен и да можеме да бараме други простори за настапи, како што се магацини. Добро е и што можат да емитуваат настапи преку Интернет, но таквиот начин на работа едноставно не е финансиски одржлив – вели Акоста.
– Се надевам дека ќе можеме да најдеме начин да живееме со вирусот и да продолжиме да работиме. Иако некои сакаат да останат дома, некои сакаат да дојдат на нашите настапи и тоа ни дава сила – додава тој.