Легендите се возбудливи приказни што ги чуваат историјата и традицијата на градот, а Скопје изобилува со такви легенди. Понекогаш тие асоцираат на современите состојби и случувања, и затоа уште повеќе се интересни. Имено, според една легенда, кон средината на 19 век, Авзи-паша решил да изгради свои сараи. Се разбира, местото на градбата требало да биде во природа, со најчист воздух во градот. Но како да се одреди тој предел? По тој повод, пашата заклал три овна. Тие биле закачени на три ченгели и обесени на три различни места во Скопје. Едниот ченгел со месото бил поставен на десниот брег на реката Вардар, другиот на левата страна на Серава, во Топаана, а третиот во Чаир Маало, кон Гази Баба. Кое месо последно ќе се расипело, значело, дека таму бил најчист воздухот. Последен се расипал овенот закачен во пределите на Чаир. Се разбира, пашата таму ги изградил своите конаци за одмор. Чаирчани со право се гордеат со оваа легенда.
Интересна е и легендата за името на Гази Баба. Иако се знае дека тој бил историска личност (Ашик Челеби), со него се поврзани многу легенди. Според едната од нив, кога загинал на бојното поле се случило вистинско чудо. Тој самиот си ја донел сопствената глава на местото од ридот каде што денес се наоѓа турбето „Гази Баба“. Така ридот и го добил името. Според една друга легенда, за која ни зборува професорот Трајковски во своите истражувања за Чаир, ридот го добил името според еден друг настан. Се раскажувало дека Турците гонеле ајдуци на ридот, притоа сретнале една баба, прашувајќи ја „Кази бабо, каде се ајдуците?“. Откако таа упорно одбивала да каже, била убиена. Се вели дека старите луѓе од тој крај и ден-денес ридот го нарекуваат Кази Баба.

Со ѕидањето на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Пајко Маало сврзани се многу настани, но и легенди. Познато е дека скопскиот првенец, трговецот Аџи Трајко бил посебно ангажиран околу градењето на црквата. Неговата улога е исклучително значајна бидејќи тој бил близок пријател со Авзи-паша, кој управувал со Скопје, во првата половина на 19 век. И не само тоа, бил и негов хазнадар, човек задолжен за водењето на финансиите. Турците не толку лесно одобрувале да се гради нова црква, но аџи Трајко веројатно го убедил пашата поради нивната блискост. Сепак, низ народот кружела друга приказна. Имено, за да добијат дозвола, местото морало да биде црквиште, односно тука претходно да постоела црква. Аџи Трајко, со своите приврзаници, во ноќните часови тајно закопал во земјата повеќе реликвии од црквата „Св. Спас“, така што изутрината комисијата се уверила дека земјиштето е црквиште. И градбата била одобрена.

Со Камениот мост и чинарот поврзани се многу легенди

За аџи Трајко и пашата сврзана е уште една легенда, која зборува за соживотот во тоа време. Скопскиот трговец по потекло бил од Патишка Река, па решил еден летен ден да го прошета пашата со неговата придружба, до Маркова Река. На тој излет, посакал пашата да влезе во Марковиот манастир. Влегувајќи, забележал дека манастирската црква е покриена со олово, и наредил тоа да се замени со ќерамиди, односно со плочи. Враќајќи се кон Скопје, кога дошле до селото Малчиште, легнал пашата малку да се одмори. И заспал. Сонувал многу лош сон, му се јавил некој страшен војник. Тој срипал од сонот и почнал да вика: „Каде е војникот, сега беше тука“. Луѓето од придружбата, и самите исплашени, не можеле да се изначудат, убедувајќи го дека нема никаков војник. „Има“ викал понатаму пашата, „сега беше тука, и ми упати страшен поглед“. Аџи Трајко се досетил што може да биде, па го поканил пашата да се вратат во манастирот, веројатно таму бил војникот што го видел. Кога стигнале, тој на црковните врати му го покажал ликот на св. Димитрија. Пашата потврдил дека тоа е војникот што му се јавил на сон. Се заколнал дека ќе го врати покривот во првобитната состојба и дека ќе ја обнови целата црква.

Од чаршијата потекнува легендата за светата вода Медах баба

Една од легендите е и онаа за Медах Баба, кој бил соборец на Игит-паша, освојувачот на Скопје. Кога Медах Баба починал, од неговиот гроб во чаршијата потекла вода, која се сметала за света, и на тој извор доаѓале и христијаните и муслиманите. Но тука легендата не завршува. Во врска со овој свет извор, муслиманите често го спомнувале и името Џалинос. Зачудувачки е податокот дека во муслиманскиот свет со името Џалинос бил нарекуван познатиот лекар Гален. Иако се работи за голема временска дистанца, познато е дека лекарот Гален исчезнал на своето последно патување од Запад кон Исток, и неговиот гроб не се знае. Можно ли е, барем според легендата, на кој било начин да бил поврзан со овие наши краишта?
Ова е само дел од тоа богатство на легендите. Легендите често биле поврзани со пајтоните, боемите, свадбите, крштевките. Да ги споменеме и оние за Пајко, основачот на Пајко Маало, легендите за Камени мост и за чинарот до него. Легендата за Хинду Баба, кој бил дојден во Скопје со турската војска и бил проповедник, за грижата на совеста на Даут-паша кој срушил црква за да изгради амам, за чудесниот меч од времето на Косовската битка, кој бил ископан во селото Булачани и бил подарен на скопскиот војвода Васил Алаџарски.


Скопските легенди и Данило

Во чест на нашиот долгогодишен редовен соработник Данило Коцевски, вистинската скопска легенда, кој неодамна физички нѐ напушти, Редакцијата на „Нова Македонија“ реши во наредниве неколку месеци да ги реобјави најчитаните текстови од неговите „Скопски легенди“.
Изборот на текстовите го направи Редакцијата, во соработка со читателите. Токму од нивно име, се решивме за реобјавување на оние репортажи што беа најчитани на страниците од весникот, но и на нашиот портал, или пак беа најкоментирани. Идејата ни е на тој начин да продолжи да живее со нас и меѓу нас нашиот неуморен, неповторлив скопски хроничар, колега и другар Данило Коцевски. Неговите уникатни записи за градот што го сакаше продолжуваат да живеат, како и градот што продолжува да живее и копнее за него.