Богатството на села со посебна автентичност и со уникатна селска архитектура, дополнето со вкусот на традиционалните јадења, отвора безброј можности токму за развојот на руралниот туризам во земјава во текот на целата година, а истовремено ќе овозможи враќање на населението и заживување на веќе напуштените краишта
Пандемијата ги менува навиките на туристите, има ли можност за бенефиција?
Пандемијата на ковид-19 покажа дека во време на рестриктивни мерки излезот во природа е единствената можност за менталното здравје на луѓето, кои затворањето во своите домови го доживеаја на крајно тежок начин.
Потврда за тоа се многубројните протести во светот по најавите дека се можни нови затворања во периодот што следува за поефикасно справување со пандемијата.
Токму престојот во селата во време кога во градовите расте бројот на заразени со ковид-19 овозможува развој и на руралниот туризам, нешто за што Македонија има огромен потенцијал, но кој малку или речиси воопшто не е искористен.
Отворањето на границите со соседните земји ја отвори можноста за посета на туристите што се љубители на природата и руралниот туризам, па поради тие причини Македонија треба да ја искористи својата шанса и подобро да ја промовира и оваа туристичка гранка, а државата да овозможи пристап до секое место.
Богатството на села со посебна автентичност и уникатна селска архитектура, дополнето со вкусот на традиционалните јадења, отвора безброј можности токму за развојот на руралниот туризам во земјава во текот на целата година, а истовремено ќе овозможи и враќање на населението и заживување на веќе напуштените краишта.
Оваа година во фокусот на Светската туристичка организација е токму руралниот туризам, при што се истакнува дека туризмот е развојна шанса за руралните подрачја, со нагласка дека треба да се избегне протокот на урбаниот и масовен туризам во тој простор.
Во Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2021 се посочува дека идното позиционирање на земјава кон туристите треба да се темели врз четири главни столба.
– Првиот столб е Скопје како главен град на државата со многубројните знаменитости. Вториот столб е Охридско Езеро, како веќе развиена туристичка дестинација. Носител на третиот столб би била македонската култура што вклучува историски знаменитости, но и традиционалната македонска кујна, типични производи, македонски фестивали, како и македонското вино. Додека четвртиот столб би било искусувањето на природата, односно сите природни убавини со кои располага Македонија – се наведува во стратегијата.
Ваквата стратегија може да даде резултат, особено во делот на последните два столба, бидејќи поради грижата за здравјето и придржувањето кон епидемиолошките мерки како физичката дистанца, луѓето се свртеа кон поблиските дестинации скриени во природа, без големи сместувачки капацитети и масовност.
– Оваа година не отидов на одмор на море поради ситуацијата со вирусот, но имав можност да го посетам селото Нежилово сместено во пазувите на Јакупица, под прекрасната Солунска Глава. Живописно село во чија околина има остатоци од римскиот период, од турско, како и од времето на НОБ. Токму тоа треба да го промовира државата.
Ние вакви села имаме низ цела држава, секое со некоја своја специфичност, и ако сето тоа им го понудиме на странските туристи, би можеле од тоа и да заработиме, истовремено и да ги заживееме селата, кои во поголем дел се напуштени и пропаѓаат – вели Бојан Столевски, студент.
Регионалните искуства говорат за идентични состојби во сите земји од поранешна Југославија, вклучувајќи и во Македонија.
– Во целиот регион најголем проблем е ниското ниво на јавната свест дека туризмот може да биде развојна шанса за селото и за руралниот простор, дека може да биде извор на приходи. На овие простори нема традиција за занимавање со туризмот, како ниту системска политика што го поттикнува тоа, туку најчесто зависи од иницијативите на поединци, па ако еден успее, почнуваат и другите да го копираат, што повторно често не значи и дека ќе успеат – вели Дамир Крешиќ, директор на хрватскиот институт за туризам.
Според Асим Меџедовиќ, координатор на асоцијацијата на компании од угостителско-туристичкиот сектор, руралниот туризам во Македонија директно зависи од масовниот туризам и тешко би можел самостојно да егзистира.
– Без масовен туризам и без јасна стратегија, нема да можеме да постигнеме напредок во ниту еден дел од туризмот, вклучувајќи го и руралниот туризам како една гранка – категоричен е Меџедовиќ.
Тој додава дека Македонија треба да се насочи кон нашите традиционални пазари, пред сè кон соседните земји, Полска, Холандија и Турција.