Последиците од расизмот во медицината и во медицинското образование станаа уште повидливи за време на пандемијата на ковид-19
Медицинските наставни програми треба да се реформираат ако сакаме да ги елиминираме системските расни предрасуди, сметаат студентите и професорите од Универзитетот во Бристол, кои истакнаа дека медицинското образование треба да истражува и да размислува за несвесните предрасуди и како може тие да влијаат на клиничките дијагнози. Универзитетот е една од најистакнатите високообразовни институции во Велика Британија.
– Расизмот што постои во медицината и недостигот од разновидност во нашето медицинско образование имаат влијанија што може да се почувствуваат низ здравствениот сектор, кои влијаат на студентите по медицина, лекарите и, клучно, на здравствените искуства на Црнците, Азијците и на другите пациенти припадници на етничките малцинства – вели Ева Ларкаи, студентка по медицина на Универзитетот во Бристол и претседателка на „БМЕ медисинс“, платформа за студенти и медицински професионалци.
На пример, таа истакна дека презентацијата на важни клинички индикации и состојби се разликува меѓу етничките групи, но дека оваа варијација често не се појавува во учебниците по медицина.
– Речиси секоја состојба на кожата се појавува различно кај потемните тонови на кожата, од почести состојби како егзема до исип поврзани со заразни или автоимуни болести и карциноми на кожа – вели Ларкаи.
Ова е нешто што, според д-р Џозеф Хартленд, професор на Универзитетот во Бристол, може да биде прашање на живот или смрт. Хартленд, кој исто така работи на промовирање на различностите во одделот и наставната програма, понуди пример на менингитис, состојба што е опасна по живот и во која мозокот и ‘рбетниот мозок се воспалуваат, а најчесто се дијагностицира со карактеристичен исип. Сепак, едноставното пребарување на Гугл покажува дека огромното мнозинство примери се дадени на бела кожа, иако оваа болест се појавува поинаку на црната кожа.
– Колку брзо лекувате и идентификувате вакви состојби може да биде прашање на живот или смрт, бидејќи секоја секунда е клучна – вели тој, нагласувајќи дека клучните симптоми може да се пропуштат при донесување одлуки во дел од секундата ако лекарите не се обучени да ги забележат симптомите кај пациенти од малцинствата.
Но оваа пристрасност може да се манифестира на повеќе подмолни начини. Хартленд посочи на неодамнешните студии што покажаа дека пациентите од расните и етничките малцинства, вклучувајќи ги и малите деца, честопати во просек добиваат помалку лекови против болки од нивните бели сограѓани, поради несвесна пристрасност во однос на прагот на болка.
Хартленд исто така ја истакна пандемијата на ковид-19, која ја илустрира важноста на справување со системскиот расизам во медицината, велејќи дека историската недоверба кон медицинските професионалци во малцинските заедници може да доведе до компликации.
– Пошироко гледано, видовме дека малцинските заедници се едни од најзагрозените од ковид-19, но исто така имаат тенденција да имаат најмалку доверба во медицинската професија – изјави тој, нагласувајќи дека случаи на злоупотреба на доверба, особено во медицински испитувања, создадоа генерациите на претпазливост во рамките на малцинските заедници.
Според него, ова го зголемува ризикот од неприфаќање на вакцините во овие заедници откако ќе се открие и распредели вакцината против ковид-19.
Хартленд и Ларкаи посочуваат дека ова прашање не е ограничено само на Велика Британија, истакнувајќи дека лекарите низ светот не се соодветно обучени да се грижат за мултиетничкото население.
– Ова прашање не е изолирано во Велика Британија и е важно за медицинските институции на глобално ниво. Ако медицинското образование што ни е обезбедено не се обидува да ги реши овие проблеми, здравствените нееднаквости неизбежно ќе останат или ќе се прошират – вели Ларкаи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вети оти ќе се справува со расизмот во ЕУ. Во своето прво обраќање за состојбите во Унијата, Фон дер Лејен објави нов акциски план за борба против расизмот на ЕУ, кој предвидува низа мерки за следните пет години.
– Немилосрдно треба да се бориме против расизмот и дискриминацијата. Секако, против видливата дискриминација, но исто така и против посуптилниот расизам и дискриминација, односно нашите несвесни предрасуди – изјави таа во јуни.
Според Хартленд, ова е нешто што мора да почне со образованието.
– Треба да почнеме да го инкорпорираме ова во медицинската наставна програма за правилно подготвување на следната генерација лекари – изјави тој, додавајќи дека ова исто така мора да биде придружено со притисок за поголема застапеност на студентите од малцинските заедници во високото образование и медицината.