Вдовиците во Србија трпат голема општествена неправда и немаат никаква силна поддршка, но од нив се очекува да ги исполнат општествените очекувања, кои не важат за мажите што останале без брачниот партнер. Ова претставува посебен вид нееднаквост, односно вдовците почесто се одлучуваат да стапат во нов брак, без разлика на возраста, затоа што за нив бракот има значајна функција и им овозможува социјална и лична заштита. Ова поретко се случува со жените вдовици, кои желбата за стапување во нова брачна заедница ја соочуваат со одговорноста кон децата, но и кон родители на сопругот. Ова се заклучоците од најновата студија на Филозофскиот факултет во Белград.
Жените вдовици редовно стануваат главни хранители на семејството и се принудени да работат тешки физички работи, и тоа без договори со фирмите.
– Во некои средини, претежно во руралните подрачја, преовладуваат традиционалните норми на однесување. Тоа значи дека жената мора да тагува за сопругот најмалку три години и да ги одбележува сите помени, задолжително носење црнина од една година, да не гледа телевизија и да не излегува од дома заради дружење и релаксација. Ваквото однесување не се очекува од вдовците, односно за нив се „пропишува“ пократок период на тагување и пронаоѓање нова партнерка, особено ако тој има мали деца или родители за кои треба да се грижи жена – се констатира во студијата „За вдовиците или за една општествена неправда“ од авторките Мирјана Бобиќ и Слаѓана Драгачиќ Лабаш.
Во периодот на тагување, од жените се очекува да ги намалат социјалните контакти со пријателите, особено со мажите, и задолжително да ги посетува и да се грижи за родителите на покојниот сопруг. За заедницата влегувањето на жените во нови партнерства или во брак не е „пожелно“ или се дозволува откако ќе дојде време, а тоа значи не порано од пет до седум години тагување.
Во Србија жените се повеќебројни и живеат во просек 77,9 години, а мажите 73. Србија е на врвот на листата од земјите во Европа според уделот на граѓани што не стапиле во брак по смртта на сопружникот, кој изнесува околу 11,7 отсто. За порастот на бројот на вдовиците влијаеше и големиот прилив на бегалци од околните земји во кои се водеше војна.