„Напуштете ја секоја надеж, вие што влегувате овде“, се последните зборови од пораката што стои на влезот во Пеколот, според „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, напишана помеѓу 1308 и 1321 година. Поемата на Алигиери и неговите детални описи за страдањата и ужасите на мртвите биле мотивација за голем број ренесансни уметници да создадат детални „мапи на пеколот“, објавува „Винтиџ њуз“.
Првиот дел од поемата го опишува патувањето на авторот низ гревовите и темнината додека се пробиваше низ пеколот, проследено со патување низ чистилиштето и конечно до Рајот. За време на потрагата, Алигиери е воден од поетот Виргилиј, кој го придружува во неговото патување.
Да се стигне во рајот е желба на секој верник, но сепак, луѓето постојано биле фасцинирани од идејата за вечно мачење во пламенот на пеколот. Дантевото опишување на круговите на пеколот е полно со ужасни, застрашувачки, но сепак, специфични детали.
Токму таа специфичност наведе голем број луѓе низ вековите да го користат неговиот наратив како образец за создавање на таканаречени „мапи на пеколот“.
Антонио Манети, математичар и археолог од 15-тиот век, потекнува од истиот град како Алигиери, Фиренца. Манети е првата личност за која се знае дека го користела неговиот наратив за да ги пресмета и измери веројатните димензии на пеколот и да започне да составува мапи што можеби биле помалку илустративни и повеќе личеле на шеми во споредба со подоцнежните, подетални прикази.
Ренесансниот сликар Сандро Ботичели исто така насликал мапа од пеколот помеѓу 1480 и 1495 година. Верзијата на Ботичели покажува одредена конструкција во форма на конус, при што секој последователен круг се намалува и стеснува до деветтиот круг, каде што се наоѓа Сатаната.
Друг ренесансен сликар, Жак Кало, создал приказ на пејзаж на пеколот во 1612 година. Неговиот приказ главно се фокусира на мачените души кои престојуваат во пеколот.
Ренесансата била период кога науката, уметноста и религијата биле важни културолошки елементи, па така не е ни чудо што ваквите елементи биле комбинирани за да се создаде што поверодостоен приказ на пеколот.
Со доаѓањето на ренесансата до нејзиниот крај, опаѓал и интересот за создавање и купување мапи за пеколот, иако накратко бележи пораст повторно во 18-от век. Дури и во денешно време, сè уште има уметници кои повремено се враќаат на оваа тематика. Линдзи МекКалох создаде приказ на пеколот пред 20 години, кој има многу сличен изглед и чувство како описот на Ботичели.