На патот на надежта за подобра иднина исчезнале 10.000 деца мигранти откако пристигнале во Европа, а кои биле и службено регистрирани. Многу од децата биле без родителска придружба и поминале преку балканската траса на миграција
Откривањето на две малолетни деца, на возраст до пет години, во друштво на поголема група мигранти што преку Балканот се движеле кон Европа, го осветли проблемот со трговијата со деца што се одвива под закрилата на мигрантската криза. Настанот се случил во Хрватска, во пограничната област со Словенија, кога полицијата пресретнала мигранти со две малолетни деца што не биле во роднинска врска со мигрантите. Иако откривањето малолетни „мигранти“ службено се води како „деца без родителска придружба“, во основа станува збор за класична трговија со луѓе. Во Босна и Херцеговина моментално престојуваат околу 900 деца мигранти, од нив 420 деца се без придружба. Повеќето деца без придружба, според податоците на организацијата „Заштита на децата“, влегле во БиХ од Србија и од Црна Гора, пренесува Радио Слободна Европа.
Според податоците на Европол, во 2015 година, на патот на надежта за подобра иднина исчезнале 10.000 деца мигранти откако пристигнале во Европа, а кои биле и службено регистрирани. Во извештајот на Советот на Европа некои од нив завршиле како сексуални робови, а некои биле подведувани и на проституција и за производство на порнографски материјали.
Исчезнатите деца се користат и за други криминални активности, како производство и трговија на дрога, а се претпоставува дека се дел и од црниот пазар за човечки органи. На Балканот има случаи и повозрасните деца да се користат за трудова експлоатација, најчесто на некое градилиште, пишува во анализата објавена на „Геополитика њуз“.
Трговијата со луѓе е модерно ропство и таа е распространет криминал во светот, кој ги загрозува основните човекови права. Последните податоци на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од три четвртини од децата и младите лица што се обидуваат да мигрираат во Европа преку Средоземно Море се жртви на трговија со луѓе. Трговијата со луѓе е вториот најголем извор на профит за организиран криминал, по дрогата, се посочува во извештајот на Организацијата на Обединетите нации (ООН), по повод Светскиот ден на борбата против трговијата со луѓе за 2017 година.
За да се преземат сериозни мерки за сузбивање на трговијата со луѓе, светската организација спроведе истражување во кое беа опфатени 22.000 мигранти и бегалци, меѓу кои и 11.000 деца и млади лица. Податоците обработени од страна на Детскиот фонд при ОН (УНИЦЕФ) и на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) покажуваат дека младите мигранти од Северна Африка најмногу се изложени на ризик од злоупотреба. Двете организации истакнуваат дека дури 77 проценти од децата и младите мигранти што се обидуваат да стигнат во Европа преку Средоземно Море имаат директно искуство со злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе.
Трговијата со луѓе, која се третира како тешко злосторство, во современото општество станува профитабилна „индустрија“. Се проценува дека годишните приходи на учесниците во овој нелегален бизнис надминуваат над 29 милијарди евра. Случајот со двете деца од воведот на текстот покажува дека со оваа појава се соочуваат и земјите од Западен Балкан, низ кој поминува т.н. балканска траса на мигранти.
Во Босна и Херцеговина во мигрантските центри, кои се главно во Унско-санскиот кантон, престојуваат околу десет илјади мигранти. Од податоците на правобранителот за деца, од почетокот на 2018 година во кантонот се евидентирани 63 малолетници (61 машки и две девојчиња). Во февруари 2020 нивниот број достигнал 400. Поради непоседување лични документи, се користат разни методи за утврдување на вистинската возраст, а имало и случаи кога повозрасни мигранти се претставувале како малолетни лица.
За децата што се без придружба во Унско-санскиот кантон се грижат социјалните работници од Центарот за социјална грижа на Бихаќ. Проблем е што не постојат капацитети за справување со овој проблем. Јавна тајна е дека овие деца исчезнуваат од службените пописи на државните институции на БиХ и Хрватска. Одборот за правата на децата на ОН предупредил на постоење на правна празнина во законодавството и процедурите за постапување со оваа категорија мигранти. Како проблем се посочува и на нејаснотиите за регистрацијата на новородените деца од лица што се во мигрантски процес. Сето тоа создава услови за трговија со луѓе, се посочува во текстот на „Геополитика“.
Мигрантската криза и пандемијата на ковид-19 лошо влијаат на државите во обидот да ја спречат трговијата со луѓе, а нестабилноста и осуството на вистински пристап од институциите влијаат на брзото зголемување на бројот на луѓето што се изложени на експлоатација на трговците со луѓе. Во светот над 25 милиони деца и возрасни лица се изложени на присилна работа и сексуална експлоатација. Од земјите во регионот, најлошо е рангирана Босна и Херцеговина, која е во втората листа на земјите, направена според согледувањата на Стејт департментот за 2020 година. Општи недостатоци на земјите во регионот што се забележани во годинашниот извештај се недоволното финансирање за заштита на жртвите на трговијата со луѓе и судската практика што не изрекува доволно високи казни за сторителите, пренесува Радио Слободна Европа.
За земјите од Западен Балкан важи оцената дека не ги исполнуваат во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но тие вложуваат значајни напори по ова прашање. Хрватска, како и БиХ, се наоѓа во втората категорија земји, но таа не е на листата на следење кога е во прашање трговијата со луѓе. Во оваа група се земјите што не ги исполнуваат во целост стандардите на американскиот акт за заштита на жртвите со трговија со луѓе, но вложуваат значајни напори по тој проблем. Слични оцени се дадени и за Косово, а за Србија е наведено дека не ги исполнува минималните стандарди во неколку клучни подрачја, како што е непочитување на правата на жртвите во судските постапки.
Владата на Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но вложува значителни напори во однос на претходниот период. Нашата држава е на второто ниво. Сепак, Владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Полицијата немаше доволно финансии и опрема за спроведување проактивни истраги, а Обвинителството за организиран криминал и корупција немаше доволно ресурси, вклучувајќи и персонал, за да се справи со сите случаи под негова надлежност. Загрижуваат и корупцијата и соучесништвото на државни службеници во кривичните дела трговија со луѓе. Владата во последниве години не гонела ниту еден службеник за соучесништво што се однесува на трговијата со луѓе, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Мигрантите и бегалците што патуваат или се шверцуваат низ Македонија се ранливи на трговијата со луѓе, особено жените и малолетниците без придружба. Најчести жртви се жени и девојчиња, кои се вклучени во сексуална трговија и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови. Странските државјанки обично потекнуваат од Источна Европа и Балканот, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина. Граѓаните од Македонија и странските жртви што транзитираат во Македонија се експлоатирани за трговија со секс и принудна работа во градежништвото и земјоделските сектори во Јужна, Централна и Западна Европа. Децата, пред сѐ Ромите, се експлоатирани за присилно просење и сексуална трговија преку присилни бракови.
Во 2018 година доминантна форма на трговија со луѓе во Македонија била сексуалната експлоатација, но постојат и случаи на принудна работа и принудни малолетнички бракови. Во текот на оваа година се идентификувани седум жртви на трговија со луѓе, а мнозинството од нив се деца до 14 години. Сите седум жртви се од женски род. Во 2018-та во Македонија се идентификувани и 76 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 172 ранливи лица, кои се упатени на добивање соодветна помош и поддршка од релевантните институции.