Патријаршијата во последната изјава навести дека нејзината намера е да се постигне единство на православните верници во Македонија. Засега нема детали како би можело да се реализира тоа. Сепак, добро упатени извори од МПЦ велат дека главните разговори со Вселенската патријаршија ќе се случуваат откако ќе се добие канонското право за сослужување
Решавањето на прашањето за меѓународното признавање на МПЦ колосално прашање со национално значење
Чекорите што Вселенската патријаршија ги презема за решавање на македонското црковно прашање се голем чекор и големо дело. Вака во Македонската православна црква-Охридска архиепископија неофицијално го оценуваат целиот процес, кој почна со испраќање на писмото во 2018 година, во кое беше побарано Вселенската патријаршија да го искористи своето апелациско право во овој спор.
Официјално во МПЦ- ОА велат дека засега состојбите се статус кво и дека нема нови контакти, но неофицијално потврдуваат дека работите се одвиваат во добар правец.
– Ова е многу чувствителен момент и не е добро да се лицитира и да се даваат прогнози кога и како се ќе заврши. Најважно е дека процесот е тргнат и се движи во добар правец – велат високи цркoвни извори во МПЦ.
Посочуваат дека во овој момент најважно е да се дојде до тргање на шизмата (забрана за служење на нашите владици со владици од други цркви) од МПЦ и да се даде канонско право да се сослужува.
– Никој не може да процени за временскиот период колку би траел целиот процес. Но кога МПЦ би имала право на сослужување со Вселенската патријаршија и со други цркви, тоа ќе значи де факто признавање на нашата црква. Никој не чепка во нашиот статус, ние одиме на автокефалност – велат истите извори.
Иако македонските владици засега јавно се воздржуваат од коментари за процесот, сепак во Синодот на МПЦ владее единство во поглед на тоа дека патот до автокефалноста води преку Вселенската патријаршија.
Добро упатени извори од МПЦ велат дека главните разговори со Вселенската патријаршија ќе се случуваат откако ќе се добие канонското право за сослужување.
Патријаршијата во последната изјава навести дека нејзината намера е да се постигне единство на православните верници во Македонија и дека за таа цел во разговорите ќе биде вклучена и ПОА на Јован Вранишковски. Засега нема детали како би можело да се реализира тоа.
Државното единство е одговорност
Александар Спасеновски, професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, вели дека писмата на државниот врв до вселенскиот патријарх Вартоломеј ја најавија новата динамика во финалето од решавањето на македонското црковно прашање.
– Ваквите најави за очекуваните позитивни тектонски поместувања, секако, ќе имаат свој важен одраз и врз вкупните државни состојби во Република Македонија, како демократска и секуларна држава. Оттаму, сметам дека треба да се подвлече дека овој очекуван чин е многу важен и дека ќе има несомнено позитивен одраз врз вкупниот напредок на земјата. Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е веројатно последното нерешено важно национално и државно прашање, со значење слично како прашањето за независноста на Република Македонија, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на државата. Затоа, државното единство што ги надминува политичките разлики помег?у партиите значи одговорност кон татковината. И обратно – посочува професорот Спасеновски.
Инаку, познавачите на состојбите во православието заклучуваат дека Вселенската патријаршија нема намера да отстапи од процесот на решавање на црковното прашање во Македонија, туку, напротив, и покрај сите притисоци и закани од Руската црква и нејзините поддржувачи во Грција и во Србија, подготвена е да го реши деценискиот спор во Македонија.
Вселенската патријаршија во изјава за грчката новинска агенција „Етникос Кирикас“, која побарала став за писмата што премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски ги испратија, открива и детали дека не само што не е спорен процесот туку дека досега се направени неколку чекори, кои водат кон крајната цел дека Вселенската патријаршија се движи кон конечно решение на проблемот за нашата црква.
Очекуван повик за канонско единство
Во одговорот до агенцијата јасно се чита дека Вселенската патријаршија ќе го примени истиот модел како што тоа беше во Украина, а тоа прво да го отстрани расколот од МПЦ и да ја тргне шизмата за да можат нашите владици да сослужуваат со владиците на Вселенската патријаршија, а потоа се оди на процес на потпишување томос за автокефална црква.
Тоа практично значи дека при воспоставувањето на црковното единство од страна на Вселенската патријаршија, архијереите на МПЦ-ОА ќе бидат примени во литургиско општење. На тој начин, Вселенската патријаршија де факто ќе ја признае овдешната црква таква каква што е. Иако конечниот статус на помесната црква нема да биде веднаш дефиниран, тоа нема да има никакво влијание врз Светиот архијерејски синод, кој ќе ги задржи својата самостојност и право на одлучување и раководење, така што досега воспоставениот статус и правното внатрешно функционирање на МПЦ-ОА ќе останат непроменети. Истиот метод беше применет и во Украина, каде што ваквиот период траеше неколку месеци, пред да биде доделена автокефалијата.
– Факт е дека веќе неколку децении постои овој проблем, за чие решение Вселенската патријаршија како мајка црква на сите балкански цркви, но и на други, до денес има направено многу обиди, грижејќи се за единството на православието. Во овој момент прашањето влезе во нова фаза. Претседателот и премиерот на Северна Македонија, како продолжение на сличното барање од страна на нивната јерархија, бараат Вселенската патријаршија да им помогне да влезат во општење со преостанатиот православен свет, при што нивната црква ќе се нарекува „Охридска архиепископија“ – пишува Вселенската патријаршија во одговорот до агенцијата.