Писмото на еден бугарски адвокат до словенечкиот претседател Пахор е само еден пример од бугарското упорно „тропање на сите европски врати“ со настојувањето да ја наметне својата „верзија за Македонија“. Од друга страна, ние, иако со несоборливи аргументи според меѓународното право, според историските факти и документи, како да сме во дефанзива пред меѓународната јавност, како и пред институциите на ЕУ за претставување на вистината и за уцените што ги наметнува Бугарија
Потребен е наш решителен унисон одговор на содржините на бугарските измислици и пресинг
Вообичаената практика во македонската јавност за гласност за одредена тема како „чудо за три дена“, па нејзино поттурнување под тепих до наредната ситуација, се чини дека е нарушена кога станува збор за одржувањето на тензијата во актуализираните македонско-бугарски прашања, во контекст на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Сепак, одржувањето на актуелноста на оваа тема повеќе се должи на несмалениот интензитет на агресивниот настап на бугарската страна пред институциите на ЕУ, па и пред лидерите на земјите-членки, во настојувањето да се поткрепат тезите од објаснувачкиот меморандум со кој Бугарија фактички ја уценува Македонија со блокирање на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Бугарските закани за блокада се втемелени на барањето во преговарачката рамка за Македонија да биде вградено како услов прифаќањето на бугарските гледишта за историјата, односно Македонците да прифатат дека во минатото биле Бугари и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Ваквите бугарски позиции и интерпретации одамна ѝ се познати на Македонија и со децении ги обременуваат соседските односи, но овој пат Бугарија ја користи својата позиција на земја-членка во ЕУ за да ги наметне своите апсурдни и вековни аспирации како европски услов за Македонија.
Притоа, Бугарија „напаѓа“ пред ЕУ со сите свои институционални и интелектуални капацитети, додека македонската страна како да се воздржува од дециден одговор на ваквите уцени и настап со својата позиција за историјата и јазикот пред европските фактори.
Покрај континуираното одржување на „пламенот на уцените“ од страна на бугарските политичари и институции пред ЕУ, во голема мера и бугарските интелектуалци директно им се обраќаат на европските лидери, кои повикуваат на разумност на Бугарија во однос на намерите да ги блокира македонските евроинтеграции, укажувајќи дека меѓу другото има обврска со Договорот за добрососедство да не ги проблематизира билатералните (историски) прашања. Така, неодамна со отворено писмо до словенечкиот претседател Борут Пахор се обрати еден бугарски адвокат експерт по меѓународно право, прашувајќи го „зошто настојува да претежне лагата за Македонија“. Имено, Пахор апелира дека Бугарија треба да биде исто така подготвена на компромис и да не го блокира почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Писмото на пловдивскиот адвокат до словенечкиот претседател Пахор е само еден од повеќето примери од бугарското упорно „тропање на сите европски врати“ со настојувањето да ја наметне својата „верзија за Македонија“.
Од друга страна, иако има аргументи и според меѓународното право и според историските факти и документи, Македонија како да е во дефанзива пред ЕУ за уцените што ги наметнува Бугарија. Македонските институции, потоа македонскиот дел од заедничката историско-образовна комисија, МАНУ, како и други формални и неформални групи, поединци не излегоа со дециден став (адресиран кон надворешни релевантни институции и поединци) за македонската позиција по историските и јазичните прашања што ги проблематизира Бугарија, кои имаат уценувачки капацитет да се провлекуваат во целиот тек на преговорите со ЕУ, дури и ако започнат. Реакциите на македонските институции и интелектуалци или индивидуалци се како за внатрешна употреба, или млаки и воздржани, но и општо адресирани, без директна упатеност до европските фактори.
– Уште кога беа потпишани тие договори за пријателство и добрососедство со Грција и со Бугарија, беше јасно дека Македонија ќе биде предмет на уцени во текот на нејзините евроинтеграции. Тие договори не значат крај на уцените, туку се само почеток. Сега нашите ЕУ-соседи имаат 70 инстанци за уцена, што тие со задоволство ќе го искористат. Всушност, се покажува дека тие почнуваат веднаш да ја користат таквата можност и на официјалната веб-страница на бугарската влада стои дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Тој факт е само дополнителна поткрепа на уценувачките позиции во меморандумот што го испратија до ЕУ. Од друга страна, одговорот на македонските институции е млак и двосмислен.
Со исклучок на некои групи интелектуалци, кои се јавуваат и индивидуално, и на одредени институции (како позитивно изненадување е МАНУ), другите институции, како Владата, претседателот на државата, па и македонскиот дел од заедничката комисија, даваат одговори што не се децидни, можат да се толкуваат и вака и така, пред сѐ водени од дневнополитичката курентност – вели универзитетската професорка Солза Грчева.
Како една од причините за воздржаната реакција на македонските институции и интелектуалци на агресивните бугарски позиции за Македонија пред ЕУ, Грчева ја согледува латентноста на политичкиот амбиент во земјава да бидат обвинети за национализам оние што ги докажуваат и застануваат во заштита на македонските национални и историски позиции.
– Мораме да ги надминеме и да расчистиме со таквите фрустрации од обвиненија за национализам. Апсурден е таквиот амбиент национализмот во Македонија да се бара само во македонскиот политички фактор. Во актуелната македонска позиционираност во односите со соседите и нашите евроинтеграции, ние се чувствуваме нападнато, а нашиот јазик, кој е основно национално обележје, е загрозен. Македонија е во дефанзивна позиција кога двата соседа настапуваат со премисата дека не постоиме како народ. Немаме мандат како генерација да преговараме и да ги распродаваме националните обележја, историските личности што се во нашата македонска културна матрица. Првенствено Владата треба да даде дециден одговор што ќе прави со работата на историските комисии.
Потоа, сметам дека претседателот Пендаровски треба да ги повика сите партии во земјава за да се изгради национален курс за овие прашања, кој ќе го почитува и ќе се придржува секој што ќе дојде на власт. Националните прашања не се ексклузивно право на една влада и на една опозиција – предлага Солза Грчева.
Во однос на бугарските уцени за Македонија со историските прашања, Грчева смета дека нивното инсистирање за ексклузивно право на толкување на историските личности и настани е целосно спротивно на европските тенденции за инклузивни политики.
– Историјата навистина не е егзактна наука и дозволени се интерпретации. Но проблематичноста на бугарската позиција е што тие, користејќи го своето членство во ЕУ, настојуваат да ни наметнат ексклузивност на нивното толкување на личностите и настаните. Освен тоа, бараат и да им овозможиме да исперат дел од своето неславно минато, на пример од Втората светска војна. Со Мировниот договор од Париз во 1946 година, Бугарија е прогласена за поразена страна во Втората светска војна и затоа требаше да ѝ исплати репарации на Југославија од 25 милиони долари, токму за окупацијата на Македонија. Сега од нас се бара да им овозможиме бришење на нивното минато, кое е забележано во светската историја – зборува Грчева за уште еден сегмент од актуелноста на македонско-бугарските односи, поврзани со македонските евроинтеграции.
Таа уште нагласува дека Македонија треба јасно да ги изрази своите позиции во ЕУ, зашто Европа цени само ако сте цврст партнер, а не секогаш подготвени само да дефанзива и отстапки.