Својата љубов кон земјата ја изразуваше со непрекинато творење, создавање и креирање и беше непомирлив учител на луѓето околу себе да ги разберат природата и богатството што таа несебично го дарува

ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ПРОФЕСОР ДОКТОР ДРАГАН ШОЈЛЕВСКИ, ПЕЈЗАЖНИОТ КРЕАТОР НА ГРАДСКИОТ ПАРК

Градскиот парк во Скопје, репрезентативниот парк „Горица“ со вилата „Билјана“ во Охрид, паркот во Ѓорче Петров, рекреативните центри „Градиште“ во Охрид, езерото Младост во Велес, се само мал дел од проектите на кои посветено работел професор доктор Драган Шојлевски, пејзажен архитект од Скопје, истакнат научник, педагог и основоположник на современата пејзажна архитектура и уметност во Република Северна Македонија. Во својата долгогодишна кариера тој создал голем број паркови, рекреативни центри, спомен-паркови, а некои од нив и ден-денес сѐ уште ги красат градовите и населбите.
На 30 септември се навршуваат десет години од неговата смрт, а по тој повод и во негова чест, се потсетуваме на неговото обилно творештво и неговиот прекрасен поглед на светот полн со љубов кон природата и зелените површини.

Во својата книга „Македонска домашна градина“ тој ќе напише: „Македонија е земја со изразито специфично поднебје, со убави аграрни, шумски и пасторални предели, со богатство на флора и фауна, со динамика на планинските височини, со мирни ширини на езерските пространства и со разиграни водни текови што создале услови за формирање голем број населби и создавање живот во нив“.
Роден е на 30 јуни 1924 година во Нови Сад. Основно училиште и гимназија завршува во Скопје во 1943 година, дипломира на Земјоделско-шумарскиот факултет во Загреб во 1952 година.
Израснал во семејство со развиено чувство за ликовна и музичка култура, а нишката на поврзување на уметничката склоност ја наоѓа во пејзажната архитектура и уметност.

Професионалниот ангажман го почнува како директор во јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во Скопје, потоа бил ангажиран во Заводот за урбанизам и архитектура на Град Скопје каде што учествува во подготовката на генералниот урбанистички план на Скопје и неговата околина, и е главен автор и раководител на тимот што го изработува проектот за пејзажно обликување на Градскиот парк во Скопје. Својата кариера ја продолжува во Институтот за просторно планирање – Охрид, каде што учествува во изработката на просторниот план на Република Македонија (1982) и на други планови за развој, уредување и користење на просторот за повеќе општини и региони. Mинистер е на новооснованото Министерство за животна средина на Република Македонија од 1981 година. Работната кариера ја завршува како советник за животна средина и просторно планирање во 1988 година, во Собранието на Република Македонија. Во 1982 година е избран за редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предавал на Земјоделскиот факултет и на третиот степен образование на Природно-математичкиот факултет и на Архитектонскиот факултет.

Како експерт на Обединетите нации, а по покана од Владата на Република Перу, во 1972 година работи во тимот за урбанистичко и просторно планирање на градот Чимботе и неговата околина.
Заедно со Душко Поповски, тогашен амбасадор во Франција, иницира вклучување на Охридско Езеро, Град Охрид и регионот во Листата на светското културно и природно наследство под заштита на УНЕСКО.
Има публикувано голем број, односно повеќе од 60 научни и стручни трудови. Во 1966 година е публикувана книгата „Пејзажната уметност и обликување на просторот“. Вредностите на македонската традиционална домашна градина беа предмет на неговата докторска дисертација „Македонската домашна градина како еден од изворните елементи на современото обликување на парковите“. Истражувањата се публикувани во неговата втора книга „Македонската домашна градина и обликувањето на просторот“, издадена во 1984 година.

Во својата педесетгодишна професионална дејност, д-р Шојлевски изработил над 500 проекти од областа на пејзажната архитектура и обликување. Неговите најзначајни дела се проектот за обликување и уредување на Градскиот парк во Скопје во 1967 година, кој е реализиран во периодот 1967 – 1970 година, и репрезентативниот парк „Горица“ со вилата „Билјана“ од 1953 година, реализиран во периодот 1956-1957 година.
Својата љубов кон земјата ја изразуваше со непрекинато творење, создавање и креирање и беше непомирлив учител на луѓето околу себе да ги разберат природата и богатството што таа несебично го дарува.


Многубројните дела говорат за големиот талент

Многубројни се проектите за уредување и обликување разни просторни целини на кои работел проф. д-р Драган Шојлевски. Истите тие не се само во Скопје, голем број се низ земјава, но има и проекти надвор од нашите граници.
Градски паркови: паркот „Максимир“ во Загреб (1949); централни скверови во Дебар (1953), Виница (1955), Ѓорче Петров (1958), Тетово (1963), Кавадарци (1967), Битола (1971) и Радовиш (1978).
Спомен-паркови: Споменична целина во Неготино (1961); Паркот на револуцијата во Прилеп (1965); Паркот на меѓународната солидарност во Чимботе во Перу (1972); Спомен-костурницата во Велес (1977), Споменикот на стреланите во НОБ во селото Дабница (1981), Штип – Спомен-паркот на Исаро во Штип (1983).
Рекреативни центри: „Горица“ во Охрид (1956), „Градиште“ во Охрид (1969), езерото Младост во Велес (1977), забавно-рекреативниот парк „Младен Стојановиќ“ во Бања Лука (1974).
Објекти со посебна намена: паркот во болницата „Јордрановац“ во Загреб (1950), Училиштето на Народната милиција во Скопје (1952), основното училиште „Даме Груев“ (1953), Комплексот на железарницата во Скопје (1954), винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци (1954), Ботаничката градина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1958), топилницата за олово и цинк „Злетово“ во Велес (1971), фабриката „Агроплод“ во Ресен (1980), просторот околу и ентериерот во МАНУ во Скопје (1979).
Други објекти: репрезентативни објекти во Скопје, Цавтат и Дојран, станбени комплекси (1954 -1967 година) и домашни градини (1953-1967).
Активно учествува во општествено-политичкиот живот, а особено е ангажиран во стручните здруженија. Во 1953 година го основа Хортикултурното здружение на Македонија и е негов прв претседател. Во 1991 година е основан Сојузот за заштита на животната средина и д-р Шојлевски е првиот претседател на оваа невладина организација.