Чест ми што имам можност првпат да се обратам од името на Република Северна Македонија на овој глобален форум, кој годинава, поради околностите во кои се среќаваме, има уникатно издание – прв, и искрено се надевам последен пат, без наше физичко присуство во седиштето на нашата организација. Оваа 2020 година е несомнено една од најтешките години што ја живее човештвото во поновата историја. Пандемијата за само неколку месеци, освен што однесе безмалку еден милион човечки животи, остави длабоки последици во речиси секоја сфера од нашето живеење за што ќе ни бидат потребни години додека целосно закрепнеме. Ковид-19 предизвика тектонски промени во поредокот што го знаеме, но ни овозможи и реален увид во националните капацитети на јавното здравје за справување со кризи од планетарни димензии, истакна во своето обраќање претседателот Стево Пендаровски на генералната дебата на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Според него, ковид-19 е само уште една во целиот спектар од кризи со кои се соочуваме како човештво и ниту една од нив не е целосно изолирана од другите.
– Здравствената криза е истовремено и економска и социјална бидејќи предизвикува сиромаштија, а, сиромаштијата е плодна почва за екстремизам и конфликти. Конфликтите ги загрозуваат човековите права и слободи и предизвикуваат хуманитарни катастрофи и бегалски бранови. Овој вител на кризи и закани генерира страв, неизвесност и недоверба и ги поларизира односите меѓу државите, но и внатре во државите и, конечно, го поткопува мултилатерализмот, кој денес ни е повеќе од потребен.
2020 треба да биде пресвртна година за сите нас. Денес, наместо постојниот статичен поредок настанат по Втората светска војна, потребен ни е функционален и динамичен систем на споделени правила и принципи во кои веруваме, приспособени на новото време. Неопходен ни е нов модел на активен, инклузивен мултилатерализам, препознатлив по солидарноста меѓу нациите и хуманоста меѓу луѓето. Во овој контекст, една од големите задачи на Обединетите нации е да ни помогнат да го задржиме фокусот и да јги држиме будни колективната свест и совеста за глобалното добро. Кога се во прашање нашите заеднички цели, дозволете ми да потсетам на зборовите на поранешниот генерален секретар Даг Хамаршелд, кој рече: Целите на Повелбата се израз на универзално споделени идеали што не може да потфрлат; но, ние, луѓето, можеме да потфрлиме во нивното исполнување. Со други зборови, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки тоа ќе ѝ го дозволат. Затоа, за да го пребродиме овој период, неопходна ни е солидарност меѓу државите, што нема да се рефлектира само на здравствен план. Мора да бидеме солидарни и во поглед на иднината, која треба заеднички да ја изградиме – рече Пендаровски.
Пендаровски смета дека трагедијата предизвикана од ковид-19 не би смеела да се користи за кревање геополитички тензии и зајакнување на геополитичкиот натпревар меѓу големите сили. Науката мора да остане настрана од логиката на профитот, но и од разорното дејство на пропагандата и дезинформациите. Политиките фокусирани на брзи резултати секогаш имаат краткорочен ефект. Ако кризите ги третираме изолирано една од друга, само ќе ги ублажуваме симптомите, без да го излечиме човештвото. Затоа е неопходен интегрален пристап.
– Пандемијата е можност и за преструктурирање на економиите, технологиите и начинот на живеење во согласност со принципите на одржливиот развој. Сиромаштијата нема да ја искорениме само со краткорочна финансиска помош за најсиромашните, туку преку системско оспособување на тие луѓе да имаат достоинствен живот и еднакви можности да работат, да заработат, да формираат семејства. Ако постапиме спротивно на ова, јазот меѓу сиромашните и богатите ќе се продлабочува, а нееднаквоста ќе продолжи да се пренесува од една генерација на друга.
Гледаме дека веќе надоаѓа и нова генерација нееднаквости поврзани со образованието, технологијата и климатските промени, што сигурно ќе предизвика нови големи поделби во општествата. Тоа веќе го гледаме кај младите. Додека едни, разочарани од бесперспективноста, ги напуштаат своите држави, други бегаат кон инстантни задоволства и површни вредности. Државите членки мора да продолжат да се залагаат за универзално образование за сите бидејќи токму образованието е најмоќниот гарант на човековите права и слободи – вели претседателот.
Според Пендаровски, од нашите одлуки денес, во екот на пандемијата, зависи како ќе изгледа нашиот свет по пандемијата. Ова е ретка можност, поддржувајќи ја светската организација и поддржувајќи се меѓу себе, да направиме чекори кон создавање помирен и поправеден свет, во кој ќе биде обновена вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човековото достоинство. Јасно е дека само ако вложуваме во Обединетите нации, ќе успееме да изградиме подобар свет и за сегашните и за идните генерации, додаде тој.