Во најновиот 51. број на авангардната ревија за култура и уметност „Енекен“ од Солун, кој деновиве се појави од печат, е публикуван расказот „Базен“ на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за проза од циклусот холокауст повести, кои нашиот автор ги објави во исклучително успешната збирка насловена „Светилка за Ханука“. Расказот од англиски јазик го преведе Тула Папанду.
Расказот, кој ги слика и разглобува интимните разгроми на еден од предводниците на депортацијата на македонските Евреи, Константин З., е впечатлива проза во која авторот го користи мотивот на изградбата на базен од надгробни плочи на уништените еврејски гробници. Поради тревожниот симболизам што расказот го носи во метафората на базенот од покојни човечки судбини, оваа книжевна творба на Османли е објавена на осум јазици. Покрај нејзината оригинална објава на македонски, таа беше преведена и објавувана во национални и во меѓународни публикации од Брисел, преку Аргентина и до Ерусалим. Преведена е на англиски, српски, словенечки, хрватски и на јудео-шпански или ладино, јазикот на Евреите Сефарди, кој се зборувал и во Македонија. Грчкиот превод е осмата јазична објава на расказот „Базен“.
Одговорниот уредник на списанието, писателот и социјален активист Јоргос Јанопулос, на авторот му упати посебна честитка „за овој одличен текст што со толку многу чувствителност и храброст нè потсетува на искуството за прочистување и достоинство што го има литературата на која ѝ служи со страст и со посветеност“.
„Енекен“ е ангажирана меѓународна ревија за култура и општествени прашања и преставува дел од издавачка куќа и културен центар од Солун, предводена од уредникот и писател Јоргос Јанопулос. Во ова списание, кое се објавува повеќе години, биле објавувани литературни прилози на неколку македонски автори. Томислав Османли во ова авангардно списание, кое се појавува во Солун, досега објавил три свои книжевни прилози.