Фото: Игор Бансколиев

Наоѓањето нови пазари во екот на пандемијата, според експертите е тешко, а би можело да се покаже и како проблематично, бидејќи и да најдат компаниите нови земји каде што пандемијата не е толку раширена, не се знае дали во блиска иднина и таму нема да стане полошо

ПО ДРАМАТИЧНИОТ ПАД НА ИЗВОЗОТ ПОРАДИ КОРОНА-КРИЗАТА

Корона-кризата значително ја намали трговската размена на земјава со странство, при што Заводот за статистика забележа пад на извозот од дури 20 отсто во првите шест месеци од годината во споредба со истиот период минатата година. Намалувањето на извозот оди заедно со намалување на увозот, каде што падот е 15,8 отсто, а притоа се забележува дека традиционално Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Кина. Поради ширењето на пандемијата низ голем број земји во светот, но и поради мерките за сузбивање на вирусот, голем дел од економските текови беа прекинати или привремено стопирани. Сепак, од извештајот на Државниот завод за статистика, според економските групации на земјите, може да се забележи дека најголем пад во извозот е забележан со земјите-членки на ЕУ, како и со земјите од Западен Балкан, додека, пак, имаме раст на извозот со членките на ЕФТА, како и на Организација на земјите извознички на нафта и нафтени деривати, со Северноамериканската зона на слободна трговија, Организацијата за економска соработка на земјите од азиско-пацифичкиот регион и со Заедницата на независни држави.

Неизвесноста е присутна насекаде

Колку ваквата состојба ќе биде поттик домашните компании да бараат нови пазари за пласман на своите производи и дали тие може да создадат нови конекции со кои ќе го зголемат извозот? Економистите сметаат дека пандемијата е голем предизвик и дека неизвесноста е присутна насекаде, поради што освојувањето нови пазари станува уште поголем предизвик отколку претходно.
– Наоѓањето нови пазари во екот на пандемијата е навистина проблематично, бидејќи и да најдат компаниите нови земји каде што пандемијата не е толку раширена, не се знае дали во блиска иднина нема да стане полошо и кај нив. Поради овие причини нема што многу да се направи, бидејќи нема пазар за кој може да се надеваме дека нема да биде зафатен од кризата. Од друга страна, пронаоѓањето нови пазари е многу лесно да се каже, но многу тешко да се направи. Пазарите се веќе добро поврзани, си имаат свои доставувачи со кои соработуваат веројатно со години, па за да го сменат постојаниот доставувач со нов, особено од Македонија, тоа кај големите компании е процес од три-четири години најмалку. Тие сакаат прво да проверат за каков производител станува збор, да го проверат квалитетот на производот што им се нуди, но и да се проверат можностите за редовна испорака, а притоа да си поевтин од веќе договорениот доставувач, бидејќи во спротивно немаат причина за промена на доставувачот – објаснува универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Компаниите треба постојано да се во потрага

Тој посочува дека за компаниите е битно и позитивно секогаш да се во потрага по нови пазари, да истражуваат за состојбите во другите земји и за своите можности за ширење, но нагласува дека притоа не треба да се откажуваат од веќе постојните соработки.
– Со наоѓањето нови пазари не треба да се заборават постојните, односно не треба да се заменат пазарите во Европската Унија, туку да се цели кон нови пазари како дополнување на веќе постојните мрежи на соработка. Сепак, колку е можно да се дојде до нови пазари во услови на корона-криза е многу дискутабилно. За Македонија сметам дека е најдобро да се специјализира за европските пазари, но притоа да се насочи кон производи што се со повисок степен на доработка и кои имаат поголема додадена вредност, притоа производите да имаат висок квалитет, за да бидат барани и купувани. Не треба да се намали соработката, туку технолошки да имаме понапредно производство – посочува професорот.

Приоритет да им се даде на земјите од регионот и од ЕУ

Узунов укажува дека за Македонија е логично најпрво да развива соработка со земјите од регионот, а следствено и со земјите од Европската Унија. Истакнува дека имаме доста можности за соработка во регионот, особено со соседите како Србија, Бугарија, Грција, Косово, Албанија, но и со Хрватска и Босна и Херцеговина. Сепак, соговорникот укажува дека покрај новите пазари, компаниите треба да си ги одржат, но и да ги прошират соработките или извозот кон Европската Унија и земјите во Унијата.
– Недостиг за нашата земја е што имаме слаба соработка со одредени земји во регионот, а токму во тие земји треба да се гледа како на нови пазари каде што можеме брзо да оствариме соработка, и тоа долгорочна соработка. Предноста е во близината, но и во поврзаноста со овие пазари, како технолошката поврзаност, така и транспортната. Македонија како мала земја не може да размислува за освојување големи пазари како Латинска Америка или Далечниот Исток, Австралија… Македонија би можела значително да расте и со освојување на пазарите во регионот – појаснува Узунов.
Во насока на остварување подобра соработка помеѓу земјите од регионот, професорот смета дека државата може да помогне или да ја поттикне соработката со отстранување на постојните бариери, од типот на разна документација, проблеми со движење на стока и луѓе. Смета дека со отстранување на сите бариери за развојот на економијата помеѓу земјите на Балканот, доколу на некој начин тие станат еден пазар, каде што стоката и луѓето ќе можат да се движат без тешкотиите што се присутни сега, економијата во регионот ќе може побрзо да се развива.