Годинашното 23-то издание на „Скопје филм-фестивал“ почнува вечерва, во 19 часот, во Кинотеката на Македонија, со проекцијата на отворено на австралиско-британскиот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, базиран на романот на Питер Кери за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели, во кој се појавуваат Џорџ Меккеј и Расел Кроу. Веднаш потоа следува проекција на филмот „Џулиета од духовите“, првиот од ретроспективата на Федерико Фелини.
– Среќни сме што „Скопскиот филмски фестивал“ успеа да опстои и што и во услови на пандемија го отвораме 23-то издание. Оваа година програмата ја приспособивме на условите, но со голем број значајни филмови, заеднички со Кинотеката.
Од придружните програми ја издвојувам изложбата на Зоран Кардула, наш извонреден уметник и дизајнер, како и големата ретроспектива на филмови по повод 100 години од раѓањето Федерико Фелини – вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.
„Скопје филм-фестивал“ ќе донесе разновидна програма и содржини со дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир-кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини. Програмата на светски филм на публиката ќе ѝ донесе пресек на актуелните и наградени филмови од врвните светски фестивали во 2019 и 2020 година, како фестивалот „Санденс“ и Берлинскиот филмски фестивал.
– Трета година во низа ја реализираме програмата Денови на квир-кино, во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми што извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините – вели селекторот на програмата, Крис Белони.
Особено е атрактивна годинашната голема ретроспектива во чест на италијанскиот и светски великан на филмската уметност Федерико Фелини, по повод 100-годишнината од раѓањето на големиот мајстор. Во рамките на оваа програма ќе бидат прикажани десет филма на Фелини.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека, меѓународно познатиот македонски уметник ќе ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини. Изложбата ќе биде отворена за времетраењето на фестивалот, во галеријата ќе можат да влезат ограничен број посетители.
Зоран Кардула е плоден автор, препознатлив по својот стил, со широк опсег на интерес, кој вклучува режисери, уметници, борци, бруталистичка архитектура, арт деко и баухаус стил, редизајн на продукти од ерата на Југославија…
Во рамките на програмата на фестивалот ќе биде отворена и изложба на дела на учесници на обуката за артивизам. Осум учесници научија како да го користат методот на артивизам за да ја кренат свеста и да го зајакнат знаењето за човековите права и правата на заедницата ЛГБТИК+. Овие инспиративни млади луѓе користеа различни форми на уметност (илустрации, фотографија, анимација, итн.) за да ги создадат своите постери. Нивните дела ќе бидат изложени во фоајето на Кинотеката.
Од 9 до 13 септември ќе се одржи петдневна филмска работилница, која ќе вклучи практична работа за основните филмски техники и камера, развивање индивидуални идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на девет кратки филма. Предавачи и обучувачи на оваа работилница ќе бидат професионалци од филмската индустрија од Холандија и од Македонија.