Како што се ширеше новиот коронавирус годинава во светот, така владите преземаа итни мерки во обид да ја ограничат пандемијата. Јужна Кореја, Тајван и Виетнам беа меѓу земјите што беа пофалени за спроведување масовно тестирање во комбинација со ефикасни стратегии за пронаоѓање и изолирање, кои првично помогнаа да се спречи ширењето на ковид-19. Од друга страна, пак, Британија и САД беа критикувани за спроведување мерки на карантин многу подоцна, двете земји во моментот остануваат меѓу најпогодените од коронавирусот на глобално ниво. Италија и Шпанија беа првите европски епицентри, кои со строги мерки успеаја во голема мера да ги стават под контрола епидемиите, иако сезоната на летни одмори одново ги зголеми стапките на инфекции.
Истражувачкиот центар „Пју“ неодамна објави истражување за ставовите на јавноста кон одговорот на пандемијата на нивната влада во 14 развиени економии. Откриено е дека мислењето е генерално позитивно, со 73 проценти просечно одобрување, но дека има одредена варијација меѓу луѓето во Британија и во САД со јасни поделби. Мнозинство од 54 проценти во Британија не го одобрува одговорот на нивната влада, додека 46 проценти даваат зелено светло на напорите на властите. Во САД, кои имаат најголем број инфекции во однос на која било друга земја, мнозинство од 52 проценти граѓани смета дека националниот одговор е лош, во споредба со 47 проценти што сметаат дека Владата реагирала добро. Во Канада, пак, ситуацијата е сосема различна, при што 88 проценти од граѓаните велат дека Владата добро реагирала на кризата.