Исклучок од владината најава ќе бидат здравствените работници, лекарите, медицинските сестри и вработените во високото образование, кои, според процената, навистина се дефицитарни кадри. Освен тоа, ќе има можност за предвремено пензионирање,но и за префрлање некои административци во приватниот сектор
По најавата дека од први јануари задолжително ќе се оди во пензија со 64, односно со 62 години
Со исклучок на некои, според владината процена, навистина дефицитарни кадри, од први јануари наредната година задолжителното пензионирање ќе важи за сите мажи на возраст од 64 години и за жените со 62 години. Тоа го најави премиерот Зоран Заев, а процесот за донесување нов закон за пензионирање, според него, ќе започне веќе овој месец. Како што рече Заев, исклучок од ова ќе бидат здравствените работници – лекари и медицински персонал, како и кадри од областа на високото образование.
Според податоците од Министерството за информатичко општество и администрација, во моментов има околу 10.300 лица што се на возраст над 64 години, а сè уште се во работен однос.
– Законот ќе биде изгласан во првите сто дена, а ќе биде со важност од 1 јануари следната година. Тоа значи задолжително пензионирање на 64 години за мажи и на 62 години за жени. Исклучок од тоа ќе бидат здравствените работници, лекарите, медицинските сестри и вработените во високото образование, кои навистина се дефицитарни кадри. Потоа ќе има можност за предвремено пензионирање со пет години порано одење во пензија, но и можност за префрлање некои административци во приватниот сектор, во соработка со стопанските комори за поголеми плати таму – изјави Заев по средбата со претставници на стопанските комори.
Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, вкупните приходи на Фондот во 2019 година изнесуваат 75,9 милиони денари (околу 1,2 милијарда евра) и во овој износ парите од државната каса се 29 милијарди денари (околу 471 илјада евра), што значи дека околу 40 отсто од неопходните пари се обезбедуваат преку буџетот.
Пензискиот придонес од 1 јануари 2020 година изнесува 18,8 отсто од бруто-платата.
Податоци на Фондот за ПИОМ покажуваат дека во 2019 година имало 581.405 вработени осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, а дека бројот на пензионерите на крајот од 2019 година бил 324.039, или дека 1,8 вработен издржува еден пензионер. Колку за споредба, пред триесетина години тројца вработени издржувале еден пензионер.
Од вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои изнесуваат околу 1,2 милијарда евра, расходите за пензии се 77 отсто, или околу 915 милиони, а другите пари одат за плаќање на здравствениот придонес за пензионерите, за трансфери во вториот пензиски столб, како и за самото институционално функционирање на пензискиот фонд.
Меѓународниот монетарен фонд во неколку наврати побара покачување на старосната граница за одење во пензија, за намалување на дупката во ПИОМ, која сега се полни со средства од буџетот.
– Ова што се прави е дефинитивно контра препораките на ММФ и оваа мерка е префрлање од шупливо во празно. Тоа се стари идеи дека на тој начин може да се помогне во намалувањето на невработеноста – вели поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев.
Според него, тоа се испробани методи што ништо не решиле и дека товарот само се преместува на друго место.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека е потребна подлабока и посериозна анализа за да се утврди дали новиот закон за пензионирање ќе донесе позитивни или негативни ефекти.
– Можеби за тој дел на работната сила што е од јавната администрација, секако, со претходно направена длабока анализа, е навистина исплатливо да одат во пензија и да се вработат нови млади луѓе. Таа работна сила кога останува на работа до 67-годишна возраст штеди пари во буџетот бидејќи не се даваат тие пари за пензии, ама голем дел од таа работна сила е непродуктивна бидејќи седи на работа и ништо не работи – вели Узунов.
Според него, луѓето на возраст до 67 години веќе се за пензионирање.
– Имате некој што е вработен на 66 или 67 години, па може да сметате дека тој половина од годината е на некакво боледување. Ви тврдам дека од 99 отсто од оние што седат во администрација нема ама баш никаков ефект. Тие само чекаат да одат во пензија, ама не веднаш, туку на 67 години бидејќи наместо да се досадуваат дома, ќе одат на работа и ќе земаат плата, која им е повисока од пензијата што би им следувала – појаснува Узунов.
Осврнувајќи се на ефектите врз приватниот сектор, тој додава дека тука притисокот е врз вработените да одат во пензија.
– Газдите сакаат вработените што се на 62 и 64 години да одат во пензија оти ги сметаат за непродуктивни – истакна Узунов, уште еднаш додавајќи дека е потребна подлабока анализа за да се утврдат вистинските ефекти од овој чекор.
И првиот човек на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, смета дека станува збор за стратегија на новата влада, која има и позитивни и негативни страни.
– Гледано од очите на Владата, тоа значи ослободување од администрацијата, односно намалување на бројот на вработени во администрацијата, која и онака е непродуктивна, особено на таа возраст. И покрај искуството што тие го имаат во минатото, сепак нивниот ангажман повеќе кочи отколку што решава нешто. Гледано од тој аспект, тоа е добра одлука на премиерот – вели Кучи.
За него новиот бран пензионери ќе го отвори проблемот со кусокот на средства во Фондот на ПИОМ.
– Дискутабилно е што овие луѓе ќе треба да земаат пензии бидејќи треба да се најдат средства за нивните пензии – рече Кучи.
Тој уште додаде дека тие како бизнис-заедница бараат експедитивност, помалку процедури и брзо решавање на барањата, а постарите вработени не можат да им го понудат тоа.