Според новата методологија на преговори, како значаен инструмент за концентрирање и динамизирање на процесот на преговорите се воведени т.н. временски одредници. Имено, „временските одредници за мерење на напредокот“ се предвидени токму во кластерот каде што се содржани реформите во правосудството. Тоа е за да им се даде засилено темпо на клучните реформи во делот на владеењето на правото! Во исто време интенцијата е што подобро да се мониторира напредокот во правосудниот систем. Многу е значајно да се истакне дека пред да се исполнат „временските одредници“ од кластерот каде што се содржи владеењето на правото, тој кластер нема да биде затворен од ниеден друг кластер за кој паралелно се преговара
Проветрувањето на кадрите во судството, спроведување на новиот закон за јавно обвинителство, законските измени во кривичната постапка и казните се само дел од многуте работните задачи што ќе го пречекаат новиот министер за правда Бојан Маричиќ.
Суштински реални реформи – да, но и темпото за нивното спроведување е услов во преговорите
Овие исклучително тешки и одговорни одлуки ќе треба да ги спроведе државата во најкраток можен рок, бидејќи од суштински спроведени реформи зависат развојот и динамиката на преговорите во оваа област. Во истиот контекст, кога сме кај темпото и динамиката на квалитетно водени реформи, и временската рамка за нивно спроведување виси како Дамоклов меч. Имено, според новите правила на преговори, како значаен инструмент за концентрирање и динамизирање на процесот на преговорите се воведени т.н. временски одредници. Имено, временските одредници за мерење на напредокот токму во кластерот каде што се содржани реформите во правосудството се за да им се даде засилено темпо на клучните реформи во делот на владеењето на правото. Во исто време целта е што подобро да се мониторира нивниот напредок, кој мора да биде избалансиран со напредокот во сите други поглавја. Многу е значајно да се истакне дека пред да се исполнат „временските одредници“ од кластерот каде што се содржи владеењето на правото, тој кластер нема да биде затворен од ниеден друг кластер за кој паралелно се преговара. Не попусто ЕК во својата работна верзија за новата методологија на преговори кластерот во кој се содржани реформите на правосудството го нарече „Фундаменти“. Токму тој кластер ќе биде прв отворен и последен затворен од кластерот.
Првиот чекор е најтежок
Во предлог-програмата на Владата, која е доставена до Собранието, е наведено дека еден од приоритетите е ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството, а во неа е наведено дека првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на антикорупциската комисија да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители.
– Судскиот совет од своја страна, во согласност со новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети што беа доведени до застареност со одложување, ретки рочишта и слично. Проверката може да ги опфати личното и професионалното минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи – се вели во програмата на оваа тема.
Во сублимиран заклучок, правниците со кои се консултиравме велат дека патеката до спроведувањето на предвиденото ќе биде трнлива, тешка и полна со предизвици.
Поранешниот врховен судија Дане Илиев вели дека претходната влада не ја искористи можноста, но и алатките што ѝ беа на располагање во целост да ги исполни ветувањата дадени во делот на владеењето на правото, а кои ги имаше најавено во изборната програма во 2016 година и додава дека најголемите пропусти се направени во доследната примена на Законот за кривична постапка и последиците од пропаста на СЈО, како и долгогодишното влечење во судовите на нивните предмети.
Според него, најголеми предизвици на новиот министер ќе бидат длабоките реформи во казненото право, да ги реформира граѓанското право, граѓанската постапка, реформите за извршување и нотарскиот систем.
Професорот по право Владо Јосифовски, во своја изјава за новинарите, на оваа тема вели дека Македонија помина низ процес на сериозна стагнација во поглед на независноста и самостојноста на правосудните институции. Тој посочува дека и извршната власт има одговорности и во тој поглед може да се напредне и динамизира тој напредок кај правосудните институции. Но тоа сигурно не е начинот во кој извршната власт грубо би се мешала во судската.
Според него, реформите се неопходни бидејќи разнишаната позиција на правосудниот сектор одамна го создала и чувството кај граѓаните дека се доведува во прашање и заштитата на слободите и правата на граѓаните во Македонија.