Групите за заштита на животната средина се загрижени дека Европа, но и Германија сакаат да ја искористат единствената шанса создадена од пандемијата за тие да ја остварат климатска цел определена за 2020 година
Кризата со коронавирусот можеби има една позитивна страна, а тоа е што Европа, но и Германија, како една од најголемите земји во Унијата, може да ја остварат својата цел во намалување на емисиите на штетни гасови за 2020 година. Целта е до крајот на оваа година да се намалат стакленичките емисии за 40 отсто во споредба со нивоата во 1990-тите години. Ова, меѓу другото, се наведува во најновиот климатски извештај усвоен од страна на германскиот кабинет во мината среда. Според магазинот „Политико“, ваквиот тренд може да придонесе кон општо намалување на штетните емисии на Стариот Континент, заложба што пред пандемијата тешко беше остварлива за повеќето европски влади.
Во меѓувреме германското министерството за животна средина порача дека „степенот на намалување на емисиите поради пандемијата на коронавирусот сè уште не може прецизно да се одреди. Но доколку актуелните емисии на стакленички гасови за 2020 година се ниски, тогаш може да се постигне целта од 40 отсто“. Постигнувањето на оваа цел ќе ја зајакне позицијата на Германија додека е на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ и отвора шанса за неа да ги води преговорите за зајакнување на климатските цели на блокот оваа есен.
Паралелно на ова, ланските бројки претставуваа значително подобрување во споредба со 2018 година во која емисиите беа намалени за околу 32 отсто, наведува „Политико“. Исходот за 2019 година не е поврзан со пандемијата. Сепак, според извештајот, емисиите се намалиле најмногу во енергетскиот и во индустрискиот сектор што е знак дека пазарот на јаглерод во блокот функционирал поуспешно од очекувањата. Зголемените цени во системот на трговија со емисии на ЕУ помогнаа дополнително јагленот да се замени со гас и со други енергетски извори што помалку загадуваат. Според извештајот, во 2019 година изворите на обновлива енергија во Европа, но и Германија, како ветерот, соларната енергија, биомасата и хидроенергијата, сочинуваа речиси 43 отсто од искористената енергија. Германската министерката за животна средина Свења Шулце ги поздрави резултатите и истакна дека Германија „ги научила вистинските лекции од негрижата во минатото“.
Таа додаде дека Законот за климатска заштита, кој стапи во сила на крајот од ланската година, ќе помогне во постигнувањето на климатските цели. Инаку, законот наложува германската влада секоја година да врши проверки дали државата ги следи препораките на ЕУ за намалување на емисиите до 55 отсто до 2030 година. Но групите за заштита на животната средина изразуваат загриженост дека Германија, а со тоа и Европа може да ја постигнат целта за 2020 година само благодарение на катастрофата со ковид-19.
– Срамно е за Владата што само пандемијата овозможи да се постигне таа цел. Ова треба јасно да се сфати како предупредување дека климатската заштита мора да биде приоритет во политичкиот дневен ред – истакна Симоне Петер, претседателка на лобистичката група за обновлива енергија БЕЕ.
Минатата среда, широката алијанса на активисти за заштита на животната средина ја притисна Владата да ги зајакне климатските мерки и да обезбеди програма за обнова по пандемијата што ќе се залага за еколошки цели.
– Економската криза не е структурна промена. Само ако денес создадеме услови можеме да имаме шанса да постигнеме климатска рамнотежа до 2050 година. Веќе знаеме дека климатската програма за 2030 година не е доволна за актуелните климатски или за повисоките климатски цели на ЕУ – порача Каи Ниберт, претседател на ДНР, германската алијанса за зачувување на природата.