Веќе се подготвуваат драфт документите за да може да се почнат разговорите со претставници во министерствата. Тоа ќе трае неколку месеци, обично три или четири. Во тој момент ќе го имаме т.н. пристапен протокол подготвен и тој ќе биде испратен до сите 29 парламенти и законодавни домови на државите-членки на НАТО за да биде ратификуван во секој од нив. Тогаш ПЈРМ ќе биде повикана на масата, ќе биде поканета да се приклучи на сите состаноци да учествува во нашите дискусии. Во тој момент ќе бидете повикани на масата на НАТО.
Ова го истакна заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемолер во интервју од Брисел за емисијата „Топ тема на ваша страна“ на телевизијата Телма.
Посочи дека со нетрпение го очекуваат тој момент и може да се случи на почетокот на 2019 година. Но, нагласи, ќе треба време за секој парламент да го ратификува пристапниот протокол и тоа ќе одземе малку време.
– Но, тоа е процесот на НАТО и тука нема условувања и процесот ќе се движи напред. Знам дека има внатрешни процеси кои мора да се спроведат за да се имплементира Договорот меѓу Скопје и Атина. Тоа не е услов на НАТО, но битно е тие процеси, исто така, да бидат имплементирани за да може да одиме чекор понатаму- потенцира Готемолер .
Во врска со тоа дали можеби има некакви несогласувања кај некои од 29 држави-членки на НАТО со овој процес, таа смета оти е потребно да се има на ум дека има различни временски периоди и различни дебати.
– Кога Хрватска и Албанија се приклучија во НАТО во 2009 година беше директно, во 2008 ги почнавме преговорите, во 2009 се беше завршено вклучувајќи ја и ратификацијата кај земјите-членки. Кога Црна Гора се приклучи во јуни минатата година процесот на ратификација траеше околу 18 месеци во различните законодавни домови, вклучувајќи го и Сенатот во мојата земја, во САД, каде што требаше малку повеќе време од тоа што го предвидував, рече Готемолер .
Грција, посочи, треба да биде првата држава, која ќе го ратификува Договорот за спорот со името и да го ратификува членството во НАТО.
На прашање што ќе се случи ако Грција не го стори тоа, ако не се ратификува Договорот во грчкиот Парламент, дали НАТО има некаков план за Македонија во тој случај, таа укажа дека во суштина ќе продолжат под која било околност да работат заедно со Владата на Република Македонија за процесот.
– Ќе ми биде драго да ве имаме Вас на масата како членка. Кога пристигнав во НАТО, Црна Гора се уште беше само поканета, не беше полноправен член, но седеше до мене. Тоа ми се допадна. Ми се допадна поканетите држави да седат на чело на масата да седат веднаш до мене и до генералниот секретар. Се надевам дека тоа ќе се случи и со Скопје, ќе бидете повикани да ни се придружите на масата во тој момент. Како што кажав, процесите на ратификација зависат од секоја земја членка на НАТО- рече Готемолер.
Во врска со тоа кои се очекувањата и плановите на НАТО околу референдумот за Договорот со Грција, таа рече дека се надеваат и навистина сакаат Република Македонија да се приклучи во НАТО како Република Северна Македонија, но јасно е дека сите процеси мора да завршат.
– Вашиот Устав мора да биде изменет. Мора да се одржи референдум. Овие процеси мора да се случат. Ова го гледаме како голема можност за вашата држава. Вие сте на прагот на НАТО и се надеваме дека ќе бидете полноправна членка што е можно побрзо, но јасно е дека има некои внатрешни одговорности кои мора да бидат завршени и овие процеси да финишираат- додаде Готемолер.