Ексклузивни сознанија од истражување за потеклото на албанското население во Скопје и околината
Во сеопфатни длабоки двегодишни архивски и теренски истражувања низ населбите во Скопско Поле, кои д-р Јован Трифуноски ги реализирал од 1951 до 1953 година, меѓу сите испитани родови чиј мајчин јазик е албанскиот „не е најден ниту еден род чии фамилии не биле доселеници“, а притоа „најголем дел од албанското население знае кој предок и од каде се доселил“. Освен тоа, пишува д-р Трифуноски во својата студија за албанското население во Скопско Поле, објавена во 1954 година во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, сите се сеќаваат на времето кога се доселени, за начинот и за причините.
„Прави Албанци и поалбанчени Цигани“
„Албанското население од Скопско Поле се дели на прави Албанци и на поалбанчени Цигани. Од првите има 183, а од другите 106 куќи. Според местата од каде што се доселени, населението со албански јазик во Скопско Поле припаѓа на две главни доселенички струи: северноалбанска и косовска. Првата струја дала 53 рода, со 172 дома етнички Албанци. Втората струја дала 61 род, со 92 дома, а населението од оваа струја се поалбанчени Цигани. Преостанатите помали струи, со незначителен број доселеници, се од други делови на Албанија, од Метохија со Дреница и од Горна Морава. Сето ова население сега живее во 21 населба во Скопско Поле, а мнозинство е само во Шишево, каде што има 38 куќи, во Долно Нерези – 63 куќи и во Идризово – 27 куќи. Половина од вкупното население се во Трубарево, каде што живеат во 25 куќи, а под половина од населението се во Синѓелиќ, Арачиново, каде што има само 20 куќи Албанци, во Огњанци со 27 куќи, во Катланово со 13 куќи итн.
Пред сто и триесет години први села во кои дошле Албанци во Скопско се Горно Оризари, Бардовци, Вучи Дол, Орман, Шишево, сарајско Оризаре, Бутел и други. Бидејќи не се снашле во новата средина, опкружени со многу блата и мочуришта, почнале да се повлекуваат во планинските населби. Потомци од Албанците што дошле во Вучи Дол и Орман, на пример, сега живеат во планинските села Пустеник и Гајре, а оние од Бардовци се преселиле во селата Горно и Долно Блаце, на гребенот на Скопска Црна Гора, и во селото Биљача кај Прешево. Албанците што првично дошле во Бутел, по извесно време се повлекле во Танушевце, а оние од Кисела Вода се качиле во селото Чифлик на Водно. Албанците од Оризаре кај Сарај сега се наоѓаат во селото Чајлане на планината Осој, а оние што сега живеат во селото Љуботен на Скопска Црна Гора знаат дека претходно кратко време живееле негде во полето. Од Албанците населени во средината на 19 век во Скопско Поле зачувани се само два рода, кои имаат 38 куќи, и сега живеат во селото Шишево, кое лежи на меѓата од Скопско Поле и гребенот на планината Водно.
Новиот голем бран албански доселеници
Во почетокот на 20 век почнал нов и најголем бран на доселување албанско население во Скопско Поле од околните претежно планински села, кои послужиле како миграциска етапа, но не можеле да овозможат потребни средства за живот на населението што почнало брзо да се множи и да бара нов простор за живеење. Во овој период, значи од почетокот на дваесеттиот век до денес, за околу 50 години (до 1953 год. н.з.), околу 120 албански рода што сега имаат 251 дом се населиле во триесеттина скопски населби, исполнувајќи поголем број од полските села. И сега, значи во времето кога го правевме ова истражување, албанското население со нагласена брзина се спушта во Скопско Поле од околните планински предели, но и од Косово Поле. Инаку, Албанците од околните области, во скопските полски села првично се спуштале само кога ја дотерувале стоката на зимување, но подоцна почнале да доаѓаат и поради сезонски земјоделски работи, особено како косачи во Блатија, или како момоци и наполичари на земјата на одделни поимотни неалбански фамилии, најпрво кај турските чифлик-сајбии, а подоцна и кај македонските домаќини. Оние што се спуштале како сточари од гребенот на Скопска Црна Гора, денес живеат во селата Бутел, Идризово, Ржаничино, Огњанце, Синѓелиќ, Арачиново итн. Другите, оние што доаѓале како земјоделски работници и момоци и кои главно се доселувале по Првата светска војна, претежно биле поалбанчени Цигани, а не етнички Албанци. Ваквите поалбанчени Цигани доаѓале од косовски, метохиски и горноморавски села, и се населиле во Трубарево, Катланово, Инџиково, Петровец и уште неколку други полски села. Во 1946 година на таквите албански фамилии аграрната реформа им доделила земја за обработување, пишува д-р Јован Трифуноски во својата студија за албанското население во Скопско Поле.
„Толерантноста, соживотот и уважувањето на мултиетничноста како концепт кај Македонците се покажале на дело и кон Албанците доселеници, но…“
Според истражувањето на д-р Трифуноски, главниот дел од албанското население дошол во Скопско Поле по патиштата што водат преку Метохија, Косово Поле, низ Качаничката Клисура, но и патиштата што воделе од Гњилане преку гребенот на Скопска Црна Гора:
„Кога Косово Поле и Горна Морава се исполниле со албански населби, се јавило прелевање на албанскиот елемент кон Скопско Поле. Родовите Оџилари, Мурис и Тенџер, на пример, по иселувањето од Северна Албанија, преку Косово Поле и Горна Морава, најпрво дошле во селото Брест на Скопска Црна Гора, а по Втората светска војна оттаму се спуштиле во Синѓелиќ. Родот Таири од Северна Албанија дошол во Косово Поле, а наскоро потоа оттаму се иселил во Стулб, во Јабланица, па се вратил во Горно Кусце кај Гњилане за подоцна, во 1927 година, да стигне во селото Арачиново. Семејството Демири, кои сега живее во Јурумлери, по потекло е исто така од Северна Албанија. Според сведочењето на најстарите луѓе во семејството, овој албански род најпрво се населил во селото Мало Полце кај Штимље на Косово, од каде што, потоа, во 1920 година, стигнало во скопско Јурумлери. Родот Незири сега е населен во Идризово, но пред тоа, најпрво, од Северна Албанија се населил во селото Прела на Косово, а во Идризово дошол во 1920 година. Сличен бил патот по кој се движеле и Албанците од родот Шабани, сега населени во Наово.
Дошле од Северна Албанија во косовското село Белоградце, па оттаму во 1950 година се доселиле во сегашното село. Албанците од родот Шкека, кои сега живеат во ’Ржаничино, припаѓаат, како што кажуваат самите, на едно големо братство од Северна Албанија. Подоцна братството делумно се растурило, па одделни разграноци дошле на Косово Поле и во скопски Дервен, односно во Матка, Глумово и Љубин. ’Ржаничанските Албанци од родот Шкека се делови од тие разграноци, кои подоцна се ширеле на поголем простор.
Во неколку села во Скопската Котлина, и тоа во Синѓелиќ, Идризово, Арачиново, Бутел и Белимбегово се населиле босанско-херцеговски муслимани, кои полека се претопиле со Албанците. Доселените Албанци што се рашириле во поголем дел од полските села и во сите делови на областа, со себе донеле муслиманска вера, обичаи, психички особини, расен тип, јазик, стандард на култура и живот. Многу села од Скопско, кои за време на турската власт, значи до почетокот на 20 век, според населението биле христијански и словенски, денес, значи по ослободувањето на Македонија, делумно или повеќе од половина станале албанско-муслимански. Поради масовното доселување не се ретки деловите од Скопската Котлина во кои се градат сосема нови муслимански населби, а во нив веднаш се градат и џамии, се основаат муслимански гробишта, се градат албански школи и друго. Меѓу сите етнички групи што сега постојат во Скопско, значи од Македонци, Срби, Турци, Цигани – доселувањето на Албанците се врши најмасовно, речиси секојдневно, непрекинато и најживо. Освен тоа, албанското население има и најголем прираст, така што нивниот број набргу ќе биде уште поголем, заклучува проф. д-р Јован Трифуноски во своето истражување за доселувањето на Албанците во Скопската Котлина.
Во тоа време проф. Трифуноски веројатно не можел ниту да претпостави дека доселените Албанци во Македонија, уживајќи ги сите индивидуални и колективни права според највисоките стандарди за еден етнички ентитет надвор од својата матична национална држава, а имено доселени во едно толерантно, мултинационално општество како што е Македонија, ќе се обидат на сметка на народот што е носител на државноста, но што е уште позначајно, на сметка на другите етнички ентитети, да наметнуваат политики на конститутивен (албански национален) елемент, со намера во основа да го сменат и карактерот на државата, и тоа со различни методи: од воени, преку политички до уставноправни и законски измени, ставајќи ја функционалноста на државата во заложништво?!
Кој е д-р Јован Трифуноски?
Проф. д-р Јован Ф. Трифуноски, син на македонскиот комита Филип Трифунов Лулков, е роден во гостиварското село Вруток пред сто и шест години, а починал во Белград пред осумнаесет години. Дипломирал во 1939 година на антропогеографската група на Филозофски факултет во Скопје, а од есента 1940 година, како асистент на истиот факултет, почнува со своите теренски истражувања. Од мај 1941 година до август 1946 година бил асистент на Филозофскиот факултет во Белград, а потоа повторно се вратил во Скопје. По одбранетиот докторат во 1950 година поминал низ сите етапи на својата професорска кариера. Трифуноски е автор на многу дела од областа на географијата и антропологијата, меѓу кои се и книгите за Качаничка Клисура, за Горна Пчиња, шесте книги за Скопската Котлина, книга за Кичевската Котлина, за кривопаланечка област, Горна Пчиња, Врањска Котлина, Скопска Црна Гора, кумановската област, струмичкиот крај, Овчеполската Долина, областа на Бабуна и Тополка, Пиринскиот дел на Македонија и други. Со оглед на тоа што истражувањето секогаш го сметал за основа на својата стручна работа, сите негови книги се богати со многу податоци за потеклото на населението, историјата на местата и стопанските услови, кои се од извонредно значење за географијaта и историјата на Македонија. Притоа особено се значајни неговите записи за местата и потеклото на населението во населените места во кои денес живее исклучиво албанско население.
Што се тоа Маљоци?
Според д-р Јован Трифуноски, поалбанчените Роми во селата од Скопско Поле се познати под општото име Маљоци: „Старците од ова население тврдат дека дошле од Косово Поле, Метохија, Горна Морава и Дреница. Каде живееле пред тоа не се знае, но изгледа дека некои нивни родови престојувале и во Северна Албанија, па потоа оттаму доаѓале во Косово Поле. Населението Маљоци има црна боја на кожата. Маљоците своите сонародници, правите Цигани, ги викаат подбивно и настојуваат разликата меѓу нив да биде што поголема. Гробиштата им се одделни, а меѓу нив не се склопуваат бракови.“
Пишува: Блаже Миневски