Фото: Игор Бансколиев

Нѐ очекува период на настинки и грип, па ако не се почитуваат мерките за заштита, ќе има многу болни и матичните доктори ќе бидат преоптоварени со илјадници јавувања од луѓе со симптоми и сѐ потешко ќе се препознава од што точно се болни, бидејќи симптомите се слични

Симптомите на грип и на ковид-19 се слични,
ако не се штитиме, допрва ќе биде компликувано

Се ближи почетокот на есента во која стандардно се бориме со различни респираторни инфекции. Со оглед на фактот дека пандемијата на ковид-19 е во полн ек, населението во страв се прашува што нѐ чека наесен и во зима.

Нѐ очекува период на настинки и грип, па ако не се почитуваат мерките за заштита ќе има многу болни и матичните доктори ќе бидат преоптоварени со илјадници јавувања од луѓе со симптоми и нема да се знае од што точно се болни, бидејќи симптомите се слични, вели за „Нова Македонија“ проф. д-р Никола Пановски.
– Во таков случај ќе треба сите што имаат симптоми да се тестираат, а немаме капацитет како држава за такво нешто. Мои процени се дека ако не се почитуваат мерките на заштита би имало по пет до шест илјади пациенти на ден. Лани од нив, од 500 до 100 оделе на доктор, а сега сите би се јавувале на телефон. Хаос допрва ќе следува ако не се носат маски и ако не се одржува дистанца – вели Пановски.

Дали ќе има втор бран наесен?

Ковид-19 не е сезонска инфекција, за разлика од грипот, па Светската здравствена организација истакнува дека сме постојано во првиот пандемиски бран. Сепак, факт е дека некои земји пролетоска успешно го елиминираа локалното ширење на коронавирусот, но подоцна се соочија со зголемен раст на бројот на новозаразени лица. Бројот на заразени лица расте во некои делови на Европа. Германија, Шпанија, Италија и Франција во последните денови бележат најголем број заразени лица споредено со пролетоска.
„Општиот пораст на заразата во Европа е поврзан со попуштените мерки за социјалната дистанца и опуштањето на луѓето“, предупреди Ханс Клуге, шефот на регионалната канцеларија на СЗО за Европа.
Со голем број заразени повторно се соочуваат Израел, Перу, Австралија и Јапонија. Голем број експерти предупредуваат дека растот на бројот на заразени лица од ковид-19 на северната хемисфера може да се очекува наесен и во зима кога луѓето повторно ќе престојуваат во затворен простор, па респираторните инфекции полесно ќе се шират.

Ќе има ли вакцина до крајот на годината?

Според податоците на СЗО, во моментов 30 вакцини се во фаза на клинички испитувања, од кои седум се во третата фаза на испитувањето. Некои од тие седум вакцини би можеле да бидат одобрени на крајот на оваа година, по што би можело да се започне со масовно производство. Според оптимистичките најави, масовното вакцинирање на населението би можело да започне идната пролет. Во Русија оваа недела започнува третата фаза од клиничкото испитување на вакцината „спутник 5“, која веќе е регистрирана. Засега за таа вакцина, која сега ќе биде тестирана на 40.000 луѓе во Русија, не е објавена ниту една студија во некое медицинско списание.

Колку трае имунитетот на коронавирусот?

Студиите покажуваат дека антителата што луѓето ги стекнуваат откако ќе оздрават од ковид-19 можат да заштитат од повторна инфекција од коронавирусот. Дури и оние што биле асимптоматски или имале благи симптоми можат да стекнат имунитет. Понови студии на научници од универзитети во Аризона, Вашингтон, институтот „Каролинска“ во Шведска и Медицинскиот факултет на Харвард, покажуваат дека клетките како дел од имунолошкиот одговор на телото остануваат во крвта и кога антителата почнуваат да опаѓаат.
Бројот на антитела опаѓа, но дел од нив се одржуваат, а тоа е можно да се препознае три месеци по првите симптоми, што, пак, ја гарантира имунолошката реакција долго време по првата зараза.

Дали некои земји достигнаа колективен имунитет?

Од почетокот на пандемијата се зборува за колективен имунитет. Станува збор за облик на заштита од епидемиолошко ширење на заразната болест кај која вирусот не успева да прејде од заразениот на здравиот поединец поради фактот што во популацијата постои доволен процент поединци имуни на неговото дејство. Колку е процентот на имуни поединци во популацијата поголем, толку е можноста за пренесување на заразата и за продолжување на епидемијата помала. Здравствените експерти проценуваат дека прагот на колективниот имунитет во случајот со коронавирусот се движи од 60 до 70 отсто.

Како да се избегне нов раст на заразата наесен?

Прво и основно, треба да се почитуваат епидемиолошките насоки и мерки, како носењето маски во маркети, во јавниот превоз, но и на јавен простор каде што во исто време престојуваат многу луѓе. Покрај носењето маски и честото миење и дезинфицирање на рацете се препорачува и одржување физичка дистанца од два метри во затворен простор и еден метар на отворен простор. Во многу земји има препораки поголемиот дел од работата да се извршува од дома. Со оглед на тоа дека симптомите за грип и ковид-19 се слични, се препорачува вакцинација од грип. Според професорот Пановски, вакцина би го решила проблемот на долг рок.
– Откако населението ќе се вакцинира, за два месеца сѐ би било порелаксирано. Што се однесува до сезонскиот грип, државата треба да набави вакцини. Сега се вакцинираат хронично болните пациенти и лицата над 65 години, но сметам дека таа вакцина треба да биде подостапна за сите. Треба да се направи и кампања за вакцинирање од грип. Лани имавме 37 илјади евидентирани болни од грип, а вакцинирани беа околу 40.000 граѓани – додава Пановски.


Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел не очекува втор бран

Шведска веројатно ќе има спорадични жаришта, но не и голем есенски втор бран на ковид-19, кој би ги оптоварил болниците, изјави главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, објави „Ројтерс“. Шведскиот одговор на епидемијата е поинаков од остатокот во Европа, па цело време се отворени сите фирми, ресторани и поголемиот број училишта, а носењето маски не се препорачува.
Шведска по жител претрпе многу повеќе смртни случаи од нејзините соседни земји, но сепак, не толку како некои од најпогодените земји како Белгија, Шпанија и Велика Британија. Бројот на случаи со хоспитализации и смртни исходи драстично опадна во последните месеци. Со враќањето на Швеѓаните на работа од годишни одмори, како и повторното отворање на училиштата имаше процени дека во оваа земја ќе се случи втор силен бран на епидемијата.
– Овој вирус функционира на поинаков начин. Тој се шири главно преку жаришта, па во текот на есента ќе го видиме токму тоа – рече Тегнел.