Граѓаните во Западен Балкан, кои укажуваат на постоење коруптивни активности во високите државни кругови, се оставени самите на себе во намерата да ги докажат незаконските активности
Во Босна и Херцеговина од 2014 година само дваесетина лица поднеле барање за статус на свиркач, а тоа им било одобрено само на седум лица, кои укажале на корупција и незаконски активности во државните институции. Ова на најдобар начин ја илустрира подготвеноста на официјалните судски власти во земјите од Западен Балкан за борба против корупцијата. На ранг-листата на „Транспаренси интернешенел“ БиХ падна за 11 места во споредба со лани и заедно со Косово се наоѓа на 101-то место. Во регионот најдобро е пласирана Хрватска, која назадуваше за три места и сега е на 63-та позиција. Црна Гора и Србија добија исти оцени и се наоѓаат на 66-та, односно на 91-та позиција.
Законот за заштита на лицата што пријавиле корупција во институциите во БиХ стапи во сила на 1 јануари 2014 година. Улогата на овој закон беше да влијае стимулативно на укажувачите на коруптивно однесување кај високите функционери. Но примената на овој закон не ги даде посакуваните резултати, дури совесните граѓани и вработени лица ги стави во незавидна состојба, кои се изложени на постојан притисок и неизвесност. Особено овој закон не ги опфаќа луѓето што работат во институциите на ниво на ентитети и кантони, како ни во приватниот сектор, пишува „Ал џезира“.
Во Босна и Херцеговина, најактуелни, се случаите на Нермин Алешевиќ и Емир Мешиќ, кои пријавиле корупција во институции во кои се и вработени. Во меѓувреме, Обвинителството на БиХ го осомничи Алешевиќ за „неовластено снимање и давање мито“. Додека против Мешиќ во институцијата во која работи се поднесени две дисциплински постапки, што се толкува како последица од неговата улога на свиркач. Месиќ пријавил до надлежните органи неправилности дека повеќе од половина од 150 милиони евра, собрани од наплата на паркирање на царинските терминали во БиХ, завршиле на приватни сметки.
– Целиот случај ми донесе многу отсуства од работа, пари и време. Но не се каам за тоа – вели Алешевиќ за „Ал џезира“, иако се соочува со парична казна или затвор од една година за неовластено снимање. Со сличен коментар е и Мешиќ, кој вели дека не почувствувал никаква директна корист од тоа што добил статус на заштитен укажувач на корупција.
Во Македонија за свиркачи почна да се зборува со апсењето на Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костоски, односно со нивното учество во изнесувањето информации, кои биле обезбедувани на незаконит начин од Управата за безбедност и контраразузнавање, односно со неовластено прислушување. Всушност, со наградите што ним им беа доделени како први свиркачи државата ја сфати потребата од правен акт што ќе ја регулира оваа проблематика. Но како што велат познавачите на судската практика, Македонија не може да се пофали со некакви искуства од неговата примена.
Од 1.314 државни институции само седумдесетина имаат определено лице за прием на пријави за корупција според Законот за заштитено пријавување на укажувачи односно пријави од т.н. свиркачи. Од 2016 година се пријавени 19 случаи директно до Комисијата за спречување корупција, покажуваат резултатите од анализата на спроведувањето на законот, изработена од центарот за истражување „Форум“.
– И тие 70 јавни институции каде што има определено лице за прием на пријавите немаат воспоставено процедура. Тука спаѓаат големи и сложени системи како на пример Министерството за внатрешни работи, кое вработува над 12 илјади лица, а според перцепција на граѓаните е една институција каде што е присутна корупција. На ниво на целото министерство е определено само едно лице за прием на пријави, кое работи и друго како професионални стандарди, криминалистика итн. Во приватниот сектор, каде што се вработуваат 600 илјади луѓе, има само 24 овластени лица за прием на вакви пријави – изјави Александар Писарев од „Форум“, при објавувањата на резултатите од оваа анализа.
Според резултатите од анализата за спроведување на законот не е обезбедена максимална заштита. Таа има цел да се утврди колку е оперативен и како се применува Законот за заштитено пријавување на укажувачи. Законот е донесен во 2015 година како резултат на рамковен договор, а со реализацијата е започнато во 2016 година.
Лани во Србија беше обелоденета аферата „Крушик“, во која познатата фабрика за наменска индустрија давала повластени услови за одредени купувачи на оружје на штета за ова претпријатие од Ваљево. Оваа зделка се поврзува со таткото на министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ. Укажувачот од „Крушик“, Александар Обрадовиќ, помина три месеци во домашен притвор и во затвор, затоа што на новинарите им достави податоци што покажуваат како некои приватни фирми купувале оружје по повластени цени.