Борбата со корупцијата е една од клучните точки што се бараат од земјава на патот кон интегрирањето на Македонија во европското семејство. Сепак, во јавноста се наметнува и прашањето каква ќе биде улогата на Државната комисија за спречување корупција и дали со назначувањето на вицепремиерот за борба против корупцијата не се остава можност за паралелизам во институциите или за селективно постапување, нешто за што изминатите години Македонија постојано беше критикувана во меѓународните извештаи

НОВИ ФУНКЦИИ ВО НОВАТА ВЛАДА

Новиот владин концепт што го промовира премиерот Зоран Заев предвидува и нова функција, вицепремиер за борба против корупцијата, за која е предложен Љупчо Николовски, актуелен генерален секретар на СДСМ, чија улога ќе биде координација на надлежните институции во спречување коруптивни активности.
Според првичното објаснување на Заев, улогата на вицепремиерот за борба против корупцијата ќе биде да ги координира институциите како Финансиска полиција, УЈП, инспекторатите и МВР.
– Надлежностите на институциите остануваат, но нивната координација е клучна за да биде поголем ефектот во борбата против криминалот и корупцијата – истакна Заев појаснувајќи ја функцијата.
Од своја страна Николовски се заблагодари за довербата што му се укажува и најави борба против корупцијата.
– Ви давам збор дека откако ќе добијам чест да стапам на таа позиција по дискусијата во Собранието ќе дадам сè од себе за да донесам максимални резултати со кои како граѓани ќе се гордеете. Мораме да одиме напред, не смееме да застануваме – порача Николовски.

Сепак, во јавноста останува дилемата која ќе биде вистинската улога на Николовски, бидејќи Заев рече дека таа засега е замисла и дека ќе биде структурирана со одлука на Владата со посебен опис и попис на надлежности.
Дополнително се поставува и прашањето каква ќе биде улогата на Државната комисија за спречување корупција и дали со назначувањето на вицепремиерот за борба против корупцијата не се остава можност за паралелизам во институциите или за селективно постапување, нешто за што изминатите години Македонија постојано беше критикувана во меѓународните извештаи.
Борбата со корупцијата е едно од клучните точки што се бараат од земјава на патот кон интегрирањето на Македонија во европското семејство, па новата функција може да биде и во насока на исполнување на европските барања.
Дел од познавачите на состојбите сметаат дека ваква функција е потребна во државата, но под услов борбата против корупцијата да биде искрена.

– Таа функција е многу потребна. Досега немаше ваква функција, а она што го работи Државната комисија за спречување корупција и тоа што треба да се спроведат во институциите на Владата како мерки за превенција, мерки за интегритет, мерки за почитување на етички кодекси итн., никој не го работи, не постои никаква контрола таму, во самите институции – вели Слаѓана Тасева, универзитетска професорка и претседателка на Транспаренси интернешенал – Македонија.
Според неа, не треба целата борба против корупцијата да се остава на антикорупциската комисија.
– Потребно е многу работа во таа сфера – нагласува Тасева, притоа додавајќи дека ќе треба поточно да се знае што ќе бидат ингеренциите на новата функција во Владата.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека вистинскиот проблем во оваа држава е немањето одговорност на политичарите пред правните институции.

– Политичарите не се воздржуваат многу често да ги прекршат законите… Имаме правен систем што не функционира и имаме ситуација на недопирливост на високите функционери каде што нема одговорност и нема отчетност. Потребни се вистинска транспарентност и отчетност за постапките што се должни да ги дадат, бидејќи не постоиме ние заради политичарите, туку е обратно – истакнува Давидовиќ.