Измамниците телефонски контактирале со луѓето што имале резервации во овој луксузен хотел и во ресторанот, при што им барале детали за кредитните картички за да ја потврдат резервацијата. Откако ги зеле податоците од картичките, се обиделе да потрошат стотици фунти купувајќи производи од каталошка продажба

ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛ ЦЕЛ НА ИЗМАМНИЦИ

Екстремно убедливи измамници се појавиле во светски познатиот луксузен хотел „Риц“ во Лондон, кои се преправале дека се вработени во хотелот за да им ги украдат податоците од кредитните картички на посетителите. Измамниците телефонски контактирале со луѓето што имале резервации во овој луксузен хотел и во неговиот ресторан, при што им барале детали за кредитните картички за да ја потврдат наводно резервацијата, пишува „Би-би-си“.
Откако ги зеле податоците од картичките, измамниците се обиделе да потрошат стотици фунти купувајќи производи од каталошка продажба. Од хотелот за „Би-би-си“ изјавија дека ја истражуваат оваа проневера и потврдија дека контактирале и со полицијата за оваа измама.

КАКО ФУНКЦИОНИРАЛ СИСТЕМОТ ЗА ИЗМАМА?

Измамниците телефонски контактирале со луѓето што имале направено телефонска резервација во ресторанот на хотелот „Риц“, претставувајќи се дека се вработени во хотелот и дека се дел од персоналот. Една жена што имала направено онлајн резервација за попладневна чајанка во луксузниот хотел, како дел од прослава, примила повик ден пред резервираниот датум. Измамниците побарале од неа да ја потврди резервацијата така што ќе остави детали и податоци за нејзината картичка. Таа изјавила дека повикот бил убедлив и дека ништо не ја натерало да се посомнева во веродостојноста. Повикот дошол од телефонскиот број на хотелот, а измамниците точно знаеле кога и како била направена резервацијата.
Еден сајбер-експерт за „Би-би-си“ изјавил дека ваквото упаѓање во телефонскиот систем е мошне лесно да се направи.
Откако ги добиле деталите за картичката, измамниците се обиделе да направат неколку трансакции, кои достигнале износ до илјада фунти за купување производи од каталошка продажба. Кога вработените во банката од каде што жртвата ја имала картичката ги забележале сомнителните трансакции, измамниците повторно контактирале со неа, овој пат преправајќи се дека се вработени во банката каде што жената ја имала картичката.

Измамникот што разговарал телефонски со неа ѝ рекол дека некој се обидува да ја искористи нејзината кредитна картичка и за да го спречат тоа, таа мора да му го каже безбедносниот код испратен на нејзиниот телефонски број. Сево ова било потребно за да добијат измамниците авторизација на трансакцијата, односно да го потврдат плаќањето.
Втората жена што била жртва на оваа измамничка шема ја направила својата резервација телефонски, наместо онлајн, и за „Би-би-си“ изјавила дека ова не е првпат да се обидат да ја измамат и да ја искористат нејзината платежна картичка. Откако контактирале со неа, таа се посомневала дека лицето што контактирало со неа нема да знае точно да одговори на прашања што таа би му ги поставила, а се во врска со хотелот.
– Луѓето веруваат бидејќи го гледаат телефонскиот број, а тој е веродостоен. Сето тоа е разбирливо бидејќи веруваат дека повикот доаѓа од хотелот каде што ја направиле резервацијата – истакнала д-р Џесика Баркер, коосновачка на компанија за сајбер-безбедност. Според неа, кога измамата вклучува информации од внатрешни извори, како што е овој случај со податоци за клиентите на хотелот, тогаш навистина измамниците добиваат легитимитет и авторитет.

ХОТЕЛОТ ИМАЛ ПРОВАЛА ВО СИСТЕМОТ ЗА НАРАЧКА

Од светски познатиот луксузен хотел „Риц“ изјавија дека имале потенцијален упад во системот за нарачки на храна и пијалаци на 12 август. Сепак, оттаму додаваат дека се истражува како воопшто се случиле ваквите измами со злоупотреба на информациите на корисниците. Оттаму контактирале со сите клиенти што се во потенцијална опасност да бидат измамени.
– Откако ќе се направи резервација во „Риц“ во Лондон, нашиот тим никогаш телефонски не би контактирал со лицето што ја направило резервацијата за да добие податоци за платежната картичка за да се потврди резервацијата – се вели во предупредувањето до клиентите на хотелот.
Официјално нема податоци за тоа колку корисници на услугите на хотелот се измамени.
По правило, рестораните никогаш не би контактирале со клиент за да добијат податоци за резервацијата. Доколку некој добие ваков сомнителен повик, треба да се прекине разговорот и веднаш да се јави на официјалниот телефонски број каде што е направена резервацијата.

Во ниту еден случај не треба да се даваат податоци за платежната картичка на некој што телефонски ги бара.
Доколку, пак, банката открие трансакција што е сомнителна и надминува одреден износ, никогаш нема да се јави да бара од корисникот безбедносни кодови за да ја откаже трансакцијата.
Настанот од лондонски „Риц“ е предупредување за сите оние што прават резервации не само во хотели туку и на многу други места за разни потреби. Главниот и единствен совет е доколку некој добие телефонски повик од лице што се претставува дека е од неговата банка и се посомнева во тоа, треба да го прекине разговорот и да се јави на официјалниот телефонски број на банката и да побара вистинска информација.

[email protected]