Кај повеќе од 50 отсто од клубовите главниот приход во буџетот доаѓа од продажбата на влезниците, додека, пак, кај другите приходот е 30 до 40 отсто, вели извршниот директор на Бундес-лигата, Френк Боман
Професионален ракомет без гледачи? Тоа би можело да помине само за неколку натпревари, потоа клубовите во Бундес-лигата ќе се соочат со огромни економски проблеми. Ако не се дозволат гледачи до крајот на годината, постоењето на нашиот спорт би можел да биде загрозен, предупредува Џенифер Кетеман, управната директорка на Рајн-Некар Левен.
Тоа е сценарио што на клубовите им е во задниот дел на умот и во моментов не сакаат да веруваат во тоа. Новата сезона на германската ракометна Бундес-лига е предвидено да започне на 1 октомври и за разлика од фудбалската, веруваат дека ќе им биде дозволено присуство на навивачи на натпреварите.
– Претпоставувам дека внимателно можеме да ја започнеме сезоната пред публика. Кај повеќе од 50 отсто од клубовите главниот приход во буџетот доаѓа од продажбата на влезниците, додека, пак, кај другите приходот од влезниците е 30 до 40 проценти од вкупниот буџет – вели извршниот директор на Бундес-лигата, Френк Боман.
Вториот голем столб за приходи во Бундес-лигата се состои од парите за спонзорства, кои повеќе не можат да се генерираат во вообичаена форма поради отсуството на публиката, затоа што компаниите не ја имаа посакуваната платформа. Парите, пак, од ТВ-правата претставуваат приход од околу пет проценти од вкупниот буџет на клубовите.
Раководството на Бундес-лигата реагирало до министрите за здравство на сојузните држави, но тие се согласиле дека поради моменталната состојба со пандемијата на коронавирусот до 31 октомври не треба да се одобри присуство на публика.
Управниот директор на Фуксе Берлин и потпретседател на ракометната федерација на Германија, Боб Ханинг, жали за одлуката на министрите, но вели дека клубовите не се откажуваат од надежта дека ќе играат пред публика.
– Сѐ уште не сум загрижен. Убеден сум дека можеме повторно да играме пред публика – вели Ханинг.
Другите спортови во затворено, исто така, планираат да ја започнат својата сезона со мал број гледачи без оглед на тоа што фудбалот се игра без публика. Кошаркарската и хокеарската лига би започнале на 13 ноември. Како и во ракометната Бундес-лига, клубовите од другите спортови започнуваат преговори со локалните власти, кои на крајот одлучуваат дали и колку гледачи можат да бидат примени.
Ракометарите веќе го договорија дуелот во германскиот Суперкуп помеѓу шампионот Кил и вицепрвакот Фленсбург да се игра на 26 септември во Диселдорф, пред околу 6.000 гледачи. Од лигата веќе имаат изготвено соодветен концепт за хигиена, кој меѓу другото предвидува редовни корона-тестови за клубовите. Исто така клубовите се советуваат да не играат меѓусебни пријателски дуели доколку тимовите немаат негативни корона-тестови.
Од друга страна, пак, директор на Институтот за инфективна медицина во универзитетската болница „Шлезвиг-Холштајн“ во Кил, Хелмут Финкеншер, вели дека спортовите што се како ракометот, кошарката, се играат во сала и тоа отвора можности за појава на серии инфекции.