Многу од граѓаните на Балканот не поседуваат заштеди и ќе се соочат со сиромаштија, доколку им се намалат месечните приходи или ако останат без работа поради корона-кризата. Само во Хрватка, околу 400 илјади граѓани без државна помош не ќе можат да ги покријат месечните трошоците за храна и за комунални услуги
Од сите земји во Европската Унија граѓаните во Хрватска се во најнезавидна економска состојба по појавата на пандемијата, а речиси секој петти од нив не може да опстане, доколку месечните приходи се намалат. Околу 18 отсто од Хрватите не ќе можат да опстанат два месеца без плата и не ќе можат да ги покриваат трошоците за храна и за плаќање на режиските трошоци, покажало истражувањето на реномираниот институт „Бруегел“ од Брисел, со наслов „Милион Европејци не можат да издржат двомесечен шок без помош од Владата“. Во Европската Унија учеството на оваа категорија граѓани е околу два отсто. Податоците од ова истражување за Хрватска се алармантни. Околу 400 илјади хрватски граѓани, со губењето на месечниот приход, ќе бидат доведени до работ на сиромаштијата. Уште позагрижувачки е тоа што 69 отсто од Хрватите немаат ни заштеда со која би можеле да финансираат двомесечен период за нормален живот.
На ниво на ЕУ, околу една четвртина од луѓето немаат никакви заштеди што би биле доволни за двомесечно преживување. Во Словенија на заштедите не можат да сметаат 58 отсто од граѓаните. За споредба, во Австрија или во Малта овие случаи се околу десет отсто, пренесува „Јутарњи лист“.
Во истражувањето на бриселскиот институт се заклучува дека жителите на побогатите европски земји се помалку зависни од државните субвенции. Хрватска и Словенија од почетокот на епидемијата издвоија значителни буџетски средства за покривање на загубите на фирмите, кои се соочија со блокада во нивното работење, за да може на работниците да им се исплатат платите во целиот износ или со помали намалувања. Без државната помош многу мали и средни претпријатија од приватниот сектор ќе беа принудени да ги отпуштаат своите работници. Економските параметри за првите три месеца годинава не се охрабрувачки, БДП на ниво на ЕУ е намален за 3,5 отсто, а бројот на вработени во април годинава е намален за 400 илјади, во споредба со февруари.
Заради помагање на домашната економија словенечката влада поднесе барање за финансиска поддршка од европските фондови преку инструментот СУРЕ за програми за заштита на работните места вреден вкупно 1,1 милијарда евра. Овој инструмент е една од трите безбедносни мрежи во вредност од вкупно 540 милијарди евра. Инструментот СУРЕ има цел да ги зачува работните места во компаниите во земјите-членки на ЕУ преку меки заеми. Словенија објави дека така собраните средства ќе се користат за мерки за субвенционирање на чекањето за работа и за работа со скратено работно време, за финансирање на основните приходи и за ослободување од плаќање придонеси на самовработените во микропретпријатија и слични случаи.
Во уште понезавидна состојба се граѓаните од другите балкански земји што не се членки на Европската Унија. Најмалку 32.000 луѓе во Босна и Херцеговина останаа без работа од почетокот на епидемијата на коронавирусот. Работодавците во БиХ најавуваат дека слична судбина ги чека уште десетици илјади повеќе, кои сè уште имаат работа. Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, повеќе од 23 илјади работници биле отпуштени во Федерацијата БиХ од средината на март до 20 јули, додека повеќе од девет илјади ги загубиле своите работни места во Република Српска, пренесува „Дневник.ба“.
– Очекувавме ова да трае два-три месеца. Некои ги отпуштија работниците, па повторно ги враќаа по олабавувањето на мерките. Некои користеа сопствени резерви, но седум месеци е долг период, а сега веќе се соочуваме со реалноста, а тоа е дека има намалување на потрошувачката – вели Аднан Смаилбеговиќ, претседател на Здруженијата за работодавци на БиХ, за телевизијата Н1.
Поради неповолната финансиска состојба и проблемите за редовна исплата на кредитите со кои се соочуваат многу граѓани во Србија, српскиот претседател Александар Вучиќ побарал од Народната банка на Србија да донесе одлука за дополнителен мораториум за отплата на кредитните обврски под одредени услови, како за физички лица така и за компаниите, барем за уште два месеца.
Во првиот пакет економски мерки на стопанството и на населението им беше дадена можност за мораториум на кредитните обврски за период од три месеци. Повеќе од 92 проценти од компаниите ја искористија можноста да ја одложат отплатата на кредитните обврски. Мораториумот беше пропишан за сите должници што го сакаа тоа (поединци, земјоделци, претприемачи и компании) и тоа значеше одложување на отплата на обврските по сите основи – кредити, дозволени пречекорувања или кредитни картички. Но медиумите во Србија пишуваат дека многумина од должниците продолжуваат да си ги исплаќаат ратите за земените кредити, затоа што дополнително им се зголемува трошокот за камати.
Македонските банки во договор со Македонската банкарска асоцијација и Народната банка донесоа одлука да ја одложат отплатата на кредитите за период од шест месеци. Со продолжување на кризата одредени луѓе повторно ќе останат без приходи или со значително намалени приходи. Во услови кога има мораториум на кредитните обврски, повеќето банки значително го намалуваат кредитирањето или дури и целосно го стопираат, а тоа ќе биде секако огромен удар, како за граѓаните така и на компаниите.