Францускиот претседател доби пофалби од многумина Либанци и од меѓународната заедница за неговиот пристап по експлозијата во Бејрут. Но одредени критичари ги отворија старите обвинувања за француското неоколонијалистичко мешање, објавува „Гласот на Америка“.
Макрон се врати во центарот на меѓународното внимание откако беше првиот странски лидер што го посети Бејрут по експлозијата и поради одржување на донаторската конференција за либанците, на која беа собрани речиси 300 милиони долари во хуманитарна помиш. Францускиот претседател претходно се фати во костец и со други проблеми како што се климатските промени, Либија, Сахел и навидум уживаше во улогата.
Посетувајќи го Бејрут Макрон беше добредојден од неговите жители кој сметаа оти тој е нивна единствена надеж. Беше покрената петиција за враќање на Либан под франуска власт која собра повеќе од 60 илјади потписи. Организаторите на петицијата велат дека либанската влада која завчера поднесе оставка, беше потполно неспособна во управувањето со државата.
Помина долго време откако Макрон имаше сличен херојски пречек дома каде што неговиот рејтинг на поддршка е на скромни 39 отсто.
– Макрон сака да најде глобална улога. Тој е во тешка ситуација во Франција. Тој сака да биде новиот Де Гол… Би сакал да стори нешто за Либан – смета геополитичкиот експерт и поранешен француски дипломат Моро Дефарж.
Но сите Либанци, исто како и Французите не го делат ова мислење.
Портпаролот на француската десничарска партија Национален сојуз, Жулиен Санчез ги нарече потезите на Макрон опортунистрички, велејќи „како Французите би се чувствувале ако американскиот претседател Доналд Трамп протестираше заедно со ’жолтите елеци’ на Елисејските полиња“.
Други, пак, тврдат дека постапките на Макрон се одраз на колонијаниот начин на размислување кој никогаш не исчезнал.
– На Либан итно му треба нов пакт. Но не и пакт осмислен од Франција – напиша Рамзи Баруд за „Галф њуз“.
Франција се соочи со слични обвинувања и претходно, откако нејзината мировна операција Бархан поттикна протести во Мали и во Нигер. Макрон пренесе порака дека само Либан може да ги реши сопствените проблеми, но сите не веруваат во неа, се заклучува во анализата на „Гласот на Америка“.