Низ селските улици врволица од луѓе, дојдени од сите краеви на нашата држава, а најмногубројни се младите што ги оживеаја напуштените села. Порано, до пред некоја година, од носталгија кон крајот и младоста престојуваа претежно пензионери, сега состојбите целосно се изменети
Во мијачките села – Галичник, Лазарополе, Гари, Тресонче, Селце и во другите во кои животот одамна беше замрен, летово се чувствува зголемена раздвиженост. Едноставно животот се врати на голема врата како во годините на средината на минатиот век, кога во Мијачијата беше преполно со народ и џагор.
Но во годините по ослободувањето од фашистичкиот окупатор и од домашните предавници, тогашната власт спроведуваше ригорозни политики (на населението му беше национализиран имотот – присилно им беа одземени овците и другиот добиток, им се забрани да одгледуваат кози) иако од нив ги обезбедуваа егзистенцијата и опстанокот во ридско-планинските предели. Тоа беше причината населението да се иселува и да ги напушта вековните огништа. Регионот го зафати голем бран на иселување. Жителите со чемер во душата, со голема тага и болка ги напуштаа куќите, градени со средства спечалени со маки на гурбет и од приходите остварени во сточарството, и се селеа во Скопје, Битола, Гостивар, Тетово и во други места, а голем дел се вратија во државите каде што беа на печалба, за да им обезбедат на децата перспектива, а на семејството сигурна егзистенција.
Но од друга страна, пандемијата на коронавирусот, која нанесува огромни штети во целиот свет и го смени начинот на живеење, има позитивен ефект за враќање и за обнова на животот во напуштените села во западниот дел на Македонија. Границите со соседните држави се затворени, како и на многу држави во светот, тоа влијае македонските граѓани да останат дома и одморот да го минат во домашните туристички места, да се вратат во селата што ги напуштиле, да ги посетуваат црквите и манастирите, прекрасните предели на планините, кои изобилуваат со ретки убавини, чист воздух, реки, потоци, водопади, да собираат шумски плодови за кои слушале, а никогаш не ги посетиле.
– Ние сме од источниот дел на Македонија, првпат престојуваме во Мијачијата, ги посетивме Галичник, Лазарополе, Гари, бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, женскиот манастир Рајчица, со нас носиме незаборавни спомени. Еден викенд е недоволен да се посетат овие значајни историско-културно места да дознаеме нешто повеќе за нив, да уживаме во прекрасните убавини, пак ќе дојдеме – ни говореа членовите на семејствата Маневи и Петкови од Штип.
Мијачките куќи летово постојано се отворени, во нив одморот го минуваат сопствениците и нивните роднини и пријатели. Комерцијалните објекти се преполни со гости, се бара легло повеќе. Низ селските улици врволица од луѓе, дојдени од сите краеви на нашата држава, најмногубројни се младите што ги оживеаја напуштените села. Порано, до пред некоја година, од носталгија кон крајот и младоста престојуваа претежно пензионери, сега состојбите целосно се изменети. Речиси сите куќи се отворени, на влезните порти не висат големи катанци, прозорците не се затворени со кепенци, на нив висат јамболлии и килими, уредени се дворовите, патеките не се обраснати со трева и трње. Се поправаат куќите, се градат и нови. Во нив има живот, милина е да се престојува и да се доживее процесот на враќање на животот, се обновуваат традициите на обичаите на селските слави, во црквите се служат литургии, туристите со коњи, велосипеди и пешки ги крстосуваат непрегледните планински убавини и реткости на планините Бистра, Шар Планина, Крчин, Стогово…
– Пандемијата на коронавирусот позитивно се одразува за масовно враќање на жителите родени во Галичник или, пак, на оние на кои потеклото им е од духовниот центар на Мијачијата – ни вели Александар Костиќ, претседател на месната заедница.
Трендот на враќање во дедовските и прадедовските огништа, кој започна пред некоја година, се чини дека летово го достигна својот зенит. Галичник со околината ги привлекува граѓаните од сите краеви на Македонија, доаѓаат да ги запознаат историјата, културата, убавините на Мијачијата и да уживаат во извонредната природа, а со посетата на музеите и црквите добиваат информации за вредните и бистроумни жители.
Пред некој ден, (на 8 август) на денот на светата преподобномаченица Параскева Римјанка, во црквата што го носи нејзиното име во Галичник, епископот антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, отслужи света литургија. Исто така и во селото Гари беше отслужена богослужба од јеромонах на Бигорскиот манастир, на која пееја сестрите на Раичката обител.
– Овој храм бил изграден пред повеќе од два века, во периодот на Отоманската Империја, на јужната страна било отворено едно од првите народни училишта во мијачкиот крај, поддржано од монасите на Бигорскиот манастир. Тука првпат започнало да се изучува словото божјо на мајчин јазик во овој крај. Затоа овој храм е толку значаен и величествен, не по својот изглед, кој морал да биде ваков скромен, ами во духот и делото што го оставил во завештание. Мора и понатаму да остане величествен во нашите срца и никогаш да не ги заборавиме заветот и подвигот на нашите предци, кои граделе цркви и училишта, најнапред во своите срца, а потоа и од камен. Со голготски маки се труделе да отворат училишта, за да ги научат своите деца на христијанските возвишени вредности, кои се чувар, пред сѐ, на семејството, а потоа на целото семејство – рече во проповедта епископот г. Партениј.
Притоа информира дека Бигорскиот манастир, заедно со месната заедница и црковниот одбор на селото, ќе ја реализира иницијатива за доградба на црквата на јужната страна со даскалницата и ќе го разубави внатрешниот дел.
Галичани не ги забораваат обичаите и традициите, ги негуваат, а подзаборавените ги обновуваат. За десет дена во месноста Старо Село, оддалечено 5-6 километри од Галичник, вечерта на 18 август и следниот ден на 19, ќе биде одбележан празникот Преображение. Како што нѐ информира претседателот Костиќ, на 28 август, на Голема Богородица, манифестацијата „Галичка свадба“, која беше одложена поради коронавирусот, ќе се одржи во еден ден со изведба на неколку свадбарски обичаи и ритуали за да продолжи традицијата на оваа по многу нешта уникатна туристичка и културолошка манифестација.