Познавачите на состојбите потсетуваат дека оваа стравотна експлозија, која се случи минатата недела во либанската престолнина и во која животот го загубија над 160 лица, а околу 6.000 се повредени, всушност, не е прва во која евтиниот материјал амониум нитрат има предизвикано смртоносни индустриски експлозии
Хронологија на експлозивните трагедии предизвикани од амониум нитрат
Додека илјадници Либанци веќе шести ден протестираат против актуелната влада изразувајќи го својот гнев за негрижата кон големото количество амониум нитрат што придонесе за катастрофалната експлозија во Бејрут, експертите се прашуваат зошто толкави резерви од експлозивен материјал всушност се чувале толку долго време во центарот на градот, кој има над два милиони луѓе. Дел од познавачите на состојбите дури потсетуваат дека оваа стравотна експлозија во која животот го загубија над 160 лица, а околу 6.000 се повредени, всушност, не е прва во која евтиниот материјал амониум нитрат има предизвикано смртоносни индустриски експлозии. Угледниот американски весник „Вашингтон пост“ пишува дека светот памети повеќе случки, кои поради негрижа кон опасната хемикалија придонеле да страдаат стотици луѓе. Имено, како што наведува американскиот магазин, една од поголемите несреќи што се случиле во светот поради експлозија на амониум нитрат во Европа е таа во Германија во фабриката „Опау“, каде што на 21 септември 1921 година дошло до експлозија на 450 тони амониум сулфат и амониум нитрат. При несреќата биле усмртени од 500 до 600 луѓе, а тешко повредени биле околу 2.000 лица.
Експлозијата слична на оваа во Бејрут била почувствувана и на неколку стотици километри далечина дури до Франкфурт, каде што истата таа, како што пишува „Вашингтон пост“, оставила кратер длабок некаде и до десетина метри.
Сепак, оваа не е била ниту првата катастрофа што се случува како последица на таа опасна супстанција. Најсмртоносната индустриска несреќа во историјата на САД се случила на 16 април 1947 година, во заливот Галвестон во Тексас. Тогаш причина за несреќата, која предизвикала стравотна експлозија, била фрлена запалена цигара на бродот „СС Грандкамп“, кој пренесувал околу дваесет тони амониум нитрат. Експлозијата предизвикала верижна реакција и на другите бродови што се наоѓале на пристаништето, во неа починале најмалку 581 човек, а околу 3.500 биле повредени.
Во меѓувреме светската јавност сѐ уште ја памети експлозијата што се случи на железничката станица во градот Рјонгчон во Северна Кореја, кон крајот на 2014 година. Тогаш причина за експлозијата, која однесе најмалку 162 животи, а над 3.000 беа повредени, беше судир на два воза што пренесуваа азотно гориво, односно амониум нитрат. При експлозијата новинските агенции тогаш јавуваа дека биле оштетени околните згради, а илјадници луѓе останале без покрив над главата.
Најсвежи се сеќавањата на оваа тема од двете експлозии што се случија на 12 август 2015 година, во индустриско складиште во градот Тјенџин, Кина, откако дошло до пожар, па подоцна и до детонација од која загинаа 110 работници. При експлозијата биле повредени над 790 луѓе, а осум тела никогаш не биле пронајдени по експлозијата. Во тогашните извештаи на кинеските власти се наведува дека до несреќата дошло по пат на запалива стока што била складирана покрај опасните хемикалии – амониум нитрат и нитриум цијанид. Како што пишуваат западните медиуми, исто така, оваа опасна хемикалија се користеше и во неколку терористички напади меѓу кои и во бомбашкиот напад во Оклахома, САД, кој се случи во 1995 година. Тогаш Тимоти Меквеј употреби два тона амониум нитрат за да создаде бомба што уништи една федерална зграда и притоа загинаа 168 лица.