СВЕДОШТВА ЗА ХАОТИЧНАТА СИТУАЦИЈА ВО БЕЈРУТ ПО ЕКСПЛОЗИЈАТА

Мислев дека е земјотрес, бидејќи бирото на Си-eн-eн во центарот на Бејрут се тресеше како што досега не сум посведочил. Се спуштив на подот, чекајќи повеќе потреси. Следниот миг, стаклото се скрши, а забележав како жолт облак се приближува кон зградата во која бевме. На улиците, луѓето во шок се обидуваа да сфатат што се случува. Вака новинарот на Си-ен-ен Бен Ведман ја опиша вчерашната разорна експлозија во главниот град на Либан, Бејрут.

– Студиото беше во хаос, а опремата, каблите и стаклата беа насекаде, но стативот со мојата камера сè уште беше на истото место, паднат на подот. Веднаш почнав да им се јавуввам на моите колеги и пријатели за да проверам дали се во ред – вели Ведман.

Тој во изминатите три години живее и работи во Либан. Ведман го опишува Либан како место каде што понекогаш се случуваат драматични настани без никакво предупредување. И во овој топол и задушлив вторник, кој изгледал како уште една мирна августовска вечер, пеколната експлозија ненадејно го нарушила мирот.

Ведман бил загрижен за неговиот камерман Ричард Харлоу, кој не се јавувал на телефон. Во меѓувреме, тој известувал за катастрофата преку телефон. По одредено време дознал дека камерманот за време на експлозијата бил соборен од скутер и ја повредил раката. Кога се сретнале, Ведман му ја дезинфицирал раната на раката, а и покрај повредата, Харлоу инсистирал да му помогне. За кратко време тие ја вклучиле камерата и почнале пренос од ситуацијата во живо, која од миг во миг станувала се поморбидна.
 
– Ја преживеав граѓанската војна, инвазијата од страна на Израел во 1982 година, потоа и војната во 2006 година, но никогаш… никогаш не сум била сведок на ваква експлозија  – изјавила во шок пријателка на Ведман преку телефон.
 
Иако во Либан има голем број проблеми, а земјата беше во карантин во обид да се спречи ширење на коронавирусот, сите овие проблеми отидоа во втор план, бидејќи жителите на Бејрут постојано беа во потрага по исчезнатите роднини и пријатели, се собираа во болниците за да даруваат крв, претураа по урнатините на нивните срушени домови и плачејќи се прашуваа зошто судбината уште еднаш ги подложи на ваков суров удар.

Бев повредена и зашеметена, но Либанците ме третираа како нивен пријател

Само што сакав да погледнам видео кое вчера ми го испрати пријател. Пристаништето изгледаше како да гори кога почувствував дека целата градба се стресе од досега најгласната експлозија која ја имам чуено во животот. Потоа дојде уште една, посилна експлозија, од која прозорците на зградата се распарчаа. Инстинктивно, се скрив под бирото, објаснува Вивиан Ји, новинарка на „Њујорк тајмс“ со седиште во Бејрут за страотната експлозија.

По експлозијата, апартманот бил целосно уништен, а Ји не можела да го најде нејзиниот пасош додека лицето ѝ било крваво од повредите. Либанците, кои ѝ помогнале по несреќата, имале некоја вчудоневидена смиреност што произлегува од живот поминат низ безброј катастрофи, вклучувајќи и 15-годишна граѓанска војна во земјата. Таа за сите нив била странец, но сепак ја третирале како пријател.

Пред да ја напушти зградата, таа засведочила застрашувачка сцена, како при ситуации кои може да се видат во војна, а таа ги видела само од далеку. Нејзиниот сосед бил облеан во крв.

Надовр на улиците, туѓинец ѝ понудил превоз на мотор до најблиската болница. Кога веќе не можеле да патуваат поради големите купишта од скршено стакло, тие продолжиле пеш. 

– Сите на улиците беа повредени, со преврзани рани или воопшто нетретирани и крвареа. Само еден час пред експлозијата, немаше тага, немаше крв… Глетката пред болницата беше морбидна. Повредени луѓе седеа во колички, а некои едноставно седеа и лежеа на скалите пред влезот, зашеметени и во шок – вели таа. 

Откако нејзините рани биле исчистени и преврзани со завој од страна на медицинскиот персонал и се осигурале дека таа е во состојба самата да се движи, Ји се упатила кон друга болница. 

– Налетав на пријател кој го имам видено само неколку пати. Тој ги дезинфицираше останатите мои повреди со либански национален пијалок со вкус на анасон, наречен арак. На сите кои не беа повредени, а се наоѓаа на улиците, Либанците им велеа „фала му на Бога што си безбеден“.

Пред крајот на ноќта, откако моите колеги ме пронајдоа, откако еден возач се понуди да нѐ однесе во една од малкуте болниците кои сѐ уште примаа пациенти и доктор ги преврза повредите на моите нога и раце, луѓето ми велеа „Фала му на Бога што си безбедна“ – вели Ји.