„Мајкрософт“ за работата од дома
Кога „Мајкрософт“ се најде во ситуација своите вработени да ги пушти да работат од дома пред четири месеци, тие сфатија дека можат да научат нешто од тоа искуство, затоа што се покажало дека состаноците се почести, но пократки, работните часови се подолги, како и дека повеќе се работи во вечерните часови.
Од компанијата следеле како се однесуваат луѓето, како функционираат тимовите и како сето тоа да се искористи за да им се помогне на луѓето и да се олесни работата во новото опкружување. Преку алатката „Воркплејс аналитикс“ и дополнителни анонимни истражувања, тие дошле до интересни податоци за работата од дома, кои беа објавени во списанието „Харвард бизнис ревју“.
Се покажало дека бројот на состаноци и нивното вкупно траење се зголемува, но дека индивидуалните состаноци сѐ почесто се пократки од 30 минути. Скратувањето на состаноците, велат тие, е пресврт на долгогодишниот тренд во бизнисот. Флексибилноста на закажување на состаноците довело до тоа почесто да се одржуваат попладне, а работниот ден станал фрагментиран, бидејќи луѓето морале да балансираат помеѓу приватното и деловното време.
– Кога станува збор за работното време, тоа се пресели во „новата трета смена“. Зголемувањето на активностите помеѓу 18 часот и полноќ беше на ниво од 52 проценти, а границите помеѓу работното време и паузите и викендите, дополнително беа „замаглени“, ако не и избришани – велат од „Мајкрософт“.
Конечно, тоа довело до просечно подолго работно време што луѓето ѝ го „поклониле“ на компанијата, кое во просек траело четири часа неделно.
Причината за тоа е што вработените земале дел од работното време за да извршуваат разни приватни задачи, а за да го надоместат тоа, тие морале да стануваат порано или да го завршат работниот ден подоцна од вообичаеното.