Една анализа открива дека ако се потрошат 260 милијарди долари во наредната деценија, значително ќе се намалат шансите за уште една пандемија слична на ковид-19. Тоа е еднакво на само два отсто од сумата од 11.500 милијарди долари, колку што се смета дека пандемијата на коронавирус ја чинела глобалната економија, според анализата објавена во списанието „Сајенс“.
Експерти од областа на медицината, економијата и заштита на животната средина го составија извештајот и се наведува дека два вируса годишно се пренесувале од нивните природни домаќини кај луѓето во текот на изминатиот век. Денес ризиците се многу поголеми заради постојаното уништување на природата.
На заштитата на животинскиот свет треба да и’ се даде приоритет во иднина, особено во однос на намалување на уништувањето на шумите и регулирање на меѓународната трговија со животни. Овие два фактори ги доведоа луѓето и добитокот во уште поголем контакт со дивиот свет, што ги зголеми шансите за пренесување на патогени. Во извештајот се истакнува дека особено тропските шуми се главна подлога за нови човечки вируси, а контактот со животинскиот свет е поверојатен кога ќе се изгубат 25 отсто од оригиналната шумска покривка. Во продолжение се вели дека „јасната врска помеѓу уништувањето на шумите и појавата на вируси сугерира дека поголемите напори да се задржи непроменета шумската покривка ќе има голем повратен ефект, дури и ако единствената придобивка е да се намали појавата на вируси“. Намалувањето на уништувањето на шумите секако би имало дополнителна придобивка, како намалување на нивото на јаглероден диоксид, што ја продлабочува климатската криза.
Покрај зачувувањето на шумите, извештајот препорачува неколку дополнителни мерки, како што се поефикасно рано откривање и контрола, запирање на потрошувачката на месо од диви животни во Кина и намалување на пренесување на болести преку добиток. Дискусиите за укинување на последните наведени сфери од 20 милијарди долари се во тек и се смета дека вработуваат околу 15 милиони луѓе.
Напорите се оправдани со фактот дека индустријата создава ризици за појава на болести, додека здравствените и безбедносните регулативи недостасуваат. Во извештајот се наведува дека законите со кои се забранува национална и меѓународна трговија со високоризични животински видови од резервати се неопходни и дека со регулативите мора да се чуваат животни како примати, лилјаци, панголини и глодари подалеку од пазарите и од човечката потрошувачка.