ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕД ВООБИЧАЕНИОТ ПОЧЕТОК НА УЧЕБНАТА ГОДИНА
Еден месец пред вообичаениот почеток на учебната година, пандемијата на коронавирусот не стивнува поради што сѐ погласни се реакциите на родителите, кои велат дека нема да ги пуштат децата да одат на настава од први септември ако има одлука наставата да се одвива во физичко присуство. Тие бараат часовите да се одржуваат онлајн, бидејќи стравуваат за здравјето на своите деца. Велат дека ако заболат од вирусот, може лесно да го пренесат во домот во кој живеат и да разболат повозрасни членови на семејството кај кои исходот може да биде фатален. Сепак, во Министерството за образование и наука се децидни дека ќе има настава со физичко присуство.
Елизабета Наумовска, заменик-министерката за образование, за „Нова Македонија“ информира за повеќе детали како ќе изгледа наставата.
– Јас ги разбирам реакциите на некои родители, но не може да му се угоди на секој поединечно. Ние гледаме каков е ставот на мнозинството. Имаме модел за комбинирана настава што ќе биде применет. Ако ученикот оди на училиште и ги почитува сите мерки на безбедност, ако си ја носи маската и ги дезинфицира редовно рацете, тој ќе биде позаштитен во училиште одошто кога е во паркови и кафулиња. Многу деца се групираат во училишни дворови, во детски градинки без заштита и надзор на родители, така што училиштето е безбедно место ако се почитуваат правилата. Целиот свет функционира вака. Еве, на овој начин се во Бугарија – вели Наумовска.
Ако има голем одмор, децата е тешко да се контролираат кога се во дворот, па затоа се размислува да нема одмор. Но затоа часовите ќе бидат скратени на половина, па ако работниот ден траел пет часа, сега ќе трае два и пол часа.
– Ако наставниот час траел 40 минути, сега ќе трае 20. На училиште децата ќе бидат два и пол часа во текот на еден работен ден наместо пет. Подобро е учениците да се под надзор на наставниците одошто да се дома пред компјутери, таблети и телефони. Наставната програмата нема да биде скратена, туку ќе бидат селектирани целите за учење. Наставникот ќе има поинаков методолошки пристап, односно помалку ќе се предава на час, а на децата повеќе ќе им се дава да работат дома. На пример, ако за домашно досега им давале по пет задачи по математика, сега ќе им даваат по десет. Тоа време што се крати со физичко присуство, ќе биде зголемено со активности дома – информира заменик-министерката.
Во групите на социјалните мрежи реакциите се однесуваат на дилеми во однос на тоа дека целото одделение ќе треба да оди во карантин ако има едно дете позитивно на ковид-19.
– Ова со децава во вакви услови е нуклеарна бомба. Ќе пукне многу јако. Никој не зборува за децата со нетипичен развој и посебни потреби што следат настава со придружник. Тие се загрозени ептен. Секое дете е богатство. Голем луксуз е овој ризик. Не сме ние држава што е подготвена и држава што може да експериментира вака. Ова на ништо не личи. Мислам дека треба да се создадат услови секое дете да може од дома да следи настава (компјутер некој скромен, интернет-стик) и така да се одвива наставата со онлајн предавања – напишал еден родител во фејсбук-групата „Поддршка за онлајн и комбинирана настава“. Но и надлежните имаат свои аргументи.
– Сите здравствени експерти велат дека за да се пренесе вирусот треба повеќе од 15 минути да разговарате со заболен, и тоа на мало растојание, и без да носите маска двајцата. Ставот на Комисијата за заразни болести е дека секој што носи маска, а бил во контакт со заболен, нема опасност да биде заразен. Во карантин нема да одат цели одделенија ако има позитивен случај, туку во карантин ќе се ставаат само оние што имале физички контакт на мало растојание со заболено лице, 15 минути – појаснува Наумовска.
Во меѓувреме, Бирото за развој на образованието (БРО) подготвува скратена програма за 100 работни дена наместо за 180, која би се применила во случај ако се засили пандемијата. Во таков случај зимскиот распуст ќе трае подолго од вообичаеното, односно можно е да трае од ноември дури до февруари.
Учениците ќе добиваат спакувани оброци во училница
Еден од деталите поврзан со планот за оддржување настава од септември е и начинот на кој ќе се организира исхраната на учениците.
– Ако треба да одат во мензи, ќе треба да ги симнат маските, а тоа може да биде проблем. Затоа, ако има одлука децата да ги користат тие топли оброци во училиште, подобро е секој на своето место да седи во училница и таму да јаде, секако на претходно дезинфицирана површина. Менито ќе треба да се приспособи, нема да може да има течни оброци, бидејќи ќе треба да бидат спакувани – појаснува Наумовска.
Онлајн настава за дечињата со посебни образовни потреби
Посебно ќе се води грижа за децата со хронични болести, како и за дечињата со посебни образовни потреби, бидејќи вирусот лесно може да ја влоши нивната здравствена состојба.
– Таму даваме можност за поинаков вид настава, која ќе се организира онлајн. Истото тоа важи и за наставниците што се хронично болни или имаат малигни заболувања. Нема да држат настава со физичко присуство, туку наставата ќе ја реализираат во посебна просторија. Или, пак, има опција претходно да снимаат час, кој ќе им биде пуштен на децата во училница. Мора да биде заштитен секој поединец – нагласува Наумовска.