Спелеологот и географ Марјан Темовски, кој е дел од екипата што ја истражува пештерата Голема Пешт кај Здуње, веќе три години работи на научни проекти во Унгарија и надвор од неа
Деновиве истражувавте во палеолитскиот локалитет Голема Пешт кај Здуње, како дел од меѓународниот научен тим што собира седименти за специјалистички анализи за апсолутно датирање и исцртување 4 негови геолошки профили. Каков материјал ќе анализирате во лабораторијата во Унгарија и што очекувате од анализите?
– Станува збор за еден вид пештерски украси т.н. коралоидни украси, по состав калциум карбонат, кои се единствените пештерски украси што се среќаваат во подлабоките слоеви на отворените профили во пештерата. На ваквиот материјал може да му се утврди староста со примена на методата ураниум-ториум, која едноставно речено претставува еден вид геолошки часовник базиран на радиоактивното распаѓање на изотопите на ураниумот и неговите ќерки-изотопи. Со оглед на тоа дека некои од слоевите од кои се собрани примероци се наоѓаат подлабоко од слојот на кој му е утврдена старост од околу 50.000 години (до границата на методата јаглерод-14 на датирање), првичното очекување е дека ќе им потврдиме поголема старост на подлабоките слоеви, но ќе им ја провериме/потврдиме и староста и на помладите слоеви.
Седименти за утврдување на староста на археолошкиот локалитет крај езерото Козјак ќе бидат хемиски анализирани и во Америка, Италија, Хрватска и во Германија, но дали ова е прв случај материјал од пештера од земјава да се анализира во лабораторијата каде што работите вие?
– Јас сум веќе скоро три години во Истражувачкиот центар за животна средина и изотопска климатологија при Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецин, а од скоро сум дополнително ангажиран и на Институтот за геолошки и геохемиски истражувања во Будимпешта, и двата дел од Унгарската академија на науките. Во изминатиот период вршам различни истражувања на пештерите и на карстот во Македонија, во најголем дел во соработка со спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп. Пред сѐ станува збор за геохемиски истражувања на пештерски седименти и карстни извори за истражување на процесите на постанок на пештерите и хидрогеолошката еволуција на карстот, а од скоро сум насочен и кон палеоклиматски истражувања базирани на пештерски украси. Како едни од најзначајните резултати би ги издвоил истражувањата на стабилните изотопи на кислород и на сулфур во гипсните наслаги во пештерата Провалата, формирана со сулфурна киселина пред 1,5 милион години, како и геохемиските истражувања на дел од термалните извори во Мариово, чија вода доаѓа од голема длабочина и е постара од 4.000 години.
Пештерите се дел од вашиот интерес, спелеолог сте и географ. Роден сте во Прилеп, дипломиравте во Скопје, докториравте во Словенија, а работите и со унгарски стручни тимови. Дали таквиот вид истражувања во Македонија се и финансирани од унгарски научни институции и како гледате на тоа?
– Да, пештерите и карстот се мојот примарен научен интерес, но вклучен сум и во други истражувања, генерално врзани за срединските промени во последните 2-3 милиони години. Моите научни истражувања во Македонија се засновани на научноистражувачки проекти финансирани генерално од унгарскиот фонд за научни истражувања, а делумно и од Европската Унија. Унгарија, како и многу други држави во Европа, има свој национален фонд за научни истражувања преку кој се финансирани повеќето од научните истражувања, но постојат и голем број други фондови и грантови, дел кофинансирани и од Европската Унија. Моментално поголем дел од истражувањата во нашиот центар се засновани на еден голем проект што е дел од ГИНОП-програмата за економски развој и иновации. Главниот критериум од кој зависи дали вашиот проект ќе биде финансиран е неговото научно значење и компетентноста на научноистражувачкиот тим. Каде ќе се одвиваат просторно овие истражувања воопшто не е битно. Во нашиот центар моментално се вршат анализи и истражувања на различни теми во голем број земји како на пр. Бугарија, Романија, Србија, Хрватска, Словенија, Словачка, Мароко, Јужноафриканската Република, Еквадор и др. Големите аналитички можности на центарот од една страна и мојата желба за истражување во Македонија од друга страна, се главната причина што истражуваме во Македонија. За жал, Македонија нема национален фонд за научни истражувања и скоро и воопшто да не вложува во наука, па повеќето од значајните геоистражувања во изминатиот период се финансирани и вршени од странски научни институции.
Задоволен ли сте од можностите што ги имате како странец за научна работа во Унгарија и колку успевате и практично да ги следите најновите начини на утврдување на староста на археолошките локалитети во пештерите во светот?
– Задоволен сум, имам голема поддршка за моите идеи и истражувања. Мојата вклученост во датирањето на слоевите во Голема Пешт се однесува на пештерските украси, тема во која сѐ повеќе сум вклучен во последно време, но повеќе од аспект на нивното палеоклиматско значење, па ги следам сите најнови трендови во светот.
Како, пак, гледате на третманот на Голема Пешт? Анализите што ќе се спроведуваат годинава, според најавите, ќе можат да ја измерат староста на пештерата до 2 милиони години пр. н.е.
– Тие вредности се однесуваат на потенцијалот на една од методите што се применува (електроспин-резонанца), но без разлика на методата, не се очекува толкава старост (2 милиони години) за седиментите во Голема Пешт, но се очекува поголема старост од досега потврдените 50.000 години. Во секој случај и со досегашните истражувања Голема Пешт е најстариот палеолитски локалитет во Македонија и е локалитет со непроценливо значење, како за Македонија така и за светот. За жал, државата очигледно недоволно се грижи за ваквите локалитети. Просторот непосредно над пештерата им е продаден на приватни лица, кои веројатно ќе градат објекти како дел од викенд-населбата „Близанско“, а градежните зафати може да имаат катастрофални последици за пештерата.
Деновиве ќе истражувате и на планината Караџица, а сте истражувале и во Мариово, на Јабланица… Се истражуваат ли доволно пештерите во Македонија, нудат ли можеби нови податоци за локалитети на кои живееле далечните предци?
– Истражувањата на Караџица се дел од еден научноистражувачки проект во соработка со Институтот за геолошки и геохемиски истражувања од Будимпешта, каде што со методата на космогени нуклиди ќе се утврдува староста на глацијалните седименти на неколку планини во Македонија, како и на седиментите од неколку пештери во сливот на Црна Река. Целта е да се реконструираат глацијалните фази на планините и прецизно да се утврдат временските периоди кога планините во Македонија биле покриени со мраз. Делот со пештерите, пак, се однесува на утврдување на стапката на всекување на речните долини во кои се наоѓаат овие пештери. И за двете теми за Македонија сѐ уште малку се знае. Пештерите во Македонија дефинитивно нудат многу можности за разни палеосредински истражувања, бидејќи претставуваат еден вид сеф каде што во пештерските седименти и украси можат многу полесно да се зачуваат разни информации за некогашните услови на територијата на Македонија. Во однос на пештерите како праисториски археолошки локалитети, сметам дека во Македонија има повеќе потенцијални локалитети и дека ќе следуваат многу интересни резултати во таа област. Се надевам дека соработката што годинава ја почнавме со Љиљана Шаламанов-Коробар и тимот од Археолошкиот музеј на Македонија ќе продолжи и понатаму, па ќе придонесеме кон добивање интересни информации за животот на некогашните предци на овие простори.