Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука со која се укина деталниот урбанистички план за градската четврт 3 06 опфат помеѓу булеварот Партизански одреди, улицата Московска и булеварите Македонија и 8 Септември во општината Карпош.
Станува збор за ДУП што беше донесен во несоодветна процедура, при што беше загрозена транспарентноста на целата постапка и учеството на граѓаните во неа, велат од Карпош.
Во конкретните докази предочени до Уставниот суд, меѓу другото општината поднела и извод од својата веб-страница за јасно да се види дека не е објавена одлуката за неспроведување стратегиска оцена, која им претходи на донесувањето на деталните урбанистички планови.
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, вели дека одлуката е политичка, бидејќи причината поради која се поништува планот е необјавувањето еколошка студија, за која општината нема законска обврска да ја објавува.
– Дури и Министерството за транспорт и врски испратило допис дека локалната самоуправа нема обврска ниту да прави, ниту да објави ваква студија. Одлуката на Уставен е чисто политичка. Планот не е донесен во незаконска процедура, бидејќи седницата на советот беше уредно закажана на 5 јануари, во работен ден. Имаше и јавна расправа по ДУП-от, но она што сега е најважно што сегашната власт се подготвува да ги обжали и сите други ДУП-ови и тогаш ќе се закочат сите градби од ГУП – објаснува Стевче Јакимовски.
Реализацијата на овој и на низа други ДУП-ови во Карпош предизвикуваа реакции кај граѓаните, бидејќи карпошани не сакаат повеќе Карпош да биде општина со низа бетонски зданија, кои не само што имаат поголема катност, туку и поради збиеноста на објектите едни до други, особено поради уништувањето на зеленилото, како и поради проблемот со паркирањето и низа други импликации што произлегуваа од инсистирањето за реализација на ваквите ДУП-ови. Некои од архитектите велат дека законската транспарентност за ваквите планови бара и јавни расправи на подолг рок, кога е во прашање животот на граѓаните на одреден населен простор.
– Законската процедура наложува инклузивност, транспарентност, особено кога станува збор за понаселени простори, па јавната расправа треба да трае 15 дена, па и три месеца ако станува збор, еве, на пример, за централното градско јадро. Така е во Европа и така треба да биде. Тоа што се случуваше во Карпош е нешто како исклучок, администрацијата го донела ДУП-от ноќе, но беше поткрепена од централната власт. Некако така беше, новогодишните и божиќните празници се користеа за носење незаконски и неуставни ДУП-ови, во денови кога вниманието на јавноста е помало. И не само што беа неуставни, туку и нивната содржина е криминална. Градењето зграда во зеленило секако е незаконско и тоа е во судир со Правилникот за стандарди и нормативи што јас лично го изработив 2006 година, па колку тој и да е менуван. Тоа што сега Уставен суд го укина тој ДУП е минорно, бидејќи спроведување закон е да се укинат сите ДУП-ови што имаат вакво тешко злосторство. Во ДУП-от има злосторство што не е предмет на опсервација – вели професорот Мирослав Грчев.
Од Карпош најавуваат дека во новите детални урбанистички планови ќе бидат испочитувани сите стандарди и услови за поставување зеленило и зелени површини, како и за обезбедување поголема хуманизација на просторот.
– Општината Карпош ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со што се запира спроведувањето на овој детален урбанистички план и сите идни чекори ќе бидат во согласност со правните последици што ги произведува оваа одлука и позитивната законска регулатива. Тоа практично значи дека во претстојниот период, општината Карпош ќе пристапи кон изработка на нови детални урбанистички планови, кои ќе бидат носени во консултации со стручната јавност и засегнатите граѓани, велат од општината Карпош.
Одтаму додаваат дека заврши времето кога деталните урбанистички планови се носеа зад затворени врати, во нетранспарентна постапка и со политички влијанија. За нив, велат, примарната цел ќе биде повеќе никогаш да не се повтори агресивната и непланска урбанизација и урбанистичко злосторство на Карпош, за општината да се развива, плански и рамномерно, во сите делови, ставајќи акцент на заштитата на животната средина.