Научниците од универзитетот за технологија „Далијан“ и од Кинескиот универзитет за геологија во Хонгконг, како и американските универзитети „Хемптон“ и „Нортистерн“, презентираа решение за ова тешко научно прашање, како обвивката на Земјата почнала да се дели на 15 тектонски плочи, што на крајот довело до создавање на континентите

Она што го предизвикало формирањето на континентите на Земјата е тајна што трае од почетокот на создавањето на светот, или барем според историските извори, откога науката почнала посериозно да се занимава со тоа. Сега конечно е пронајден одговорот за причината за раздвојувањето на суперконтинентот, а до тоа заедно дошле кинески и американски научници.
Досегашните научни претпоставки покажаа дека во античката праисторија, пред милијарди години, постоел една суперконтинент, кој со текот на времето се поделил на седум големи и осум помали тектонски плочи. Меѓутоа никој досега го немаше одговорот за тоа како се формирале тие тектонски плочи и како дошло до поделба на т.н. суперконтинент.
Научниците од универзитетот за технологија „Далијан“ и од Кинескиот универзитет за геологија во Хонгконг, како и американските универзитети „Хемптон“ и „Нортистерн“, презентираа решение за ова тешко научно прашање, како обвивката на Земјата почнала да се дели на 15 тектонски плочи, што на крајот довело до создавање на континентите. Во трудот објавен во научното списание „Нејчр“, тие ги презентираа своите откритија користејќи сложени математички симулации и 3Д-модели.

Според нивното истражување, надворешната обвивка на нашата планета се зацврстила откако се оладила по формирањето. Меѓутоа, понатаму дошло и до ново затоплување на планетата, што предизвикало термички притисоци, кои довеле до пукање на обвивката.
Тие пресметале дека литосферата, горната тврда карпеста обвивка на Земјата, може да издржи само еден километар проширување, имајќи предвид дека дијаметарот на планетата е 6.371 километар.
Идејата дека Земјата се формирала со цврста обвивка е релативно нова, а до неа научниците доаѓале и порано, проучувајќи карпи стари 3,5 милијарди години пронајдени во Австралија. Новата студија на кинеските и на американските научници, меѓутоа, има нов пристап кон прашањето како се оладила надворешната обвивка, а потоа повторно се загреала доволно за да се распука.
– Одговорот лежи во главниот механизам за размена на топлината, кој, веројатно, се случил во раните денови на Земјата – вели Александар Веб од Универзитетот во Хонгконг, еден од авторите на студијата.

Во нивното истражување било посочено дека за време на најраниот период на Земјата, вулканите играле многу важна улога во размената на топлина, овозможувајќи жешкиот материјал од јадрото да излегува на површината. Со текот на времето, стопените карпи што излегувале на површината почнувале да се ладат и да се зацврстуваат, губејќи дел од топлината што одела во атмосферата.
Меѓутоа, со формирање на цврстата обвивка, вжештената маса останала „заробена“ во јадрото и сѐ помалку можела да излегува на површината. Поради тоа, дошло до загревање на јадрото, негово ширење, а со тоа и до пукање на надворешната обвивка на неколку тектонски плочи.