Точно педесет и пет години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања архитектите Реинер де Граф од студиото ОМА од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и проф. Чарлс Валдхајм од универзитетот „Харвард“ во САД
Светските архитекти од Јапонија, Холандија и САД, 55 години по планот на Кензо Танге за Скопје, повторно во Скопје ќе разговараат за моќта на архитектурата и урбанизмот. Со тридневниот „Проект Скопје“, кој ќе се одржи од 21 до 23 октомври годинава, Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе продолжи со одбележување на 70-годишнината од своето основање и 55-годишнината од донесувањето на планот за реконструкција на центарот на градот Скопје.
По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80 отсто од зградите во урнатини, Обединетите нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија, како и Константин Доксиадис од Грција.
Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градовите и општества може да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти што им се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.
Точно педесет и пет години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Скопје ќе гостуваат со свои предавања архитектите Реинер де Граф од студиото ОМА од Холандија и Су Фуџимото од Јапонија, како и проф. Чарлс Валдхајм од универзитетот „Харвард“ во САД.
– Основната цел на проектот „Скопје“ во 2020 година е да ја преиспита моќта на архитектурата и урбаниот дизајн како двигатели на реконструкцијата на општествата и градовите во светот. Проектот за Скопје беше одлична можност за светските архитекти од тоа време, по покана од ОН, да создадат навистина светски проект што ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје – вели Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет.
На „Проект Скопје“, посебни предавања ќе имаат и еминентните професори Хаџиме Јатцука од Токио, инаку експерт за делата на Кензо Танге, Дирк ван ден Хувел од Холандија, експерт за делото на архитектот Јап Бакема, Дебора Хаупман од САД, Инес Толиќ од Италија и професорката Анета Христова Поповска од Архитектонски факултет, која ќе говори за делото на професорот и архитект Живко Поповски.
– Во октомври, по повеќе од половина век, светските архитекти повторно ќе размислуваат и дискутираат за Скопје, но сега не само како за град што треба да се обнови туку како парадигма и модел за соработка во создавањето праведно општество и одржливи градови, нешто што се покажува како особено важно и во актуелната состојба во светот – вели организаторот на настанот, деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина.
Настанот се организира во соработка со Домејн-студио од САД.