Фото: Маја Јаневска-Илиева

Жените се потребни во политиката, пред сѐ поради нивниот аналитички дух, пофокусирани се кон реално согледување и решавање на проблемите. Жените се прагматични и практични, а се покажале и како попосветени во работата…
Во земјава, пак, експертите велат дека сѐ уште постои сомнеж за жена лидер. Посочуваат успешни жени во политиката, но сметаат дека не се застапени доволно…

Дали полесно ќе ја надминеме пандемијата со жена лидер?

Жените што имаат државна одговорност за менаџирање на кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот подобро се справиле со неа во изминатите месеци, отколку мажите што биле поставени на истите позиции.

Ова го изјавила Кристин Лагард, директорката на Европската централна банка, посочувајќи ги жените лидери како повеќе посветени во справувањето со кризата од ковид-19, како и дека нивната искрена комуникација кон граѓаните придонела јавноста да чувствува доверба во државните институции.
Лагард ја издвоила германската канцеларка Ангела Меркел и го навела нејзиниот научно заснован пристап, како пример за тоа како „искрените и транспарентни“ објаснувања на податоците за ковид-19 и стапката на зараза им помогнале на луѓето да сфатат зошто се неопходни заштитните маски, мерките за физичка дистанца и карантинот.
– Жените челници на Тајван, Белгија и во Нов Зеланд „носеа вода со лоши вести, но и вода со јасно објаснување и силни препораки за нивните граѓани“ – посочи Лагард.
Според неа, лидерството значи да се биде одговорен и грижлив.
– Сметам дека грижливата димензија е нешто што жените лидери успеаја добро да го искажат и изразат. И гледачите и гласачите го сметаа тоа за веродостојно -вели Лагард.

Германија ја издржа кризата подобро од многу нејзини европски соседи, додека Тајван и Нов Зеланд се сметаат за примери на успех во борбата против пандемијата.
Наспроти тоа, аналитичарите забележале дека машките популистички лидери, како што се американскиот претседател Доналд Трамп, бразилскиот претседател Жаир Болсонар и британскиот премиер Борис Џонсон, имале проблеми да ги спречат појавите во нивните земји.
Во регионот, српската премиерка Aна Брнабиќ се покажа како порешителна и поодговорна во справување со пандемијата од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој честопати преземените одлуки емотивно ги коментираше во јавноста.
Во земјава, пак, експертите велат дека сѐ уште постои сомнеж за жена лидер. Посочуваат успешни жени во политиката, но сметаат дека не се застапени доволно.
Универзитетската професорка Солза Грчева, која е политички активна преку партијата Глас за Македонија, вели дека веќе станува дегутантно да се докажуваат жените како рамноправни со мажите, во сите сфери, а најмногу во политиката.
– Жените се прагматични и практични, но се покажале и како попосветени во работата. Затоа и сметам дека жените се потребни во политиката, пред сѐ поради нивниот аналитички дух, а и априори се почесни. Насочени се кон реално согледување и решавање на проблемите – објаснува Грчева.

Според неа, вистинита е констатацијата дека жените лидери во светот подобро се справиле со сите предизвици што ги донела пандемијата на коронавирусот, отколку мажите лидери. Причина за тоа, како што вели Грчева, е што жената на прво место го става здравјето на граѓаните, на нацијата, наместо да спроведува само државни политики.
– Меркел направи навремена превенција во Германија, Брнабиќ покажа силина во справувањето во Србија. За жал, кај нас не можам да одвојам една жена лидер што е на тоа ниво на жена политичар. Кај нас нема самостојна жена политичар, повеќе се тоа жени што следат одредени политики. Ни треба жена што ќе води, а не жена што ќе следи – вели професорката.
На последните парламентарни избори, посочува Грчева, народот не дал доверба за жена политичар, повеќе за лидер сакаат маж, бараат мачо-лидер, па повеќе би избрале дури и лидер што нема да им ја кажува вистината.

Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и претставничка на зелената политичка опција во Македонија, е убедена дека се потребни повеќе жени лидери за справување со оваа пандемија во Македонија, а и воопшто во светот.
Според неа, жените лидери во случајот со ковид-19 се покажале помудри и посветени на животот и на природата, додека кај мажите владеела повеќе бизнис-логиката и справувањето со економијата.
– Мажите и жените се различни по својата биологија и затоа имаат и различни приоритети. Кај жената има хуман однос, почит кон животот и природата, тие за неа се посуштински работи, отколку кај мажите. Мотивот за заштита на човечкиот живот е поизразен кај жената – објаснува Поповска.
Посочува дека во една ваква драматична ситуација сосема поинаку би се решавале состојбите и проблемите кога би имало повеќе жени лидери и во Македонија и во светот.
– Недостигот од жени лидери доведува до драматичен расплет, каде што не се посветува внимание на заштита на животот, туку повеќе се насочува кон економијата. Да се заштити животот сам по себе е најважно – нагласува Поповска.


Потребни ни се повеќе жени лидери?

Премногу е рано да се каже кои лидери ќе бидат успешни во мерките за спречување на коронавирусот и ќе спасат човечки животи, но примерите покажуваат дека значително поголем број лидери што рано и одлучно реагирале се жени. Годинава, само 10 од 152 избрани шефови на држави се жени, според Интерпарламентарната унија и ООН, а мажите сочинуваат 75 отсто од пратениците, 73 отсто се на раководни позиции, а 76 отсто во водечките медиуми.

Фумзиле Мламбо-Нгкука, директорката на организацијата за жени на ООН, порачала дека одамна е време да сфатиме дека на светот сериозно му требаат повеќе лидерки и наедно жените да бидат еднакво присутни во сите сфери на политиката.
– Барем малиот број на лидерки што успешно го спречија ширењето на пандемијата досега треба да ни покажат дека еднаквоста на половите е од клучно значење за светското јавно здравје и меѓународната безбедност. Создадовме свет каде што жените се присутни само 25 отсто, односно една четвртина, во политиката, на раководните позиции и во медиумите. Една четвртина не е доволна – порачала таа.

 

[email protected]