Промоција на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, објавена во издание на „Или-Или“ ќе се одржи утре (26 јули) во паркот на Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот, во рамки на манифестацијата „МКЦ за Скопје“ .
За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, кој ќе го води и разговорот со авторот, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.
Бројот на посетители е ограничен, влез само со бесплатни билети, кои може да ги набавите онлајн на веб-страницата: bileti.mkc.mk
„Скопје: изгубените чевли на градот“ содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. Зад квази-барокните архитектонски кулиси, предимензионираните милитантни споменици, покриени од вревата на славната квазиисторија – живеат луѓе, чиишто мали драми испреплетени со тајните на градот се многу поважни! Всушност, малите приказни се оние кои го прават градот жив, вибрантен и возбудлив. Токму за нив зборува, или се обидува да зборува книгата „Скопје: изгубените чевли на градот.
Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.